Кога сите доктори велеа дека не можам да забременам, останав бремена не со едно, со две бебиња: Скопјанката Лолита со силна верба се оствари како мајка

Добивај вести на Viber

Доказ дека чуда се случуваат, а неа ѝ се случија не едно, туку две, е Лолита Цимеркова од Скопје - наша поранешна манекенка и магистер по деловна економија и организациони науки. Десет години работи како успешен маркетинг менаџер и организатор на саемски настани и форуми. Но, нејзиниот најголем животен успех и остварување е улогата на мајка која била полна со предизвици.

Токму во март - месецот за подигнување на свеста за ендометриозата, зборуваме со Лолита која долги години се соочувала со фактот дека ја има оваа состојба која е еден од главните фактори што предизвикуваат неплодност и потешкотии во забременувањето кај жените. Но, ова семејство е доказ дека со силна верба можете да им пркосите и на дијагнозите на лекарите.

По бројните предизвици на патот до остварувањето во најубавата и најдолгоочекувана за неа улога, денес Лолита е мајка на три ќеркички од кои две близначки - Лана, Хана и Зои.

ДОЛГИ ГОДИНИ СЕ СООЧУВАЛА СО ФАКТОТ ДЕКА ИМА ЕНДОМЕТРИОЗА

Сите што се борат со инфертилитет, знаат дека ендометриозата е еден од главните фактори кај жената што предизвикува неплодност, односно потешкотии во забременувањето. Единствен медицински начин, за да се отстрани ендометриозата е со помош на Лапароскопија. Кај мене пред да забременам беше извршена таа операција, во која се увиде дека имам ендометриоза од четврт степен, односно премногу ендометријални клетки ги нападнале моите ткива за репродукција. 

УСПЕШНА ПРВА БРЕМЕНОСТ, ПА ШОК - СПОРЕД ХОРМОНАЛНИОТ СТАТУС НА 34 ГОДИНИ БИЛА ВЛЕЗЕНА ВО ПРЕДМЕНОПАУЗНА СОСТОЈБА

После операцијата, три месеци бев во вештачка менопауза која помага во случај како што беше мојот. После три месеци од состојбата на климакс, со помош на инсеминација, успешно забременив со првото детенце, Лана. Со таа бременост сè помина во најдобар ред, и ендометриоза повеќе немав. Немам ни до ден денес. Но, две години после првата бременост, кога веќе посакував и друго детенце ме удри шок! Според хормоналниот статус јас сум влезена во пред менопаузна состојба, висок ФСХ, многу низок АМХ. Имав 34 години, не ми се веруваше дека е вистина тоа и не верував во тој факт иако бројките го покажуваа спротивното.

ЧУДА СЕ СЛУЧУВААТ: КОГА СИТЕ ДОКТОРИ ТВРДЕЛЕ ДЕКА НЕ МОЖЕ ПОВТОРНО ДА ОСТАНЕ БРЕМЕНА ПО ПРИРОДЕН ПАТ, ЗАБРЕМЕНИЛА СО БЛИЗНАЧИЊА

- Чуда навистина се случуваат доколку имате силна верба, најмногу во себе. Психичкиот момент е навистина многу важен, многу повеќе отколку физичкиот. Неколку доктори специјалисти ми кажаа дека со мојот хормонален статус, нема шанси да останам природно бремена, дека имам само еден јајник во функција и по еден до два фолекули, кои најверојатно се празни. Хормонска терапија за хиперстимулација никако не смеев да примам, бидејќи имав слаби резерви на јајце клетки. Но, баш тој месец кога сите доктори ми рекоа невозможно е природно да се забремени, кога тој месец доживеав стрес од сите тие разочарувања, кога почнав да собирам документи за ИнВитро и целосно бев насочена кон тој процес, јас баш тој месец останав бремена по природен пат и тоа не со едно, туку со две бебенца.

Тој празен фоликул, како што го нарекуваа докторите не бил празен, си испуштил две јаки здрави јајце клетки.

За чудото да биде уште поголемо, датумот по кој докторите ја водеа бременоста е ист како првиот датум кога забременив со првото бебенце 22.01.2018 и 22.01.2021.

ШЕСТ МЕСЕЦИ ЛЕЖЕЧКА БРЕМЕНОСТ

- Бременоста со близнаци, барем во мојот случај не беше ни малку лесна. Повторно морав да се соочувам со предизвици. Поради некомпетентен цервикс, за да не дојде до предвремено породување, бев на кратка интервенција каде ми поставија серклаж. Од вториот месец на бременоста, јас морав да лежам, односно имав лежечка бременост (bed rest).

Во таква позиција бев шест месеци и морате навистина да бидете психички јаки за да го издржите и тој период. Но, верувајте се поминува и ништо не е тешко кога се знае причината и целта на таа состојба.

