Кога ќе стигнам во училишниот двор ме дочекуваат безброј прегратки: Ивана од Македонија-учителка во Шведска, ни раскажа сѐ за животот таму

Добивај вести на Viber

Средно медицинско, Природно / математички факултет, работа во Германија и Грција, и на крај одделенски наставник во Шведска­­ ­- не беше воопшто лесно да се направат сите овие адаптации, но кога сакате нешто целиот универзум се залага да ви помогне да го постигнете тоа. Познатата мисла на Коељо која ме води во животот. Вака велешанката Ивана ја почнува приказната за животот кој ја однел во скандинавската земја.

Оваа девојка има 32 години, по потекло Македонија, а веќе 5 години живее и работи таму. Ивана е наставничка. Детално, во редовите подолу од неа ќе дознаете сѐ за животот во Шведска, како фунционира образованието, здравството, пријателството. Како се воспитуваат децата и зошто Шведска е рај за децата...


*Ивана, зошто Шведска?

-Првиот пат Шведска ме избра мене, а потоа јас ја избрав Шведска, поради сето она што го искусив кога за прв пат дојдов, точно пред 5 години. Шведска е земја каде што женската убавина не се истакнува на телевизиските реклами, земја каде децата во градинка спијат надвор без разлика колку е температурата, земја каде навечер повеќето седат на свеќи и лампи не затоа што струјата е скапа, туку поради тоа што така е пријатно.

*Тешко ли е да се најде работа, какви се процедурите, треба ли добро да се владее јазикот ? Раскажи ни го твоето искуство

-Најтешкото како и кај повеќето е визниот режим, фактот да се почне од нула, жртвата која се дава на секој нов почеток и јазикот кој не се познава.

„Ќе работам било што“ многумина ќе се препознаат во оваа реченица, посебно оние кои започнале нов живот надвор од Македонија. Најди било каква работа и почни да учиш јазик, совет кој ќе ти го дадат повеќето нашинци кои со години живеат овде и во голем процент тоа е точно. Затоа на почеток треба да сте трпеливи и спремни дека ќе биде малку тешко - како и кај повеќето, може да се случи било што и да не иде се по планираното. Но една од приоритетните работи е да се запишете на SFI-Шведски за емигранти, које ќе ви донесе подобра нова работа или ќе ви пружи прилика да напредувате во веќе постоечката фирма. Мој совет е што и да одлучите да работите, напоредно одете учете го јазикот кој се нуди овде бесплатно. За некои професии воопшто не е потребно познавање на јазик, и може да се работи со англиски. Зависно кон што сте наклонети. Можеби многупати ќе се запрашате „добро што правам јас“ но тоа и не е толку тешко доколку знаете дека тоа е само една минлива фаза. Најбитно е да си ја завршите работата онака како треба.

Плоштадот во Малме

ОБРАЗОВАНИЕТО ВО ШВЕДСКА Е БЕСПЛАТНО

*Која е твојата професија во Шведска?

-Моментално работам како просветен работник во едно училиште во градот Малме. Школувањето во Шведска е целосно бесплатно, книги, тетратки, пенкала, калкулатори и сѐ останато се добива во училиште бесплатно. Во прво одделение децата добиваат ранец со лаптоп за секој ученик посебно, кој им помага да ја совладаат наставната содржина полесно преку разновидни игри. Сето тоа е на товар на општината.

Вака изгледа исхраната за децата во Шведска

 Училиштата овде се целодневни и работат од 6 часот наутро до 6 часот попладне. Децата на училиште добиваат доручек, ручек, попладневна ужина и овошје, и сето тоа бесплатно. Оние кои имаат алергии добиваат специјална храна на кое се внимава многу.

*Каков е животот таму, платите, стандардот (колку е скапо, храна облека алкохол-колкави се минималните плати и може ли да се живее да речеме со минималец)

- Повеќето од работите овде функционираат он-лајн, седиш дома и пополнуваш формулар за некоја установа, шопингуваш намирници за дома, карти за воз и автобус и што ли уште не. Навистина се дигитализирани и практични.

