КАКО НАЈПОЗНАТИ ВЛАСИ НА БАЛКАНОТ: Калиопи, Тоше и Питу Гули во австриски магазин

Денес, 23-ти мај е Националниот ден на Власите. На денешен ден со посебен указ (ираде) во 1905 година Власите се признати за посебен народ од страна на султанот Абдул Хамид Втори во рамките на Отоманската империја.

Минатата година во австрискиот магазин „Космо“, поп-ѕвездите Калиопи и Тоше Проески, заедно со македонскиот револуционер Питу Гули, и браќата Манаки беа претставени како дел од најпознатите Власи на Балканот.


Тодор Тоше Проески беше горд на своето Крушево

Познати музичари, политичари, научници, бизнисмени се во изборот за магазинот, кој ја раскажува историјата на Власите на Јужниот Балкан, народ кој живее во голем број држави во регионот.


Поп-ѕвездата Калиопи е по потекло од Кичево


Андреи Сагуна, романски православен Метрополит е првиот пример на „Космо“ за најпознати Власи кои живеат на Балканот. Следат: Елена Георге, позната пејачка која во 2009 година ја претставуваше Романија ја „Евровизија“, Евангелос Аверлоф, покоен грчки политичар и автор на повеќе книги, пионерите на фотографијата и кинематографијата, браќата Манаки, српскиот математичар Јован Карамата, Калиопи- македонска пејачка, Никола Пашиќ, српски политичар и државник, поранешен премиер на Кралството Србија, Атинагора Константинополски, патријарх на Константинопол до 1972 година, Питу Гули-револуционер, романската тенисерка Симона Халеп, покојниот пејач Тоше Проески и уште неколку други.


Револуционерот Питу Гули е дел од најпознатите Власи на Балканот

„Ароманците претставуваат етничка група на јужниот Балкан, која живее во голем број држави во регионот. Но од каде доаѓаат и зошто има толку многу имиња? Ако побарате податоци за потеклото на својот народ, тогаш ќе слушнете стотина различни приказни во кои научниците сè уште не сосема се согласуваат. Некои теории се однесуваат на оваа етничка група како потомци на романизираните Тракијци или римски колонисти. Во текот на историјата, припадниците на романската етничка група се меѓу највлијателните и најзначајните историски личности на Балканот. Без разлика дали во науката, политиката, уметноста или во други области, речиси секоја од балканските земји има големо влашко влијание во својата историја“, стои во текстот на австрискиот магазин „Космо“.


Пионерите на фотографијата и кинематографијата, браќата Манаки

Тоше Проески, (1981- 2007), најпопуларниот македонски пејач на сите времиња со регионална кариера е по потекло од Крушево. Поп-ѕвездата Калиопи која два пати ја претставуваше Македонија на „Евросонг“ и е позната во целиот регион е родена во Кичево.

М.Џаровска