Ќе бидам на Оскарите за да ја поддржам „Медена земја“: Интервју со Горјан Тозија-Медо

Добивај вести на Viber

-Во филмскиот свет сум повеќе од 35 години. Работев за американски компании долго време и имав можност да запознаам многу ѕвезди. Познавам многу луѓе од светската филмска индустрија, некои ми се пријатели, некои пак познаници и соработници. Погрешен е впечатокот дека со филмските ѕвезди на фестивалите баш се остваруваат познанства. Има милионска фреквенција на луѓе, се среќавате, разменувате можеби збор или два, и се останува во таа атмосфера тогаш и таму. На папараците и фановите останува да се борат за фотографија, ни изјави Горјан Тозија- Медо (66) во ексклузивното интервју за „Женски магазин“ пред тргнувањето во Холивуд.

Како директор на Агенцијата за филм, ќе присуствува на Ноќта на оскарите во театарот „Долби“, вели како сведок на едно испишување на историјата-двете номинации за Оскар на документарецот „Медена земја“.

*Кои се членовите на македонската екипа што што ќе бидат во Холивуд за Ноќта на оскарите?

- Изминатата година несомнено беше во знакот на успесите на македонската кинематографија а истото кулминираше со две номинации за Оскар. Македонската екипа која ја има честа да не претставува на церемонијата на доделување на Оскарите, најголемиот и најпрестижен филмски настан на годината, се разбира е составена од режисерите на „Медена земја“ , Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, и членовите на филмската екипа кои учествуваа во реализацијата на филмот, продуцентот Атанас Георгиев, кинематограферите Фејми Даут и Самир Љума и секако, протагонистката на филмот, Атиџе Муратова.

*Во кое својство Вие ќе присуствувате на Ноќта на оскарите?

- Филмот го создадоа авторите, успехот е нивни. Агенцијата за филм е тука, да ги препознае, поддржи и да им даде ветар во грбот на ваквите ремек дела. Неизмерно ми е драго што како директор на Агенцијата за филм која препознавајќи го потенцијалот на „Медена земја“ максимално финансиски ја поддржа реализацијата на филмот, и тоа дека сум сведок на едно испишување на историјата. За прв пат во постоењето на македонската кинематографија еден филм е претставен со две номинации на престижната награда Оскар и за прв пат во постоењето на манифестацијата, документарен филм се бори за награда и во категоријата за најдобар странски филм. Инаку моите посети на овој црвен килим како и на другите фестивали, пред да бидам директор во Агенцијата, ги правев во својство на продуцент, а сега овие патувања се сосема редуцирани, можам да кажам дека се намалени за 70 отсто од патувањата што ги реализирале моите претходници и својата позиција ја користеле како да се во туристичка агеннција. Како и да е, овој пат навистина се радувам и моја одговорност е со своето присуство да ја поддржам нашата екипа во ноќта на оскарите.

*Каде ќе бидете сместени?

- Можеби во хотел, можеби кај мои пријатели.

*Чест гостин сте на црвените килими ширум светот. По што се разликува Оскаровскиот од останатите?

- Оскарот е врв на врвот, последната и највисоката станица на успехот, погоре нема. Оваа година ја одбележува 92. доделување на наградата Оскар, меѓународно признание за извонредни филмски достигнувања, за прв пат доделено далечната 1929 година во историскиот хотел „Рузвелт“. Како најстара манифестација во светот која ја афирмира и промовира светската кинематографија и повлекува фреквенција на најпознатите и највлијателните имиња во светската филмска индустрија истата прерасна во најпрестижниот и најгламурозен културен настан на годината. Секој филмски фестивал има своја тежина и идентитет како функционална филмска смотра, Кан, Берлин, Венеција се секако најголемите дострели за промоција на филмската уметност но секако дека Оскарот е епицентарот на случувањата, Американската филмска академија на некој начин, може да се каже дека го става последниот печат на продукцијата сработена во една година. Филмовите минуваат низ безбројни филтри и пред критиката и пред публиката и штом се најдат на оваа церемонија, тоа се оние најдобрите меѓу најдобрите.