За секоја работа можете да преговарате околу платата, зависно од искуството и знаењето кое го имате. Битно е да се знае дека овде платата се договара во БРУТО износ. Една плата е доволна да издржи две возрасни лица месец дена, тоа ви кажува се за стандардот овде. Колкава плата можете да очекувате за некоја професија можете сами да  проверите на некоја официјална страна. На пример овде: https://www.lonestatistik.se/

Доста поставувано прашање е „дали може да се живее со минималец“ а јас ќе ви одговорам ДА, може да се живее доволно добро со минималец без луксуз и без нешто да ви фали. Околу тоа колку чинат намирниците за дома можете и сами да проверите на интернет и да направите споредба, зависно од маркет до маркет. Цените секако варираат и од град до град, зависно дали е тоа маркет, кирија за стан или ресторан.

Во Шведска може лесно да се дошколува човек, се избира краток курс и се менува професијата. Не е чудно и ако човек студира во своите педесети години од својот живот. Има многу поволни услови и можности за тие кои сакаат да ги искористат.

Специјални продавници за алкохол кои се во сопственост на државата

Она што е карактеристично за Шведска се специјалните продавници за алкохол, кои се во сопственост на државата и алкохолот е доста поскап од останатите Европски земји бидејќи има доста висок данок на него.

Ова е на прославата на Шведскиот празник „Midsommar“ - кога се плетат венчиња од свеќе и се носат на глава

Шведска ми понуди работа со мојата професија без врски, корупција и мито

*Што нуди Шведска, а го нема кај нас?

-Шведска е една прекрасна држава која нуди многу, а на нас останува колку ќе искористиме од тоа многу. Обично така им велам на новите кои доаѓаат и почнуваат од нула, па најдени во една тешка ситуација бараат помош во нашата група „Македонски амбасадори во Шведска“ која ја водиме јас и мојата соработничка Благица. Позитивно бев изненадена од Шведската култура, трпеливост, љубезност, флексибилност, емпатија, рамноправност. Овде се сите на „Ти”, никој не се персира и сите сме исти. Јас работам во училиште, овде и чистачката и ректорот се на „Ти“ се избегнува хиерархија.

Бев изненадена од тоа што овде е популарно сите да се рекреираат без разлика на годините, често може да се види како луѓето трчаат без разлика на временските услови, на дожд, снег и ветар, некои од нив и со бебешки колички. Внимателно уредени велосипедски патеки, културни возачи, здрава животна средина,сортирање на ѓубрето, чист воздух и вода сѐ само еден мал дел кој го нуди Шведска а го нема кај нас за жал.

Шведска ми понуди работа со мојата професија без врски, корупција и мито. Моите квалитети беа препознаени овде и се ценети од моите шефови и колеги. Во Македонија не бев задоволна од начинот на живот и од сето она што се случува околу мене.


ВО ШВЕДСКА НЕМА ДОМАШНИ ЗАДАЧИ, СЀ Е БЕСПЛАТНО

*Кажи ни за образовниот систем, како функционира, што би можела Македонија да прифати од него?

*Имаме многу да учиме од нив. Како што споменав претходно школите овде се целодневни од 6 до 6. Наутро доаѓаат децата чии родители одат на работа рано, персоналот во училиштето се грижи за нив, тие добиваат доручек и си играат се додека да започнат часовите. Обично часовите започнваат околу 8-8:15, зависно од школото какво планирање имаат направено. Предшколската возраст (нулта клас) завршува со часови околу 12-12:30, први и втори клас околу 13-13:30, зависно од училиштето, ќе речам повторно. 

Овде сме на еднодневна прошетка

Потоа попладне започнува така познатото „fritids“ или слободно време. Тука децата си играат, одат на излети и имаат разни активитети се додека да бидат земени од своите родители.

