Кога ќе закрепнат малите бизниси, ќе ѝ вратат на државата: Интервју со овластениот сметководител и едукатор Мери Каровска

Мери Каровска, дипломиран економист и овластен сметководител, воедно и управител во КАРОВСКА ДООЕЛ, љубовта кон професијата ја добива од татко си, чиј најголем дел од работниот век го поминал како одговорно лице во сметководство во „ОХИС“.

Станува збор за жена со големо искуство стекнато преку долгодишна работа за потребите на физичките и правни лица, како долгогодишен банкарски менаџер, предавач за едукација, а и финансов директор во компанија која се двои како една од подобрите ИТ компании во регионот.

Паралелно, цели триесет и две години се грижи и работи сметководство на многу здруженија, фондации и компании со различни дејности, а и буџетски институции. 

Со неа разговараме за сметководствената дејност, како и посветеноста на фирмата во едукација на млади сили, во време на пандемија на коронавирус.

* Која е основата дејност на Каровска ДООЕЛ, кои услуги ги нудите?

- Каровска ДООЕЛ е Друштво за економско сметководствени и едукативни услуги, а нудиме услуги од областа: финансиско сметководствени услуги, консалтинг услуги, едукативни услуги, натаму, финансиски анализи, изработка на бизнис планови, вршење на услуги од областа на работни односи и останати административни услуги и регистрација на нови правни субјекти во Централниот Регистар на РСМ.

* Што е она што Ве одвојува од големата конкуренција на пазарот? Кои се придобивките кои ги имаат компаниите кои ги користат вашите услуги?

- Секогаш велам дека конкуренција постои на пазарот, но сметам дека секој има свои клиенти и работа, затоа што постојат многу правни и физички лица кои имаат потреба од услугите кои ги нудиме на пазарот. Нашите клиенти, покрај тековните договорени услуги, добиваат и услуги и грижа, во делот на предлози и насоки за намалување на тековните трошоци, најчесто банкарските трошоци. Натаму, се фокусираме поединечно на секој клиент и неговата дејност на работење која можеби има своја различна и посебна специфика од другите компании и бара соодветна грижа, потоа, услуги и совет во делот на кредитирањето или штедењето, предлози и совети за добра и рана наплата на побарувањата кои компаниите ги побаруваат од своите купувачи. Од тоа наше работење, на месечно или квартално ниво добиваме резултати кои се „крвна слика“ на компанијата и од кои се гледа колку таа е здрава, способна да расте и продолжи успешно со своето работење, за да потврдиме во кој сегмент од работењето е потребно да се воведат променети работни одлуки за целите и идното работење на компанијата.

Ќе споменам и дека регистрираме нови правни субјекти без надоместок, доколку со основачот склучиме договор за понатамошна соработка во делот на финансиите и сметководството. За коректниот и пријателски однос и нема многу да кажам, тој е секогаш присутен кај нас.

* Кои се најчестите недоумици, грешки кои ги прават компаниите при изборот на компанијата која ќе се грижи за еден од најважните сегменти во работата, сметководството?

- Секако, важен дел е цената на услугата која треба да ја добијат компаниите, за идната соработка. Но, да не се заборави дека подеднакво важна е и услугата која ќе треба да ја добијат во понатамошната соработка, односно, кое друштво ја дава услугата и колкаво е искуството на првиот човек во тоа друштво!

* Според Вас, колку е сметководителот важен за успехот на една компанија?

- Важен, многу! Важен за компаниите кои се насочени за пораст на сопствениот бизнис, а ние одговорно и професионално, во рамките на законите, уредбите и правилата работиме и ги бележиме нивните настанати ситуации од работењето.

* Колку домашни и странски компании се корисници на Вашите услуги?

- Во нашето и моето портфолио се запишани многу домашни и странски правни и физички лица, корисници на нашите услуги. Не би можела да посочам број, тој е многу голем. Впрочем, тоа е нашата визија и цел- постојано да се надоградуваме и растеме заедно со сите наши клиенти и соработници!

* Нудите и обуки, колку според Вас компаниите сакаат да вложуваат во обуката на своите вработени? 

- Паралелно со технологијата која брзо напредува, напредува и желбата на компаниите за побрзо достигнување на нивната цел. За ова треба и вложување во вештините на вработените, за да продолжат добро да си ја работат својата работа. Компаниите сваќаат дека, ако покажат грижа за иднината на нивните вработени, ќе имаат мотивирани и лојални вработени кои брзо и ефикасно ќе ги исполнуваат работните обврски, за големо задничко задоволство.