ПРЕДВРЕМЕНО ПОРОДУВАЊЕ - ЦАРСКИ РЕЗ, ИНТЕНЗИВНА НЕГА, МНОГУ ПРЕДИЗВИЦИ И ДВЕ БЛИЗНАЧКИ 

- Да бидеш родител на предвремено родено бебенце, навистина не е лесно. Во нашиот случај тоа беше очекувано, но запознав многу потешки случаи од нашите и навистина сочувствував со сите нив и сочувствувам и до ден денес. На никој не може да му биде сеедно, кога ќе види едно мало јуначе како со сета сила се бори за воздух, се бори за живот на овој свет. Јас во животот не сум видела толку мали бебенца, толку кревки а сепак борци и верувам во секое од нив. Моите близначиња се родија во 33-тата недела од бременоста. Само што влегов во 34-тата недела и си воздивнав и си реков уф ајде издржете уште две недели и оппп истиот ден ми пукна водењакот. Итен царски и две недели на Интензивна нега поминаа моите девојчиња, кои сега имаат веќе седум месеци. Во првите месеци од нивниот живот, моравме да ги поминеме сите контроли кои ги поминуваат предвремено родените бебиња.

ХАНА РОДЕНА СО 1.540 ГРАМА, ЗОИ СО 1.830 ГРАМА - НАПРЕДУВААТ СУПЕР

- Хана и Зои се веќе прави бебенца, супер напредуваат. Хана е буцка права, родена со 1540кг, а сега има 7килограми. Сестра ѝ Зои е малку поситна, родена со 1830кг сега има над 6кг. Многу смеа, игра, плачки од сè по малку имаме во нашето секојдневие. Лана, нивната повозрасна сестричка ужива со нив, им пее, ги смее и многу ги сака. Да имаш две бебиња и едно тодлерче во исто време е дефинитивно предизвик, но верувајте после тоа што го поминав благодарна сум на Бога за тоа што ми дозволи да го поминам целиот тој тежок пат, за на крај да сум му секојдневно благодарна бидејќи ми овозможи со силата и вербата што ми ја даде, да ги почувствувам најубавите емоции и да станам мајка. Ништо во животот не може да се спореди со ова чувство на среќа и исполнетост. Посебно кога сме сите живи и здрави и после сите предизвици кои животот ни ги донесе.

ПРЕКУ ИНСТАГРАМ ПРОФИЛОТ, ЛОЛИТА СЕКОЈДНЕВНО ИНСПИРИРА МАЈКИ КОИ СЕ ИСПРАВЕНИ ПРЕД ИСТИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ

- Инстаграм е платформа каде сите ние можеме да си најдеме заеднички интереси, да си помагаме, да учиме едни од други и на полесен начин да пронаоѓаме решенија посебно за мајчинството.
Додека по цел ден лежев, јас барав начин како да се поврзам со трудници кои се соочуваат со истите потешкотии. Многу е полесно кога со некој имате исти интереси или пак проблеми цели и сл.

Затоа, и решив да направам инстаграм профил, каде фокус им давам на Хана и Зои, но тука разговараме за секојдневието, мајчинството, совети, препораки и сл. Запознав многу жени кои поминуваат низ истото што и јас сум поминувала. Тука сум секогаш за нив, сакам да им помогнам со некој совет, верба, да ги насочам и дадам некоја идеа. Знам колку многу значи тоа. Запознав многу трудници кои исто така имаат лежечка бременост, многу мајки кои имаат предвремено родени бебенца и мајки кои имаат близначиња со кои секојдневно си разменуваме совети, искуства и сл.
Конекцијата што ја имаме на платформата е бесценета и не може еден ден да ми помине без Инстаграм (@twinsbeansmk)


НИКОЈ НЕ МОЖЕ ДА ВИ КАЖЕ ДАЛИ МОЖЕТЕ ИЛИ НЕМОЖЕТЕ НЕШТО, ОСВЕН ВИЕ САМИТЕ, НИЕ ЖЕНИТЕ СМЕ ЧУДО

- Пораката која сакам да ја пренесам е многу едноставна, а доста моќна. Верувајте си во себе, во своите мисли. Никој не е поважен од вас самите. Никој не може да ви каже дали можете или неможете нешто, освен вие самите. Почитувајте се и верувајте дека со мислите можете да промените и направите СЀ што ќе посакате. Бидејќи ние жените сме ЧУДО сами од себе. ЧУДО кое може да постигне и направи се што ќе посака, без ограничувања, без стравови и без негативни мисли. Само верба во самите себеси, јас можам, јас сум способна бидејќи ЈАС сум ЖЕНА.


*Љ.Иванова