Како пејачите ги добиле уметничките имиња: Тајзи, Сара Мејс, Слаткар, Панчо…
Многу пејачи и музичари пред да стекнат светска слава одлучиле да ги променат вистинските имиња. Инспирацијата и причините за таквиот потег се различни, но повеќето од нив едноставно сакале да имаат препознатливо и оригинално уметничко име. Овој тренд го следат и македонските музички артисти.
Популарниот пејач и автор Тајзи е роден во Куманово, а вистинското име му е Драган Величковски. Прекарот го добил како дете.
- Како бебе сум бил црн и буцкаст, а тогаш бил актуелен легендарниот американски боксер Мајк Тајсон и почнале да ме викаат така. Подоцна тоа некако се смени во Тајзи. На почетокот многу се смеев и луѓето ме викаа Тејзи, Тизи и Тузе–откри младиот кантавтор.
Неговиот колега Марко Маринковиќ е Слаткар уште од четири години. Цел живот го носел тој прекар, бидејќи јадел многу благо. Слаткар земал и по кило колачи од локалната продавница
- Во локалниот минимаркет каде семејството Маринковиќ беше на рецка, знаев да земам кило колачи и со украдени 30 денари од дома да отидам на флипери. Јадев колачи и „пукав“. Момчето од таа флиперница ме нарече Слаткар и така остана до мои дваесет години кога станав Слаткаристика. Така ме „крсти“ Деко од „Клан Исток“ кој многу го почитувам–раскажа Маринковиќ.
Интересна приказна за уметничкиот прекар има и поп-пејачката Сара Костадиновска. Уште по промоцијата на првиот спот, таа почна да им се претставува на новинарите како Сара Мејс. „Кумот“ на Сара Мејс е бугарски професор.
- Мејс (Mace) е кратенка од Macedonia, па сосема случајно станав Сара Македонска. „Кум“ ми е бугарскиот професор Стефан Драгостинов кој ми предаваше композиција–објасни таа во едно интервју.
Ретко кој би се сетил за кого станува збор, ако прочитате дека Владимир Блажев снимил нова песна. Сите го препознаваат како Панчо од аренби дуото „ДНК“ или како диџеј Шорти Пи. Првиот прекар му е уште од дете. Кога тргнал во училиште му направиле „четка“ фризура и оттогаш е Панчо.
- Како мал бев панкер. Момците кои ме пораснаа во маало, Даре, Зоки и Наум, ми направија фризура „четка“ кога имав седум години. Оттогаш ме викаат така и ретко кој ми се обраќа со Владимир – признава познатиот пејач и автор.
Како диџеј, Блажев е дел и од домашната клупска сцена, а настапува како Шорти Пи.
- Шорти дека сум низок, а Пи е скратено од Панчо – појасни тој.
Ѓ.С.