Каков впечаток оставаат со својата вербална и невербална комуникација Рашела Мизрахи, Мила Царовска и Теута Арифи: Анализа на Елена Антоновска професионален коуч на ИЦФ и тренер

Во македонската политика, многу малку политичар(к)и издвојуваат време, кое го посветуваат на јавниот настап и на комуникацијата со јавноста, па дури и кај тие кои имаат тим зад себе, кој треба да се грижи за овие работи. Според Елена Антоновска професионален коуч на ИЦФ и тренер  општите совети се дека тимот постои за да се сослушува и слуша.

-Советите кои им се даваат се за нивно добро, дури и тогаш кога задираат во тоа што некој би го сметал за приватно и несоодветно за менување или коментирање. Тие кои немаат тимови, секако може да одлучат да се обратат кај луѓе кои работат на ова поле и кои може професионално да им помогнат да се унапредат, затоа што јавниот настап, како и секој аспект од личниот развој се подобрува само со постојано посветување внимание и вежбање -, вели Антоновска и дополнува дека жените во македонската политика исклучително повеќе време имаат посветено на своите јавни настапи и притоа покажуваат многу повеќе сензибилитет во комуникацијата со јавноста и со медиумите.

- Ова може да се истакне како потиснатост од страна на машките колеги, кои имаат далеку позастапена ароганција и агресија во настапите, при што во секоја дадена ситуација своите колешки ги ставаат или само поради рамноправност, или зад себе. Но, може да влече и корени од потребата да се биде жена, значи да се биде и посмирена и поемпатична, а никако агресивна, зашто општеството во спротивно би те окарактеризирало стереотипно како хистерична, што за мажите тоа никогаш не би го кажале. На оваа родова рамноправност мора да се работи и притоа и токму мажите кај нас треба да учат од жените во политиката, а притоа жените да ги остават да бидат послободни во тоа што се, наспроти тоа кое некој друг го замислил за нив – заклучува Антоновска.

Елена Антоновска е професионален сертифициран коуч акредитиран од Интернационалната коучинг федерација (ICF – PCC), тренер и сопственик на Ars Lucida – Coaching & Training Таа е Фасилитатор на програмата The Art & Science of Coaching на Erickson Coaching International и Eксперт Тренер на Cirrus Connect LTD. Член на ICF - Интернационалната коучинг федерација и IAF – Интернационалната Асоцијација на Фасилитатори. Листата на вештини и методи кои влегуваат во нејзиниот домен на работа е долга. Нејзиното професионално искуство е стекнато во разни бизнис опкружувања, од државни институции, осигурување, односи со јавност и независна работа на полето на личниот и професионалниот развој, комуникација и коучинг, претприемништво.

Антоновска за женски магазин одбра три политичарки, за анализа на нивната вербална и невербална комуникација - Рашела Мизрахи - пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Мила Царовска - министерка за образование и наука, Теута Арифи - градоначалничка на општина Тетово.

Мизрахи со имиџ соодветен на пратеничката функција

Рашела Мизрахи - пратеничката Мизрахи исто така припаѓа на поновата генерација политичарки кај кои се гледа одмереноста, елоквентноста и смиреноста. Нејзината вербална комуникација се одликува со острина, која не секому се допаѓа, но, тоа не значи дека тоа е лошо. Напротив, оддава впечаток дека точно знае кому се обраќа и зошто тоа го прави на тој начин. Таа не држи еден ист и постојан тон, како кај повеќето случаи од нејзините колешки, туку варира во зависност од ситуацијата. Нејзиниот имиџ е соодветен на пратеничката функција и можеби на моменти малку престрог и конзервативен, иако знае да се стави себеси и надвор од комфорот, одбирајќи поостри бои. Невербалната комуникација има потреба од одредена доза на смирување, зашто во дадени моменти нејзиниот говор на телото има став кој истакнува атак, што не секогаш е потребен. Додека пак, кај фацијална експресија потребно е смирување на кревањето на веѓите, кои истакнуваат непотребна зачуденост или несоодветен гард. 

Царовска е пример како треба да се разговара со публиката

Мила Царовска - комплетно различен пристап кон комуникацијата со јавноста, што е и одлика на генерацијата млади политичар(к)и, кои имаат различен сензибилитет од повозрасните. Министерката Царовска во својата вербална комуникација е пример за тоа како треба да се разговара со публиката, со новинарите, но и во односот на јавните настапи. Нејзината елоквентност, одмереност, смиреност и посветеното ислушување на спротивната страна ја издвојува од другите во политиката. Кога станува збор за невербалната комуникација, веројатно е на исто ниво како и вербалната, бидејќи нејзиниот имиџ е сосема соодветен за функцијата која ја врши. Сепак на моменти и покрај големата смиреност на гестикулациите и на очниот контакт, нејзината фацијална експресија ретко знае да оддаде и скриена доза на надменост, во услови кога и' се поставуваат прашања кои не и' се допаѓаат.

Арифи е многу поостра варијанта од својот лидер

Теута Арифи - во изминатите децении во кои е постојано дел од политиката, актуелната градоначалничка на Тетово се истакна себеси како многу поостра и поприсутна варијанта од лидерот на партијата од која доаѓа. За разлика од другите партии, тука е поразличен пристапот, каде што острината, а сепак со една бескрајна смиреност, која не ја покажувал Али Ахмети, Теута Арифи ја истакнуваше во јавноста. Нејзината вербална комуникација, иако во последните години е сведена на минимум, сепак се одразува со исклучителна реч, постојана афирмација на своите и на ставовите на партијата, внимателност при изборот на зборовите и еден лаконски пристап на говорот. Дури и кога ќе се покажела нервоза, се добива впечаток дека таа нервоза била добро пресметана зошто, како и колку да се покаже на јавноста. Со текот на годините, нејзиниот имиџ од посебен, остана ист и со тоа веќе стана можеби повеќе неинтересен и невпечатлив. Нејзината невербална комуникација е на скоро исто ниво како и вербалната. Точно се знае каде, со кого и како се гестикулира, точно ја познава својата публика и кому се обраќа. Единствено ја издаваат изразите на лицето, кои на моменти не може да ги сокрие, особено кога се чувствува нападната. Доколку нападот доаѓа од страна на маж, покажува нервоза, а доколку е од жена, тогаш е надменост.

Соња Алексоска Неделковска