Каролина сè поубава и поубава: Повторно изнуди воздишки во фасцинантно драматичен фустан на концертот во Скопје (ГАЛЕРИЈА)

Каролина Гочева изгледа сè подобро од концерт на концерт, од настап на настап, од една до друга модна кампања или проект во кој е вклучена.

Сношти одржа концерт по повод 10-тиот роденден на „Скопје Сити мол“ на кровот на шопинг центарот, во весела и урбана атмосфера. Во склад со настанот, облечена во розов мини фустан со гол грб, на високи потпетици, Каролина изгледаше фантастично.


-Не ми се верува дека по она вчера, имаме еден ваков убав ден денеска. Драго ми е што се дружиме во една ваква урбана атмосфера на еден од последните топли денови“, рече поп-ѕвездата чиј концерт се одложи за еден ден, поради невремето во саботата.

Три месеци по убавиот концерт на стадионот на АРМ кој го одржа во јули, по летните одмори, Каролина се врати пред скопската публика уште поубава, порасположена и повесела и со изборот на песните ги направи среќни сите околу неа. Од јули досега, таа е побогата за уште еден нов хит „Од небо до дно“, а познатите песни кои сите ги сакаме на секој нов концерт звучат како тазе снимени.


Кај Каролина како да нема стари и нови песни. „Кажи ми“, „Од нас зависи“, „Хипокрит“, „Без оглед на сè“, „Не се враќаш“, „Капка под небото“, различните генерации кои ја следат низ годините секогаш наоѓаат свој хит. Помладите сега ги слушаат постарите песни, и за нив се нови и актуелни, а за оние кои растеле и созревале со нив се убав спомен.

Следејќи ги реакциите на најверната публика во првите редови, Каролина го замоли бендот и придружните вокали Ана и Сара да го сменат репертоарот во еден момент, па непланирано ја испеа „Ѕвона“. Оваа песна е голем хит кај помладата публика, а и самата е испеана во придружба на детски хор.


Она што кај Каролина не се менува е нејзината среќа и уживање на сцената кое е видливо на секој настап, а кога музичарите ја споделуваат таа среќа со публиката и обратно, секој нов концерт е уникатно доживување.


Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски