Кажи гласно МЕНСТРУАЦИЈА: Една поинаква приказна на Ана Бунтеска
Тоа се “оние” денови во месецот, кога го имате “она” или кажувате “имам добиено”. Преќутно, сите знаат дека имате менструација или мензис. Но, некако како да се избегнува да се говори гласно за тоа. Една најобична работа со која се соочува секоја жена уште е табу тема во секојдневието. А јас многу сакам да разбивам табуа, да не речам дека просто уживам во тоа. Пластично кажано, менструацијата е крварење предизвикано од неоплодените јајце клетки кои пукаат, со што паѓа нивото на хормони и настанува лупење на матката. Крвта и излупеното ткиво се исфрлаат преку вагината. Се згрозивте? Добро, ќе ви мине.
Добив менструација точно на мојот 13-ти роденден. Среќа што знаев што ми се случува, бидејќи имав другарки кои тоа го доживуваа на многу трауматичен начин. Во моето семејство да се зборува за мензис никогаш не било пропратено со гадење или со прикривање. За оние кои не знаат, јас сум едно дете на мајка и татко. Се разбира дека се’ што се случуваше во нашето семејство се ставаше на астал и се дискутираше за тоа. Татко ми секогаш се шегуваше дека сите соседи го паметат по тоа што купуваше улошки за мајка ми и за мене. Демек, му се потсмевале оти бил маж, а купувал улошки. Среќа што татко ми како нашетан и умен човек, никогаш не го ставал тоа потсмевање под точка разно. Купувањето улошки било третирано исто како купување паста за заби, тоалетна хартија, леб и останатите продукти. Некогаш на шега знаеше да каже дека едвај чека мајка ми да влезе во менопауза, а јас да се омажам за да се растерети од “бруката”.
Паметам дека кога одев во продавница во “оние” денови, улошките ми ги виткаа во листови од стари весници со заверенички поглед, ко (не дај Боже) оружје да купувам па треба да се сокрие. Најлонските вреќички во мое време беа прозирни и беше жив срам да ти се ѕиркаат улошките. Каква будалаштина! Правење фама од она што природата толку совршено и прецизно го има стокмено. Женското тело си има свои одредени функции кои настануваат како резултат на причинско-последични врски. Оплодена јајце клетка-бременост, неоплодена јајце клетка-менструација. Впрочем, добивањето мензис го означува почетокот на репродуктивниот период на жената. Од каде тогаш она табуизирање на една сосем нормална работа? Чувство на срам и гадење од себе, пропратено со фактот дека жената не е “чиста” во деновите кога има менструација. Па оттаму и оние глупоштини околу тоа дали се оди на посета кај бебе кога имаме добиено или дали се влегува в црква. Како да сме болни или лепрозни.
Тврдам дека се’ почнува и завршува со начинот на воспитување. Како да стана поважно да ги научиме децата на се’, освен на тоа да си го спознаат сопственото тело. Тврдам дека кај денешниве млади уште постојат дилеми околу тоа од каде уринираме, а од каде добиваме менструација. Децата повеќе знаат да ракуваат со мобилни телефони и со компјутери, отколку што имаат познавање за своето тело и за основните негови функции. Уште позачудувачки е фактот што во руралните средини менструацијата е нешто за што не само што не се зборува туку и се сокрива, особено пред машкиот дел од семејството. Поразително е тоа што во 21 век кај нас уште има девојчиња кои одраснуваат без основни информации за менструацијата и што да прават од аспект на основната хигиена во однос на тоа. И кога не зборуваме гласно за ова, како да зборуваме гласно за контрацепција или за сексуално преносливи болести. Основата која ни е стигматизирана, ги кочи сите понатамошни едукации.
Пишувајќи на темава, разговарав со мајка ми за нејзиното искуство во поглед на менструацијата. Ми раскажа дека кога таа била млада не постоеле улошки, туку исечени платна, штепувани на машина кои ги викале “спастрии” и кои се ставале за да се апсорбира крвта. На почетокот и крајот од “спастриите” (за кои мислам дека потекнуваат од зборот “спастри”, оти нели се спаструваш за да не се направиш лом) имало дупчиња низ кои се провирало јаженце за да можат да се врзат.
Со оглед на тоа каде живееме и земајќи ги предвид социјалните прилики, прашање е колку млади девојки и жени можат да си приуштат купување улошки. Времетраењето на менструалниот циклус варира од 2-7 дена во просек, а обилноста на крварењето е индивидуална. Не дека е за фалење, ама кај мене менструалниот циклус трае 7 дена (да не се пропуштело ниту еден ден!) и е обилен. Во просек, за да поминам еден менструален циклус трошам околу 800-1000 денари месечно само за тоа. Е сега, замислете семејства во кои има 2 женски деца и направете пресметка (земете предвид дека можеби и мајката не е во менопауза).
Отсекогаш ме нервирал потсмешливиот однос кон ПМС-от и менструацијата. Не ретко сум слушала, па и доживеала одредена моја постапка или кажување што ми пречи да биде проследено со коментар од типот “да не си во ПМС” или “имаш добиено, така?”. Демек, тоа е нешто што од жената прави ѕвер. Не велам дека хормоните не влијаат на одредени расположенија или постапки кај жените, но генерализирањето дека кога нешто и’ пречи на жената мора да е заради месечниот циклус или негово очекување, ме вади од такт.
Учете ги децата да си го знаат телото. Учете ги да не се срамат од природните функции кои тоа ги има. Учете ги синовите да не го идеализираат женското тело и да не се гадат од нормалните пропратни ефекти. Имаме менструација, одиме по голема нужда, имаме гасови. Тоа што сме воспитувани да создаваме слика за себе како за совршени битија кои немаат нормални потреби, треба да се искорени. Менструацијата не е казна, туку благослов. Здраво женско тело продуцира јајце клетки. Здраво женско тело има ментруален циклус. Не ретко, пореметувањето на менструалниот циклус знае да е аларм на посериозни заболувања кај жената.
Драги девојчиња и девојки, научете да се сакате. Научете се’ што можете за себе за да израснете во жени кои ќе знаат да си ги препознаваат симптомите на сопственото тело. Тоа многу ќе ви каже и за вашето здравје. Не се срамете да кажете дека имате МЕНСТРУАЦИЈА. Токму така, без да поцрвенувате и без да се чувствувате незгодно. И да, секој мобилен телефон има календар. Во него забележувајте кога сте добиле мензис и колку дена ви траел. Водете сметка за себе. Зборот МЕНСТРУАЦИЈА треба да е на истото ниво со “благодарам”, ”повели”, ”извини”...да е основа и култура на нашето живеење.
Јас сум Ана Бунтеска, жена, мајка, пишувач. Имам 47 години и последен пат имав менструација на 3-ти Мај 2019 година и ми траеше 7 дена. А вие?
За Женски Магазин, Ана Бунтеска