Исхрана во училиштата во Шведска која е целосно бесплатна

 Готвен ручек и млеко добиваат во мензата во текот на денот а попладне добиваат ужина и сето тоа бесплатно. Децата кои остануваат до подоцна пример до 17 или 18 часот добиваат и овошје. Секое дете добива лаптоп во прво одделение како помагало да ги совлада задачите полесно, но книгите се главен и основен извор на информации. Целиот училишен прибор се добива бесплатно во училиште, единствено нешто кое родителите треба да го купат се гумени чизми за дожд и специјална гумена облека за дожд која стои во нивните шкавчиња во училиште. Задолжително секое дете треба да има резервна облека и чорапи доколку се наводени во текот на денот бидејќи доста голем дел од денот го поминуваат надвор. Голем акцент се става на детската игра, раст и развој, па затоа децата овде речиси и немаат домашни задачи или доколку ги имаат тие се од една недела за наредната недела. Домашни од денес за утре нема.

Вака растат децата во Шведска /  Учат кулинарски вештини и сами готват


 Имаат предмет кулинарство каде учат да готват, и домашни вештини како на пример да сошијат нешто на машина за шиење, да сплетат или да изделкаат предмети од дрво. Англискиот јазик се изучува уште од прво одделение и голем акцент се става на мајчин јазик и математика. До 6-то одделение секое дете треба да знае да плива а тоа се овозможува на часовите по физичко образование каде децата во период од 3 или 4 недели во годината одат на пливање. Исто така се нуди шанса да научат да скијаат и лизгаат лизгалки, и пак ќе речам сето тоа е бесплатно во училиште. Часовите траат различно, не се 45 минути како кај нас па така на пример може часот да трае час и половина или еден час па потоа одмор. Со еден клас работат 2 до 3 педагози зависно од потребите. Бројот на ученици во еден клас изнесува 24 до 28 во мојата општина. Кога децата се во училишниот двор задолжително има персонал со нив со што се избегнуваат несакани конфликти помеѓу децата. И вака можам да набројувам до утре...

На часот по физичко имаме јога

НЕМА МАСКИ, НЕМА „ЛОКДАУН“ И ЗАТВОРАЊЕ НА ГРАНИЦИ: ШВЕДСКА И ПАНДЕМИЈАТА

*Како се снајде Шведска со пандемијата, здравството како функционираше, како е регулиран тамошниот систем?

- Јас поминав многу време во НЕ следење вести за корона, можам да кажам воопшто не пратев што се случува. Лично многу не истражував и не се интересирав. Кога требаше да патувам за Македонија околу Новогодишните празници, ден претходно морав да отидам да купам маски бидејќи ги немав дома и не ги ни користев. Јас овде живеам а немав ниту една маска дома.  Ресторани, кафичи, трговски никаде не се носеа маски. Оние малку медиуми кои ги следев во текот на цела пандемија имаа ставено акцент уште од самиот почеток на работата, луѓето се плашеа да не ја изгубат работата но и политичарите исто.

  28 Март, сѐ уште нема корона во Шведска

 Често добивавме препораки од властите во стилот идете на шишање, идете во кафич, пазарете во малите продавнички и поддржете ги во овие тешки денови, немојте да застанете и да се уплашите од короната бидејќи и тие ќе пропаднат. Фокусот беше ставен на работата. Најмал дел од целата таа приказна наречена корона беше ставен на стравот, и мислам затоа и Шведска доби толку големи критики од некои земји. Моите пријатели од Македонија велеа дека е стресно но јас лично не осетив ништо овде. Мислам најмногу поради тоа што прво не следев што се случува, второ никој не носеше маски, и трето лично не се плашев од чудото наречено ковид. Најмногу што забележав кога бев кај нас во Македонија е таа разлика во гледањето на короната. Кога гледав вести во Македонија (иако се обидував да ги избегнувам) и едно нешто што заклучив е тоа да ако сакате да се чувствувате подобро, ако сакате да сте помалку негативни, помалку да се живцирате околу цела пандемија, престанете да ги следите. Мислам дека толкава количина на негативност јас немам слушнато, секој ден информации, бројки на заболени, интервјуа од болници, школи затворени како да е воена состојба. Речникот кој го употребуваа нашите новинари исто така звучеше драматично. Она што е дефинитивно за мене е тоа што медиумите направија една екстремно негативна слика за цела пандемија и присилно всадија страв кај луѓето. Всушност се она што во другите Европски земји се сметаше за главно оружје против ширењето на вирусот lockdown, полициски часови, затворање на граници, задолжително носење маски и слични мерки кои драстично го менуваат секојдневниот живот на граѓаните-Шведска го сметаше за претерано и воглавно непотребно. Државата бараше излез од пандемијата првенствено со либерален и благ пристап во борба против инфекцијата. Па така Шведските експерти заклучија дека lockdown може да донесе повеќе штета отколку корист. Училишта, градинки, ресторани,барови,базени, спортски сали, јавен превоз, музеи се беше отворено, а луѓето живееја како да не се под влијание на некоја пандемија. Единствено нешто што Шведска не успеа да го заштити се повозрасните граѓани кои живеат во старски домови. На тоа поле не се потрудија доволно можам да кажам.

