Корона-кризата испишува нови страници во домашната и светската уметност

Личната исповед на сликарката Дијана Томиќ Радевска е првото искуство во новиот проект „Уметнички дневници“, што го иницираше минатиот месец Националната галерија среде периодот на сè уште актуелната изолација како една од мерките за спречување на ширењето на вирусот.

„Ги поканивме уметниците, преку кратки видеа, снимени во самоизолација, да ни го приближат нивното секојдневие и заедно да споделуваме, да сочувствуваме и да се израдуваме на виртуелна средба со авторите и нивните дела во ова време кога во отсуство на изложби – тоа на директен и непосреден начин - не е можно“, велат од Националната галерија.

Целта на оваа иницијатива е, како што велат, побрзо и покреативно да се преброди овој изолациски период до скората средба во изложбените салони и галериите.

На овој предизвик на Националната галерија одговориле многу домашни уметници, но и македонски автори кои живеат и создаваат во странство како Љупка Делева, на пример, која живее во Венеција, еден од најпогодените региони со корона-кризата, и Виолета Чаповска, која живее и создава во Австралија.

„Интересна ќе биде втората половина од оваа 2020 година, зашто во периодов се испишуваат нови редови во светската и македонската современа уметност  на тема креативна корона (хипер)продукција, која ќе постави многу прашања, ќе даде многу одговори, на сосема нов оригинален, непретпоставуван дискурс“, вели кураторката Ана Франговска.

Во видеото на уметницата Дијана Томиќ, првопристигнато во овој серијал, таа, меѓу другото, вели: „Напуштени градови, природа која повторно почна да се обновива, празни улици... во почетокот и некој страв кој нè доведе до самоповлекување и анализа - кои сме ние?! Со оваа изолација всушност влегов во некои истражувања и експерименти на теми кои радуваат, во моментот кога природата почна да го освојува просторот  - повторно“.


И други светски музеи, вака или поинаку, го документираат актуелниот момент кој, без никаква дилема, го менува светот на најдраматичен можен начин.

„Пандемијата е трансформативен момент за светот“, вели Марк Лубел, извршен директор на Њујоршкиот центар за фотографија. „Имаме одговорност да го документираме и да ја споделиме вистината за тоа што се случува“.

„Брзо како што владите и здравствените власти почнаа да издаваат препораки и рестрикции, музеите препознаа дека ова е историски настан, кој треба да биде документиран на сите можни начини - за генерациите кои доаѓаат“, вели Линси Турли, потпретседателка на музејските колекции на Њујоршкиот музеј.

Американските музеи слично одговорија и при претходни катастрофи, како на пример нападите од 11 септември 2001 или протестите „Окупај Волстрит“. И во Данска новинарите не се единствените, кои го фотографираат и бележат пандемискиот период. И кураторите од националните музеи се обидуваат да го уловат историскиот момент - во од.

„Обично мислиме за музеите дека се места кои чуваат објекти зад стаклени витрини“, вели кураторката Мариа Хагструп од музејот Вестхимерландс во Данска. „Но, сега имаме шанса да ги собереме импресиите за моментот, пред тој воопшто да почне да се рефлектира на нашите животи“. 

Јасна Франговска