Ќе дадам сѐ од себе за мојата татковина: Васил Гарванлиев ќе патува на „Евросонг“ во Ротердам

Добивај вести на Viber

Васил Гарванлиев ќе ја претставува Северна Македонија на евровизискиот избор во Ротердам, Холандија, одлучи менаџментот на национлниот сервис. Пејачот кој и лани отпатува на „Евросонг“ како придружен вокал на Тамара Тодевска, во неговото официјално обраќање до јавноста се заблагодарува на целиот тим на МРТВ кој го изласал и му ја дал довербата токму тој да ја има честа, но и одговорноста да ги брани боите на нашата земја на најголемото европско музичко натпреварување.  

- Од кога паметам за себе, музиката e сѐ што правам, за што постојам, а многу често беше и е единствената светла точка во мојот живот. И покрај тоа што имам долгодишно искуство на меѓународни сцени свесен сум за предизвикот и одговорноста што претстојат за време на овој глобален настан, особено после успешниот пласман со Тамара минатата година. Сакам накратко да се oбратам на сите тие кои сонуваат и не се откажуваат од нивните амбиции. Патеката не секогаш е лесна, но еден ден секој чекор изоден напред со вложен труд и искрена љубов кон тоа што го правите ќе вроди со плод. Не се откажувајте никогаш! - пишува Гарванлиев.

Пејачот кој се прослави уште како дете со нумерата „Марионка“ вели дека е максимално подготвен за ова ново „патување“, како што вели со отворено срце и искрена приказна. 

- Овојпат ветувам дека ќе дадам сѐ од себе за мојата татковина, за сите нас!!! Се гледаме во Ротердам - порачува тој.

Васил Гарванлиев, по потекло од Струмица, освен успешна интернационална музичка кариера, има тешка животна приказна. Кога имал 17 години, него и неговото семејство ги депортирале од САД. Живеел во Милано, па во Торонто, па повторно во САД. Во меѓувреме, за само една година, во сообраќајна несреќа загинале и татко му и баба му, во период кога секој член од семејството живеел на различна страна од светот. Најинтимните моменти од тешкиот период, Васил претходно ги сподели за „Женски магазин“. 

Ѓ.С.