Кога Илина спие четири часа, ми фали: Сара Мејс денеска прослави роденден
Поп-пејачката и харфистка Сара Мејс денеска наполни 28 години. Овој роденден за Сара е многу поразличен од претходните, таа го слави со ќерката Илина која се роди на 10 септември.
„Денеска Илина полни точно 40 дена, и го тераме оној адет, одење на гости во три куќи. Бевме кај моите родители, сега сме кај свекорот и кај свекрвата и ќе одиме кај кумашините. Овој роденден ми е многу различен од другите, и токму затоа е најубав и највесел“, ни изјави Сара во телефонскиот разговор. Музичарката додава дека роденденските желби ѝ се врзани за семејството.
„Сакам да е жива и здрава Илина, сите желби ми се за неа и за Диме“, додаде Сара. Во разговорот како се снаоѓа со мајчинските обврски таа вели дека ова и е најубавиот период во животот.
„ Додека бев бремена, постојано некој ме плашеше, вака ќе биде или онака ќе биде. Првата група на луѓе ми велеа: рано ви е за дете, зошто уште не шетате, втората група ми раскажуваше колку е тешко,а трети ми велеа дека е ова најубавиот период. И во право беа третите, јас сум во таа група. За сега одлично се снаоѓаме со Илина, целта ги оптавдува средствата. Кога спие по четири часа без да се разбуди, ми фали“, ни раскажа Сара.
Нејзиниот сопруг, водителот и Пр менаџер Димитар Атанасовски, пред да им се роди ќерката за Женски магазин раскажа како им поминал периодот на бременоста на Сара.
„Сара е толку чукната, што на неколку дена пред да се пораѓа, игра ора по свадба и планинари за да види каков поглед ќе има од врвот. Мене ми поминуваа деновите буквално како сите нормални денови претходно, со исклучок на тоа што не возевме мотор само годинава“, ни изјави Димитар минатиот месец.
Само еден ден перд да се породи, Сара го промовираше новиот спот за песната „Црна капина“, кој е дел од албумот „Floating through space with Sarah Mace".
М.Џаровска