Дигиталната ера во која денес живееме, свесно или несвесно во голема мера влијае врз нашето секојдневие, навики, комуникација, учење. На мобилен, на десктоп, на лап топ, на таблет, на часовник, на телевизор, на паметни уреди и на што уште не, интернетот стана составен дел од животите на луѓето. Земено генерално, ваквата ситуација генерира бројни придобивки бидејќи интернетот е извонреден ресурс кои ни овозможува неограничени можности за учење, личен развој и забава.
Но, она што е особен важно, е што пристапот на интернет е достапен и за нашите деца кои растат во дигиталното и динамично окружување. Денешните генерации кои ги ползуваат придобивките од интернетот, а особено децата кои допрва влегуваат во “сајбер просторот”, е особено важно навреме да се образуваат како да го користат интернетот и како да се заштитат себеси од предизвиците кои се наоѓаат на глобалната мрежа. Децата се бескрајно љубопитни и секогаш во потрага по откривање на нови хоризонти интересни за нив и од особена важност за нивното континуирано учење и надградба, но и место каде постојат потенцијални опасности, доколку не се користи претпазливо. Токму затоа, од особена важност е да се обрне значително внимание, особено на децата за нивно безбедно вклучување и користење интернетот, бидејќи речиси секогаш, детската љубопитност допира и до откривање на непознатото кое може да претставува опасност за нив.
Во продолжение се неколку практични совети за безбедно користење на интернет кај децата:
1. Приближете им го интернетот на децата на најразбирлив можен начин. На пример, претставете им го интернетот на децата како замок од приказните со интересни простории полни со игри или со книги, галерии со слики, кина и простории за дружење, но и простории каде владее и непознатото. Поврзете го отворањето на вратите со отворање на веб страници на интернет.
2. Истражувајте го интернетот заедно и обидете се заеднички да ги утврдите страниците кои детето може безбедно да ги користи. Отворено разговарајте за безбедноста на интернетот уште од најрана возраст, во истиот момент кога ќе решите да му дадете телефон или таблет. Инсистирајте секогаш децата да ве информираат што гледаат на интернет и да ви се обратат доколку наидат на содржини за кои не се сигурни дека се вистинските каде треба да бидат.
3. Претставете им ги правилата за комуникација на интернет. Потенцирајте дека правилата за комуникација на интернет, особено на социјалните мрежи, важат исто како и во секојдневието. На пример: Во живо не се разговара со непознати, а уште помалку не му се даваат личните податоци; не се примаат подароци од лица кои не ни се познати; во никој случај не смеат комуницираат со непознати, а уште помалку да се сретнат со нив; сè што не може да се каже в лице некому, не треба да се каже на интернет и сл.
4. Постојано иницирајте разговор за она што ги интересира да научат на интернет. Освен тоа што постојно ќе бидете во тек со интересите на вашето дете, ќе можете да му помогнете и насочите.
5. Помогнете им да ги создадат базите на контакти на социјалните мрежи.
Факт е дека децата се на социјалните медиуми и пред да го исполнат условот за минималната старосна граница. Затоа, кога веќе не можете да го исклучите од социјалните медиуми поради различни причини (на пример - потреби за на училиште), помогнете му да ј изгради базата на контакти која ќе биде составена исклучиво од за него познати личности од окружувањето – неговите другарчиња, членови на семејството, учителки и сл.
6. Поставете го уредот од каде се пристапува на Интернет во дневната соба каде секогаш, возрасно лице ќе може да “фрли” око што гледаат децата.
7. Инсталирајте софтвер кој ќе оневозможи пристап до несоодветни страни за децата
8. Заеднички договорете се колку време детето ќе поминува на интернет. Во зависност од потребите, можете да се договорите дека, на пример кога се бара нешто за во училиште, 1 час е сосема доволно, а пак 30 минути кога сака да најде некоја забавна содржина или пак игра.
9. Користете прирачници и едуцирајте ги вашите деца преку практични примери како да се заштитат себеси и своите лични податоци. Како одличен прирачник – брошура преку кој ќе можете да заеднички со вашето дете да ги поминете основите на интернетот и советите за заштита на личните податоци, може да ви послужи брошурата “Интернетот не е само игра....кликај безбедно”, изработена за едукативната програма на Вип која започна во февруари годинава. Брошурата е достапна овде.