Ќе ослабам 28 килограми за стендап шоуто: Искрено со Весна Бејби

На 10 март ќе наполни 49 години, а на 13 март од 20 часот во Македонскиот народен театар, ќе прослави поинаков роденден, 25 години на театарската сцена. Во стендап шоуто кое Весна Бејби Петрушевска го нарече „Влези, не се соблакај“ вели дека во фокусот на темите ќе биде нејзиниот живот, но и актуелните министри. До 13 март, целта на Бејби е да ослабе 28 килограми, и верува дека ќе ја оствари со новиот режим на исхрана кој го пременува. 

„ Долго време се мислев дали треба воопшто да се одбележува некој јубилеј. Во држава каде што  некого забораваме , мислам дека е вистинско време да си се почитуваш самиот себеси. Мене МНТ ми е првата и последна љубов веројатно. Љубов која нема граници и е немерлива. Тоа никој и никогаш нема да може да ми го одземе. Едно време застануваш и престануваш да броиш улоги, продадени билети како потврда за успехот, одредени кланови кои меѓу себе си разменуваат проекти. Потполно неважно. Мојата мисија била и ќе биде да оставам било каков траг по кој барем некој ќе ме памети. Јас сиот мој живот го посветив на актерството и тоа го пренесувам на деца и на тинејџери. Тврдам дека театарот е живот и без него не умееме да дишеме. Тој е потврда за еден народ, за едно културно време, за поттик“, вели Весна чии малци глумци од  актерска школа Весна Петрушевска- „Бејби шоу“ неодамна ја имаа премиерата на „Нашата љубов“, а претставата е на редовен репертоар на МНТ.

Во шоуто, вели Весна, таа најмногу ќе се чепне себеси како што е ред во вистинската форма на стендапот. 

„Многу е добро кога можеш самиот себеси да се вжештуваш и преку својот лик да ја понудиш својата диоптрија за животот и за луѓето. Велат дека е најтешко, но е најслатко! За сѐ ќе зборувам имајќи го предвид мојот живот и моите приказни, но од оваа временска дистанца тоа звучи поинаку. Министрите ќе ми бидат фокус. Многу малку господа, многу повеќе министри“, ни раскажа Весна. 

Актерката, е позната по тоа што секогаш отворено зборува за својот приватен живот, а тоа ќе биде случај и на јубилејниот настап. На крајот на 2017 година, Весна беше во фокусот на јавноста откако нејзиниот автомобил падна во Вардар од паркингот на МНТ. 

„ Автомобилот добива сѐ повеќе и повеќе една визионерска смисла. Да не беше автомобилот многу мистерии немаше да бидат решени, почнувајќи од пловниот аспект па преку главната мистерија дека навистина сум влегла и сум излегла од него. Сѐ ќе се знае на 13 март. Убава бројка нели?“, најавува Бејби. 

Муабетот со неа секогаш лесно оди. Во минатото интервју за Женски магазин, разговаравме за нејзината улога на „плус сајз“ модел за една домашна модна колекција, а овој пат Весна ни ја откри својата нова замислена цел, до 13 март да ослабе 28 килограми. 


„ Долги години си имав проблем со килограмите. Ако веруваш дека кога се одлучив на „Протекал“ која е протеинска исхрана , докторката само се сврте и ми кажа дека имам 89 килограми. Мислев дека ќе се онесвестам. Уште ми трае процесот и целата приказна е да го смениш начинот на живеење. Јас бев зависник од чоколади, месечарев до дневна и назад во спална. Како во некој сон, другото утро немав поим дека сум станала и сум јадела. Тогаш сфатив дека мојата зависност е страшна. Имам пред себе задача да симнам 28 килограми и еве си ја слушам докторка Гордана“, раскажува актерката.

За крај, Весна на кусо се сеќава на 25-те години поминати во театарот и на жртвите за кои вели дека треба да се направат да се остане на сцената. 

Пред 25 години, миленикот на Весна, Рекс имаше деби во театарската претстава „Кројач за дами“ во МНТ, а го играше ликот на Роза Вртешелешка. Потоа Рекс настапи со Маја Вукиќевиќ на еден домашен фестивал.- Весна со стилистот Александар Билјановски- Дадар и со миленикот Буби 

„ Нема лошо искуство бејб. Јас во животот не сум откажала претстава, сум играла по операции, со конци на стомакот, сум играла по семејни трагедии. Војнички и дисциплинирано. Аплаузот треба да се заслужи, а тоа подразбира жртви и многу љубов. Бескрајно многу љубов. Кирил и МИна израснаа во мојата гримиорна. Многумина не разбираат колку може да биде голема љубовта кон тетатарот. Таа е единствена и веројатно најдоследна во својот развој“, раскажува Весна и додава дека времето брзо минува, а годините се само бројка. 


Милица Џаровска