Кој се крши прв
При разно разни дискусии периодов со луѓе кои немаат потреба никому да се докажуваат, единствен заклучок кој можам да го донесам е дека општеството наше болува. Скоро секој од нас е заглавен во еден лавиринт од депресија, болка, анксиозност и траума. Најчесто со багаж од минатото кој баш сега реши да се отвори во склоп на сета планетарна болка која се чувствува и со која секојдневно се бориме. Во сета оваа загуба која е решена да не ништи, јас велам стани, не паѓај. Разбуди се во свежина и одбери да те има. Ако се одселиш за да побегнеш, истите кофери ќе ти останат препакувани за да те срозат на нови територии. Не е важно каде си, важно е кој си, што сакаш, кон што целиш и каде го наоѓаш својот мир. Јас се борам со сите тежини периодов, и нови накалемени и стари недовршени, со огромна помош на македонска проза и поезија. За да не заборавам од каде сум, каде почнав, па без разлика каде и да завршам, кој ќе е покрај мене и на кој јазик и да зборувам, не сакам да заборавам која сум, како започнав да бидувам. Уживајте во везенициве на Игор, се повлекувам пред великаните на македонскиот пишан збор. Намасте.
Кршење, прекршување – Игор Исаковски
моментот кога се прекршуваш
низ себе: како бои од виножито
низ призма, како звук на стакло
врз мермер. боли моментот, доаѓа
ненајавен а очекуван. и ти доаѓа
да пееш, да се смееш, да танцуваш,
да не мислиш на себе додека
се прекршуваш.
па го фаќаш првиот воз
кон заборавот, со карта
во еден правец, без багаж.
би сакал да мислиш – без багаж.
пејзажите низ кои поминуваш
се совршени огледала на твојата
појава, на твојата душа, на твојот
божем незаинтересиран лик.
те клопоти возот, до првото
пристаниште: морето те повикува
со својата занесна бескрајност.
низ прекршувањето
на морските капки
гледаш виножита;
некаде далеку татни,
небото се крши.
За Женски Магазин, Ивана Кнез