Со славниот режисер Дејвид Линч

*Појавувањето на црвениот килим на Оскарите е голем престиж и од модна гледна точка. Што ќе облечете за големата ноќ?

- Самиот престиж на оваа манифестација налага и соодветен дрес код и очекувано е дека понежниот пол ќе изненади со прекрасни тоалети, а за мажите важи правилото “Black tie”. Инаку, мојот смокинг е Ралф Лорен и како работно одело ме служел сигурно на 40-тина фестивали во последниве 10 години, откако е купен. Има еден куриозитет, купен е во Њујорк но кога дојдов дома, видов на етикетата дека е шиен во Македонија.

*Ја имавте ретката прилика да бидете на Оскарите пред 25 години кога беше номиниран филмот „Пред дождот“ на Манчевски, и сега со „Медена земја“. Какви се шансите, според вас, да освоиме Оскар?

- Самото номинирање во две категории на наградата Оскар е неверојатно достигнување. Филмот во трката е рамо до рамо со антологиското остварување на Педро Алмодовар, „Болка и слава“ и со канскиот победник „Паразит“. Се што следи потоа...Оскарот секако е добредојден.

*Кои ѕвезди тогаш ги запознавте, а кои би сакале сега?

- Во филмскиот свет сум повеќе од 35 години. Работев за американски компании долго време и имав можност да запознаам многу ѕвезди. Познавам многу луѓе од светската филмска индустрија, некои ми се пријатели, некои пак познаници и соработници. Погрешен е впечатокот дека со филмските ѕвезди на фестивалите баш се остваруваат познанства. Има милионска фреквенција на луѓе, се среќавате, разменувате можеби збор или два, и се останува во таа атмосфера тогаш и таму. На папараците и фановите останува да се борат за фотографија. 

*Кои оскаровски моменти ги паметите како посебни?

- Честа да се биде дел од една манифестација од ваков карактер, во присуство на великани од светот на кинематографијата е привилегија сама по себе.

*Што се случува зад сцената на доделувањето на Оскарите?

- После Церемонијата се организира гала вечера каде што се делат големи и скапи награди, како патувања, авионски летови од прва класа, часовници, спа третмани, па така на најголемите звезди најголемите награди. Потоа почнуваат забавите, продукциите кои добиле Оскар или имаат повеќе номинации организираат забави а најпосакувана е онаа на Vanity Fair, па кој колку може да издржи да се забавува.

*Кои се привилегиите за екипата на номинираниот филм, и земјата од каде доаѓаат кога сте во трка за Оскарот?

-Имајќи ја честа по 25 години македонски автори повторно да станат дел од најгламурозниот настан кој ги слави извонредните филмски достигнувања од изминатата година е показател сам по себе дека и нашата земја е на мапата на светската кинематографија. Секако дека, вратите на светската филмска индустрија за овие наши филмаџии сега се ширум отворени, соработката со светски продукции, понуда за кинематограферите и т.н.

*Дали „Медена земја“ заработува уште од сега пари и колку главната протагонистка Атиџе Муратова евентуално ќе заработи ( со оглед дека во документарец не следи хонорар) ?

- „Медена земја“ досега не заработи ништо. Фактот што нешто се заработило на кино благајните од прикажувањето во САД и во други земји, е вложено за промоција на филмот. Да се стигне до номинации, освен што е важно да имате одличен филм, мора да се вложат многу пари. Повеќе е вложено е во филмот да стигне до тука отколку што тој има приход од дистрибуција. Се надевам дека после ова ќе заработи, тоа секако зависи од дистрибутерот „Неон“ кој ги има овие права.

*Кои филмови, режисери и актери годинава се ваши фаворити?

-Во категоријата за најдобар документарен и најдобар странски филм одговорот е јасен . Согласно предвидувањата, најголеми шанси за најдобар филм има „Џокер“ на Тод Филипс, како филм кој оваа година има рекорден број на 11 номинации во различни категории. Како мој личен фаворит би го издвоил „1917“ на Сем Мендез додека во категоријата за најдобар актер се надевам дека статуетката оваа година ќе ја понесе Антонио Бандерас за според мене најдобрата улога во неговата кариера во автобиографскиот филм на Педро Алмодовар.

Лејла Сабит