„Ќе те сретнам еден ден ко што ти ме среќаваш во сонот“: Тажна порака на сопругата на музичарот од ДНК што загина во пожарот во Кочани

Помина повеќе од еден месец од несреќата во Кочани, кога во дискотеката „Пулс“ загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. Помеѓу загинатите беа и осум членови од бендот на ДНК.
Маја сопругата на гитаристот од бендот Александар Коларов од Штип, се огласи со тажна порака на својот Фејсбук профил за својот починат сопруг.
Во црно – бело видео на кое Александар изгледа среќно , таа му посвети емотивни зборови:
„Ќе те сретнам еден ден во муграта итајќи со светлина,
ќе те сретнам среде полјана со пеперутки и рузмарин,
кај што запира болот, кај што почнува бесконечноста.
Ќе те сретнам со мелодијата на глуварчињата
што се нишаат од твојата насмевка во ритамот на бојата на твојот глас.
Ќе те сретнам еден ден
ко што ти ме среќаваш во сонот,
а тогаш јавето нема да боли
зашто ќе ме прегрнеш засекогаш со превезот на твојата светлина“, стои во објавата на Маја.
Претходно на големиот празник Велигден, напиша дека ова е прв велигден без него.
„Деновиве видов толку многу фотографии, насмеани лица, веселба… Животот продолжи. Велигден е радост! Празникот на кој се радував отсекогаш… А сега? Првиот празник без тебе. Првиот мој тажен Велигден. Единствено ми остана радоста што те имав во мојот живот и што ја имам твојата насмевка истетовирано на срцето, што имам толку многу спомени со тебе за уште еден живот цел.
Боли секој нов ден, боли овој Велигден. Ти праќам молитва испишана со солзи за да знаеш колку многу болиш. Посакувам да воскресне животот зашто по тебе, не знам ова живот ли е…
Мојата велигденска фотографија си ТИ! И секогаш ќе бидеш – ТИ! Христос воскресна!“, напиша Маја во описот на фотографијата што ја сподели во спомен на сојот сакан чиј живот згасна прерано.