ЌЕ ПОЧНАМ СО ВЕЖБАЊЕ „ОД УТРЕ“
Многу
често слушам мотивирани луѓе како планираат да започнат со сериозно вежбање со
цел да си го трансформираат телото. Најчесто тврдат дека ЌЕ започнат тоа да го
прават „Од УТРЕ“, „Од ПОНЕДЕЛНИК“ или „Од 1-ви следниот месец“!? Но, за голем
дел од нив тоа „утре“, тој „следен понеделник“ или „1-ви“, никогаш не доаѓаат.
Ова се должи на немање на ред во животот, немање добри навики, несериозен
пристап кон себе и кон своето здравје.
Навиките се создаваат уште од најмала возраст. Децата ги гледаат, следат
и копираат нивните родители. Доколку родителите се рекреативци, спортисти или
едноставно луѓе кои водат здрав живот и во нивното секојдневие има ред и
дисциплина, тоа ќе го пренесат и на своите деца. Дополнителен момент е доколку
децата уште од најмала возраст започнат да практикуваат некој спорт,
организирана физичка активност, каде уште од рана возраст ќе се научат на ред,
дисциплина, стекнување на здрави спортски навики кои позитивно ќе се одразат и
на нивниот живот.
Оние пак кои што го пропуштиле ова и кои подоцна во животот си поставуваат цел да променат нешто кај себе, потребно е да донесат ЦВРСТА ОДЛУКА од која нема отстапување. Тоа значи СЕГА, а не од понеделник, од утре или од 1-ви. Процесот на потиснување на старите навики е тежок и боли, но нема друг начин. Старите навики се потиснуваат со нови подобри навики и е целосно излегување од комфор зоната во која до сега ни било комотно, во која сме се чувствале добро и сигурно. Надвор од комфор зоната ќе се соочиме со многу нови предизвици, многу искачувања, но и многу падови. Секое паѓање е нова лекција и можност да научиме нешто ново за себе, да најдеме начин да се справиме со предизвиците, да ги надминеме различните ситуации и да излеземе победници после многу, многу изгубени битки.
Значи, кратко и јасно, заборавете на „ЌЕ“.
Моментот е СЕГА! Ако ви е потребна дополнителна мотивација, пуштете некое
мотивационо фитнес видео со уште помотивирачка музика, нека ви се крене
расположението и ВЕДНАШ почнувајте со вежбање! Тоа направете го денес, утре и
така секој следен ден – ЗАСЕКОГАШ! Немојте да губите премногу време на
планирање и одложување со цел да се започне во некое идеално време. Подобро
започни сега отколку утре. Подобро
направи полошо денес отколку да чекаш да направиш подобро ОД УТРЕ!
Секој следен ден следи нова препрека, нов
предизвик, а на крајот од денот награда во вид на задоволство по извојуваната
„ФИТ БИТКА“ и слаткиот сон по исцрпувачкиот тренинг. И ставете си во глава дека
главната награда не е само постигнатата цел, затоа што откако ќе ја постигнете,
МОРА да си поставите НОВА ЦЕЛ, а по неа уште еден куп нови цели и тоа нема
крај!
Кога ќе влезете во „шема“ и кога
едвај ќе чекате да дојде време за тренинг, кога ќе уживате во секоја секунда од
тој тренинг, тоа е она ВИСТИНСКОТО! Не да вежбате поради тоа што морате туку
поради тоа што САКАТЕ!
СЕ
ГЛЕДАМЕ НА ТРЕНИНГ... ДЕНЕС!!!
Поради големиот број прашања што сум ги добивал во текот на кариерата, во сферата на спортот,рекреативното вежбање,мотивацијата, исхраната, итн., одлучив да го споделам моето знаење и искуство во колумна и во авторска книга во издание на Просветно дело. Доколку имате дилеми и прашања поврзани со темата истите може да ги пратите на нашите социјални профили, а дел од поставените прашања ќе бидат одговорени во самата книга.
*Авторот, спортист и тренер, проф. Лазар Иванов, креатор на супер ефикасната фит програма ЕКСТРИМ ФИТ, целиот свој живот го посветил на вежбањето и здравјето. Неговите тренинзи досега ги практикувале десетици илјади рекреативци и спортисти. Текстовите се извадок од неговото богато искуство во спортот и спортската рекреација. Текстовите извираат од личните искуства како вежбач-ученик, спортист, тренер кој научил многу од своите ментори, од личните спортски искуства, но секојдневно учи и од своите вежбачи. Тренер кој никогаш нема да прекине да учи и да го пренесува наученото.
Проф. Лазар Иванов, професионален тренер по Микс Аеробик и Фитнес
Сите права се задржани