КОВИД-19: Живот на пауза
Петти ден без настава, јавни настани и собири, три дена без кафулиња. Еден ден без молови. Денот кога луѓето престанаа да се ракуваат беше првиот предизвик во справувањето со коронавирусот. А денот кога престанавме да пиеме кафе на сончевите скопски кафе-тераси се чини стана пресвртниот момент во колективното разбирање на заканата од новиот вирус. Рака на срце, ни требаше време.
Сеедно што пролетта распукала со 20-ина целзиуси и под ведро небо, светот е на оф, на генерална пауза. И модерниот начин на живот, поради коронавирусот, е на пауза. Ширењето на Ковид 19 го смени и се уште го менува нашиот животен стил на многу начини, кои досега беа незамисливи. Новиот феномен се вика социјално дистанцирање и излезе дека е основна алатка за спречувањето на натамошното ширење на вирусот, за кој, медицински, се уште малку се знае.
Но, социјално посматрано, веќе се знае дека коронавирусот ни донесе поинаква свесност за тоа како живееме, каде ни е ориентирана урбаната динамика, колку е витална кафе-културата, колку ни е важно слободното движење, колку ни недостигаат сите наши собирања, културни средби и фестивали, кое е вистинското значење на социјалната размена и на се друго што со мерките за спречување на заразата е оправдано суспендирано.
Додека повторно да го добиеме тоа што сега привремено го немаме, ќе ни треба тоа што, генерално, воопшто го немаме: малку повеќе граѓанска дисциплина, трпение и одговорност! А, ако успееме да ги најдеме овие животни вредности, кога сета оваа криза ќе мине, ќе можеме да ги практикуваме и со другите предизвици на нашето секојдневие – корупцијата или загадениот воздух, на пример.
Јасна Франговска