Кошула за 120 денари, јакна за 180: Бизнисот на продавниците за носена облека

Јакна од „Томи Хилфингер“ за 180 денари, „Бос“ кошула за 120 денари, детска јакна за 180 денари, се дел од цените во скопската „Секнд хенд“ продавница „Сан старс“ во центарот на градот, на Рекорд. Брендови како „Адидас“, „Најк“, „Веро мода“ и многу други можат да се најдат на нивните рафтови.

Сопствениците, Мимоза и Авни Тачи имаат три продавници за продажба на носена облека. Најстарата е во Тетово, и таа е отворена пред 15 години. Дванаесет години постои првата скопска продавница на Бит Пазар, а оваа на Рекорд, чија што приказна и низ фотографии ја раскажуваме, е отворена пред две години.

„ Си имаме постојани муштерии, кои во Тетово ни се верни цели 15 години, а тоа се случува и во двете продавници во Скопје. Затоа, без оглед што облеката е стара, на нас ни е најважен квалитетот. Робата ја купуваме на големо од „секнд хенд“ продавниците од Данска, ни стига во вреќи, на тони. Затоа ниту едно парче во нашите дуќани не е исто со некое друго, ретко може да се погоди. 

Мимоза Авни гордо раскажува дека квалитетот им е пред сѐ. Целката облека што ќе им стаса од Данска, вели оти прво ја носат на хемиско чистење, а потоа ја изложуваат во дуќаните.

„Кај нас можете да најдете и прозвод по цена од 10 денари па нагоре. Тоа се обично детски чорапчиња или долна облека. За шеесет денари кај нас има детски блузи, за 120, 180 па најмногу до 600 денари продаваме јакни, есенски и зимски “, раскажува Мимоза. Таа додава дека најскапото парче во нивните продавници не чини повеќе од 1.200 денари. За тетовчанката, освен квалитетот, важен е и трендот. „Една година доцниме со модата за разлика од Данска. Тоа не е долг период, модата си оди и пак се враќа“, вели сопственичката на продавниците.

Во скопската продавница на Рекорд, вработените раскажуваат дека иако се отворени пред само две години, и тие си создаваат своја, редовна клиентела. Во нивната љубезност кон клиентите, главно жени, се уверивме на лице место.

Тетовачанката Мимоза за крај додава дека за да ја задржат довербата кај муштериите, важна е и искреноста. „Ако се погоди во вреќите со облека да ни стаса неко парче со фелер кој не е многу видлив, тоа им го нагласуваме на купувачите. Освен квалитетот што го нудиме и брендовите кои се оригинални, искреноста е она што не одржува сите овие години“, раскажа Мимоза.

„Се спремате за некоја посебна пригода? Ќе ви побараме некоја добра „Бос“ кошула,“, беа зборовите со кои ги оставивме скопските продавачки на Рекорд, кои се обидуваа да им удоволат на купувачите. 

Милица Џаровска