Сликано околу Велигден, кога во Македонија имаше полициски час и локдаун а во Шведска се беше отворено

*А како реагираа луѓето на Ковид мерките, ги почитуваа ли?

- Шведскиот менталитет е малку специфичен и самите Швеѓани се однесуваат како да на нив ништо не може да им се случи. Шведска е една високо демократска држава а народот во таа држава слуша што главните епидемиолози кажуваат, и самите луѓе не поставуваат многу прашања.  Во Шведска никој нема право да донесува одлуки во ваше име, што значи се е индивидуално. Вие како индивидуа одлучувате дали сакате да слушате или не. Самите Швеѓани велат дека 7 од 10 луѓе ги слушаат препораките на владата. Главниот државен епидемиолог Андерс Тегнел на кои луѓето безусловно му веруваат одби да ги отповика граѓаните да не патуваат на планина и Шведските скијалишта беа распродадени. Ковид мерки овде НЕМАШЕ, се беше препорака, маските не беа задолжителни туку само препорака, а ако нешто е препорака тоа значи да може или не мора да се користи. Шведска живееше еден нормален и релаксиран живот во текот на цела пандемија. Експерите ја превземаа цела работа во свои раце, наместо политичарите. Државните епидемиолози имаа многу препораки кон кои треба грѓаните да се придржуват и многу малку забрани, воглавно тоа беа 3-4 мерки: забрана за собирање на повеќе од 50 луѓе на едно место, забрана за посета во старските домови, гимназиите и факултетите беа затворени и наставата се одржуваше онлајн. Во главно тоа беше се од мерки.

6 и 7 август овде во Шведска нема ковид 

Зошто Шведска не постапи како останатите држави пример Норвешка, Данска и Финска кои ги затворија своте граници, ќе се запрашаат многумина, но тие тоа го објаснуваат на еден посебен начин. Тие јасно рекоа ако ја изолираме државата како нашите соседи, и на тој начин можеби ќе спасиме неколку илјади луѓе, но потполно ќе ја нарушиме нашата економија, ќе порасне стапката на криминал во државата, ќе порасне процентот на семејно насилство, ќе се зголеми алкохолизмот, бројот на разводи ќе порасне, бројот на самоубиства исто би пораснал што значи би се нарушило психичкото здравје кај луѓето.

Слободно движење без маски во затворен простор, слободно излегување во ресторани, кафулиња и барови за време на пандемијата, одржување редовна настава во основните училишта, патувања низ земјата без пречки, престој во хотели и кампови, одење на скијање и така натаму. Вака изгледа живот без страв.

*Како се одвиваше наставата за време ковид?

- За иднината на секоја земја, образованието е една од најважните работи, а кога се прекинува од било која причина, често се појавуваат големи проблеми. Швеѓаните го сфатија тоа на почетокот на пандемијата и донесоа одлука-школите мора да работат, и покрај сѐ.  Децата знаат дека треба често да ги мијат и дезинфицираат рацете. Тоа и го правеа. На сите родители, деца и вработени им беше објаснето доколку имаат и најмали симптоми да останат дома. Маски не се носеа и децата беа среќни што не мораат да ги носат. Родителите ги оставаа своите деца во школскиот двор и ги земаа од таму, не беше дозволен влез на родители во самата школска зграда. Тоа беше се од препораки кои ги применувавме во училиштата и се покажа добро. Ништо драстично се нема променето.

