Карлеуша е одмерена, фина, културна и супер како човек: Димитар Андоновски за ѕвездите кои доаѓаат во Битола

Добивај вести на Viber

Долги години е на домашната естрада како пејач, сега веќе и успешен театарски, но и филмски композитор. Нема музички бизнис кој битолчанецот Димитар Андоновски не може да го претвори во злато. Таква е приказната и со клубот „Голд фелициа“ кој го менаџира, а таму гостуваат најголемите домашни поп ѕвезди и музичари од поранешна Југославија. Скромен и ненаметлив, Андоновски не се фали со своите музички успеси, кои ги преминаа нашите граници. Најважен му е мирот дома, со неговата љубов Христина, синовите Михаил (7) и пет ипол месечниот Гаврил. За дружбата со колегите, за кабаре настаните кои ги организира, за семејството, и за тоа какви се Брена, Карлеуша, Јелена Томашевиќ и другите ѕвезди кои пееле во клубот, Димитар зборува за Женски магазин.

* Последнава година си активно ангажиран околу клубот „Голд Фелициа“, која е точно твојата активност таму, дали си сопственик на клубот или менаџер?

- „Голд Фелициа“ е местото што во последнава година буквално стана мојот втор дом.Јас сум менаџер на целиот комплекс, но и како уметнички директор  ја водам целата  уметничката концертна програма како и кабаре шоуто каде што секој викенд учествуваат над 40 Македонски уметници, пејачи, танчари, глумци, кореографи, костимографи. Овој проект, кабаре шоуто привлече големо внимание ширум Македонија но и пошироко и стана белег на самиот објект. Секоја недела интересот е сè поголем и поголем, бидејќи направивме луѓето да имаат можност да се забавуваат на еден поинаков начин. Затоа ги поканувам сите кои сакаат да уживаат во четиричасовната кабаре програма да нè посетат во „Голд Фелициа“, да си резервираат навреме и да уживаат заедно со нас.

* Кои сè ѕвезди од македонската и од екс југословенската естрада гостувале таму досега, и кои се планирани во иднина?

- Во изминатата година, секој четврток настапуваат екслузивни естрадни музички имиња од македонската и екс југословенската естрада. Би ги издвоил Каролина Гочева, ДНК, Владо Јаневски, Лозано, „Нокаут“, Игор Џамбазов од македонската сцена како и Лепа Брена, Ацо Пеовиќ, Саша Матиќ, Саша Ковачевиќ, Јелена Карлеуша, Јелена Томашевиќ, Наташа Беквалац, Џенан Лончаревиќ, Сергеј Ќетковиќ, Аца Лукас и многу други кои имаа свој концерт. На 1 август, концерт ќе одржи Здравко Чолиќ.  

* Со кого дружбата беше најитересна од сите нив, можеш ли да ни раскажеш некоја ангедота?

- Најмногу си уживам со моите колеги од македонска естрада кога и најчесто после настапите знаеме да пееме и да се забавуваме до раните утрински часови. Од екс југословенската естрада би ја издвоил дружбата и муабетењето со Саша Матиќ, еден од ретките добри луѓе од естрадата, Јелена Томашевиќ како одличен човек и уметник и многу други.

* Каква е на пример Лепа Брена, каков впечаток ти остави таа?

- Лепа Брена е ѕвезда која што сè уште ја ужива својата популарност и слава.Таа е голем професионалец и така и се однесува и во јавноста. Не е случајно тоа што години беше женска музичка икона на југослвенските простори.

* Многу се зборуваше за настапот на Јелена Карлеуша, приватнот авион со кој стасала, нејзината облека. Каква е Карлеуша одблиску, како ја доживеа ти?

- Јас ја пречекав како домаќин на Аеродромот во Охрид. Јелена е навистина многу спротивна од она што го знаеме по медиумите за нејзиниот темперамент и екцентричност. Напротив, не бараше ништо специјално, многу е одмерена, фина, културна и е супер како човек и многу ми е мило што беше воодушевена од убавините на Битола.

* Има ли ѕвезди кои претеруваат во барањата, како се справувате со нив?

- Имам чуство дека помалите звезди се однесуваат како да се мега звезди, а најголемите се поедноставни и поскромни. Барања има од сите, кога повеќе, кога помалку но ние сме познати по тоа дека сме добри домаќини и секогаш правиме убаво да се чуствуваат нашите гости.

* Како одговараш на негативните коментари дека во клубот повеќе се форсира екс југословенската од македонската музика?

- Не е точно дека форсирам само естрада од екс југослевеснките простори. „Голд Фелициа“ е најголем поддржувач на македонските уметници. И досега се нема случено во историјата на Македонија во еден локал секој викенд да настапуваат над 40 македонски уметници. Поголема поддршка немало и не верувам дека уште еднаш ќе има. Ние сме како едно големо уметничко семејство благодарение на сопственикот на „Голд Фелициа“ Никола Митровски кој е најголемиот поддржувач на македонските артисти и музика што го познавам. Исто така, со свои концерти настапиле најголемите македонски музички имиња  што предходно ги набројав како и бројни локални групи. За жал, кај нас во медиумите повеќе се форсира музиката што доаѓа од соседството отколку македонската музика, па затоа и луѓето сакаат да го консумираат повеќе она што повеќе им се пласира од медиумите.

* Искрено, има ли големи разлики во хонорарите на нашите, и пејачите од соседството?

- За жал да, но сметам дека кај голем дел од хонорарите што ги бара екс југословенската но и дел и од македонската естрада се нереални, со чест на исклучоци кои си го заслужиле својот хонорар до крај.


* Како сте по дома, како се организрате околу обврските со мало бебе и со дете кое оди на училиште? Со оглед на тоа дека во клубот се задржуваш до доцна, успеваш ли да се наспиеш убаво? 

- Благодарение на мојата Христина успевам да се снајдам во сите обрски.Таа е повеќе посветена на децата и семејството јас сум цело време работно отсутен, но секогаш се трудам да балансирам и секој слободен миг да сум со своите најблиски. Гаврил, Михаил и Христина се мојата сила и му благодарам на Бог што имам вакво прекрасно семејство што ме разбира, ме сака и ми дава сила.

* На кој дел од твојата авторска- музичка работа си особено горд во последниов период?

-Периодов имам многу музички проекти на кои сум посебно горд. Работев на музика за претстави во Србија ,Нови Сад во Унгарскиот театар ,,Ујвидеки Синхаз“, за претставата ,,Идиот“ од Достоевски во режија на Андеј Цветановски. Моментално работам во “Народно позориште“ во Лесковац на музика за  претставата ,,Домот на Бернарда Алба“, музика за претставата „Амбасадор“ ,во театарот во Штип. За првпат оваа година ми се оствари сонот да станам и филмски композитор. Работев на музиката за филмот „Денот на жената“, во режија на Гоце Цветановски и истиот филм за скоро ќе ја има својата официјална промоција во кино салите низ Македонија и на европските филмски фестивали. Да не ја заборавам и музичката соработка со Благојче Трајковски, Сара Мејс и групата „Фонтана“ и преработката на песната „Ако одам во Битола“, за која сметам дека оставивме парче душа во самата преработка. Во иднина следуваат уште многу вакви музички проекти.

Милица Џаровска

Фото: Инстаграм/Димитар Андоновски