Кога првпат ја видов, посакав да ми биде жена: Љубовната приказна на Мерсиха и Каан Мазхар

Добивај вести на Viber

Естрадниот уметник од турска националност Каан Мазхар (48) и неговата сопруга Мерсиха Мазхар (45 ), хорист во Македонската Опера и Балет, се една од омилените двојки на естрадата.

Нивната учтивост, мирољубивост и космополитскиот дух, резултираа со бројни пријателства со луѓе од сите етнички и верски припадности. Во брак се 25 години.

Каан е присутен на естрадата речиси три децении. Во еден период оствари успешна кариера и во Турција. Настапуваше на повеќе значајни маниофестации. Приоритет му е кариерата на нашето поднебје. Активно се занимава со музика, создава, снима и пее. 

Мерсиха беше дел од македонската сцена во 90-те години. Сними три песни, дело на Калиопи и Дарко Димитров и една на нејзиниот сопруг.

Родители се на Толга - ТОБИ (24), кој го наследи талентот на своите родители и веќе почна да ги освојува пазарите надвор од земјава, како пејач и автор, и на Мелиса (14).

ЖМ: Во 90-тите години двајцата бевте активни на музичката сцена. Дали музиката ве поврза, а потоа и ве спои во едно?

Мерсиха: Уште на самиот почеток кога се запознавме, и двајцата бевме дел од музиката. Бев ученичка во Средното музичко училиште, а Каан настапуваше со различни музички состави низ Македонија. Нашето занимавање со музиката, придонесе нашата љубов да стане една убава симфонија.

ЖМ:  Првата средба ја пали и првата љубовна искра, каков беше случајот со вас?

Мерсиха: Кај мене првата искра се запали во тој момент кога ги видов неговите џентлменски манири, љубезност, култура, начин на однесување, нежност и вреднување на женскиот пол.

Каан: Ооооууууу, многу добро се сеќавам кога ја видов прв пат Мерсиха. Си реков оваа девојка ќе ми биде жена (се смее).

ЖМ: Мерсиха, како го доживеа Каан, направи ли некој невидлив штит на почетокот?

Мерсиха: Секако дека на почетокот бев внимателна. Но, кога ја почуствував таа сигурност, доверба и вистинска љубов, штитот сам се крена.

ЖМ: Каан, со што те освои Мерсиха?

Каан: Мерсиха ме освои со нејзиниот мил поглед, кроткост, искреност, добродушност  и скромност.

ЖМ: Љубовта често е мотивација да се направат непланирани и поголеми чекори во животот. Мерсиха, во твојот случај тоа беше преселба од главниот град во Гостивар, родното место на Каан. Како се навикна на новата средина, кои спомени те врзуваат за тој град?

Мерсиха: На почетокот ми беше тешко да се навикнам на нова средина, нов менталитет, нови традиции. Но, со текот на времето се прилагодив. За Гостивар ме врзуваат позитивните спомени поврзани со семејството и пријателите, како што се собирите и прославите кои беа дел од нашиот живот.

ЖМ: Бракот е како брод што плови по мирно море, но често наидува на бури. Која е вашата формула за среќен и успешен брак?

 Мерсиха:  Во сите бракови се јавуваат турбуленции, но доколку постои голема доза на љубов, разбирање и почит и сте добар капетан на брод, ќе знаете да го управувате бродот низ секакви бури.

ЖМ: Која беше причината за повторна преселба во Скопје?

Мерсиха: Првата причина за повторна преселба во Скопје беше образованието на нашите деца. Потоа моето вработување во Македонската опера и балет и секако многубројните ангажмани на Каан, кои беа повразни повторно со Скопје.

ЖМ: Важите за исклучително мирољубиви и отворени за дружба, ве врзуваат многу пријателства со луѓе од различни националности, што најмногу може да ве разочара?

Мерсиха: Во нашиот круг на пријатели има луѓе од сите етнички и верски припадности. Ние еднакво ги сакаме и почитуваме сите кои искрено пристапуваат кон нашето пријателство. Може да нѐ разочара во секој поглед само тој што ќе се покаже како нечовек.

ЖМ: Вашиот син Тоби е исклучително талентиран музичар. Кој наjмногу влијае во неговата професионална изградба? Дали и ќерката ќе го следи вашиот пат?

Каан: Додека се образуваше Толга, ние му дававме максимална поддршка и совети. Не можеме да имаме влијание во неговата музичка изградба, бидејќи сакаме да создаде автентичност во неговата кариера. Нашата ќерка од мали нозе покажа интерес кон модерниот танц, гимнастика, класичен балет, тенис, фолклорни игри. За жал, моментално нејзините интереси се во друг правец. Секако не знаеме што ќе покаже иднината.

ЖМ: Мерсиха, колку те исполнува работата во Македонска опера и балет?

Мерсиха: Најмногу на свет. Оваа работа ми беше долго посакувана и ми се оствари. Мило ми е што сум дел од хорот на ваква културна дејност како што е операта – една од најзначајните уметнички форми. Посебно сум благодарна на сите мои колеги и колешки, кои многу брзо ме прифатија како дел од оперската фамилија. Ги поканувам сите љубители и слушатели на операта да дојдат и да уживаат во нашите професионални изведби.

ЖМ: Каан, кои се новините поврзани со кариерата. Во еден период оствари успех во Турција, дали овој пазар ви е предизвик и тебе и на твојот син?

Каан:  Да се пробиеш на турскиот пазар е огромен успех. Ја имав таа среќа да бидам дел од тој пазар неколку години, секако со голем труд и работа. Со години кариерата си ја градам на нашето поднебје, активно работиме со музика, создаваме, снимаме проекти и пееме. Што се однесува до кариерата на Тоби, не му е предизвик само турскиот пазар. Тој си има замислено поголеми цели. Да се надеваме дека ќе му се исполнат.

Соња Алексоска Неделковска