Мојот ден започнува со безброј прегратки кога ќе стасам во училишниот двор

*Каков е односот на децата кон учителите, како те прифатија колегите ?

-Доколку зборуваме за почит тогаш можам да кажам дека Шведските деца се воспитуваат на тој начин да ги почитуваат возрасните и тоа што тие ќе го кажат. Доколку ќе направат грешка треба да дојдат и да се извинат. Многу е битно децата да спознаат кога ќе направат грешка, на тоа се работи многу, и кога самите ќе дојдат и ќе кажат дека нешто несакајќи направиле и знаат и самите дека тоа не е во ред тогаш добиваат пофални зборови од нас возрасните за тоа што знаат да признаат.  Мојот ден започнува со безброј прегратки кога ќе стасам во училишниот двор, потоа кога децата влегуваат во училница секое поеднинечно се поздравува со мене и си посакуваме добро утро. Во мојот оддел имам прекрасни колеги со кои имам фантастична соработка и разбирање, тоа е најбитно кога се работи како тим.

Шведска е рај за децата

*Како Швеѓаните ги воспитуваат децата, какви се како народ, се разликуваат ли премногу од Балканците?

-Шведскиот закон овоможува децата да се добро заштитени и ги брани нивните права. Во далечната 1979 година Шведска станува прва земја која го забранува физичкото казнување на деца. Овде сите родители добиваат480 дена платено отсуство по дете што може да се искористи додека детето да наполни осум години. Значи родителите добиваат пари од државата за да можат да поминат повеќе време дома со своите деца. Задолжителното образование во Шведска трае 9 години, се почнува на 6 години во предучилишен или нулта клас и потоа се оди до 9то одделение или до 15 години. Учебната година е поделена на две полугодија како кај нас но децата не се оценуваат во секое одделение. Првите оцени ги добиваат во 3то одделение кога прават национален тест, потоа следните се во 6то одделение и на крај во 9то. Во текот на школската година децата имаат неколку распусти како на пример есенски распуст, божиќен, спортски, велигденски и летен распуст кој е воедно и најдолг. 

До крајот на основното образование сите деца мора да знаат да готват, да шијат, да пливаат и да свират еден инструмент. Целта во образовниот систем е децата да станат добри граѓани, да размислуваат демократски, да се грижат едни за други, да мислат слободно без некој да влијае на тоа и да се способни сами да донесуваат одлука и да прават избор. Значи целта е на сите деца да им се пружи еднаква шанса за успех во животот.


Во Шведска децата во повеќето градинки спијат навор и на минус температури, се носат на базен уште како неколкумесечни бебиња, се почнува со читање на книги уште од најрана возраст,се поттикнуваат да спортуваат, си играат во песок и доста голем дел од денот се надвор. Јас можам слободно да речам дека Шведска е рај за децата.

Со децата се дебатира како со возрасен, се слушаат внимателно што имаат да кажат, не се лажат туку им се кажува вистината колку и да е болна понекогаш. Децата треба да ги знаат работите такви какви што се реално и да научат дека понекогаш и тагата е дел од животот.


ШВЕЃАНИТЕ НЕ САКААТ НАМЕТНУВАЊЕ, РАСФРЛАЊЕ СО ПАРИ, ТУКУ УМЕРЕНОСТ И ПОЧИТ

Не очекувајте да стекнете Шведски пријателства ако се наметнувате, покажувате, частите и расфрлате со пари, едноставно ќе ве заобиколат и ќе си продолжат. Умереноста е она по кое тие тежнеат. Покажете се како умерени, и полесно ќе бидете прифатени. Тие сметаат дека стоењето во ред, почитувањето на тој ред, љубезноста и трпеливоста е нешто што секој треба да го почитува.

*Што ти недостасува најмногу кога си далеку од дома?

- Ми недостасуваат мама и тато! 


Ирена Ставрова