Сепак, не е секаде ваква состојбата кај малите и микро бизниси, занаетчии и трговци поединци. Токму овде сме фокусирани, а пред се на сопствениците на микро бизниси кои одлично ја разбираат и работат својата дејност од работењето, но помалку се информирани за финансиите и стратешкото планирање, носењето добри одлуки со цел зголемена добивка и отфрлање на загубата. Така би се насочиле кон успехот во нивното работење.

* Раскажете ни нешто повеќе околу обуките што ги правите, како и сметководствената едукација на лица.

- Ме радува дека практичниот едукативен дел во сметководството е во пораст и интересот е се поголем кај младите економисти, што за мене претставува успех знаејќи дека и јас имам удел во придонесот за зголемување на подмладокот во сметководствената професија!

Квалитетната почетна сметководствена едукација е важна. Младите луѓе ја добиваат во средните економски училишта и подоцна на факултетите. Но, јас овој едукативен мозаик сакам да го дополнам со практично учење и работа во сметководството. Квалитетот на практичните обуки е важен и за него говорат самите учесници на обуките! Никој не сака да троши пари за едукација од која нема да има натамошна корист.

Се трудам и ги мотивирам младите луѓе да ја препознаат едукацијата како дополнителна можност за иден нивен напредок! И не само напредок кај млади луѓе, во групите за практично и почетно сметководство, имавме учесници од сите генерации. Напредок за секого! Во нашиот едукативен центар, покрај обуките за почетно и напредно сметководство, може да се обучите и за благајничко работење, административно и архивско работење, магацинско- материјално работење, финансиско планирање и носење точни стратешки одлуки, како и актуелните објавени обуки на нашата веб страница. Голем е интересот за најмладите, за посетата на обуката ,,Штеди и добиј подарок што вреди“. Добрите навики се стекнуваат уште од мали нозе!

Обуките ги работиме во мали групи или индивидуални обуки, по желба и договор со учесниците. Имаме добро поставен начин на работа кој резултира со голем успех кај учесниците на обуките. Работиме со добра опрема- секој учесник добива свој лаптоп за време на обуката на кој е инсталиран професионален софтвер HELIX на Зонел за сметководство. Добива прирачник и свој регистар со реални документи, кои го потенцираат секој сегмент од работењето на една компанија, а со книжење на истите за време на обуката се води реално сметководство на таа компанија. Инаку, на обуките се дише позитивна енергија, доверба помеѓу мене и учесниците, дружба и поддршка која останува и се негува и после обуките!

* Колку законските измени ја отежнуваат работата на сметководителите, особено во време на пандемија на коронавирус?

- Присуството на Ковид-19 донесе повеќе брзи законски измени. А, се промени и начинот на работа кај сметководствените друштва. Намалена комуникација со нашите клиенти, работа од дома, а квалитетот и рокот за доставувањето на извештаите и даночните пресметки треба да бидат запазени! Сведоци сме на носење брзи уредби, кои се спроведуваат преку сметководствените друштва. Ова е дополнителна работа, но не и дополнителен приход. Многу од нашите клиенти се обидуваат да „преживеат“ и со недостаток на средства да ги подмират нашите услуги. Кратко, отежнато е работењето на сметководителите.

* Што Вие како економист предвидувате за економијата после панедмијава. Се очекува и веќе настапува криза, па што Вие би понудиле како решение?

- Економијата трпи големи штети од коронавирусот, а закрепнувањето ќе оди бавно. Погодени се сите и ќе има последици. Висок пораст на невработеност, пропаѓање на малите бизниси, големи загуби кај поголемите бизниси. Затоа, не можеме да си дозволиме долго да не работиме. 

Како почетно за малите бизниси, го гледам решението, помош од државата. Кога ќе закрепнат овие мали бизниси, ќе ѝ вратат на државата!

* Мото кое Ве води низ животот.

- Нема тајна како до успехот, повеќе ми изгледа дека успехот е поврзан со самиот акт. Убедена сум дека успешните луѓе грешат, но никако не се откажуваат од поставената цел. Верувам и постапувам според истово, во секој сегмент од живеењето.

Д. Караташова