Кристијан ќе биде тапанар, а Јована му е најголем обожавател: Интревју со брачната двојка „Памперс“
Вокалистката Ирена Димовска и гитаристот Даниел Митревски прво ја почнале љубовната врска, а дури потоа го основале бендот „Памперс“ кој по промените во поставата доби и ново име „Памперс оф д фол“. Групата која низ годините имаше повеќе забележителни успеси, први позиции на топ-листите на регионалниот музички канал „Ем Ти Ви Адриа“ и настапи на големи фестивали, годинава одбележа значаен јубилеј - една и пол деценија кариера. За професионалните патишта, но и за приватниот живот познатата брачна двојка зборува во продолжение.
Покрај Ирена и Даниел, во актуелната постава на бендот се и басистот Мортен Џеј и тапанарот Иле Лулевски
Женски Магазин* Одбележавте 15 години кариера. Која е најубавата работа што ви се случила изминатиот период, а за кој професионален потег знаете да кажете: „Подобро никогаш да не ни се случеше“?
Даниел: Има многу моменти на кои сме благодарни и за кои вреди што се посветивме на оваа прекрасна и возвишена работа. Не жалиме за ништо бидејќи во животот најмногу учиме од непредвидените и понекогаш непријатни работи.
Женски Магазин* Почнавте како прогресивен гламрок-состав, во меѓувреме експериментиравте со стилови, а пошироката публика ве запозна како поп-рок бенд по серијата настапи на „Макфест“ и на националниот евровизиски избор. Како денес ја дефинирате вашата музика?
Ирена: Сме имале најразлични насоки и називи од критичарите, но нашата музика всушност секогаш како и сега се движела во поп-рок и инди-рок насоките.
Ирена: Мотото „Ја враќаме музиката“ на американската издавачка куќа со која соработуваме е она што нè карактеризира и во татковината и надвор
Женски Магазин* Првпат свиревте во Велика Британија, а најавивте и поголема есенска турнеја низ Скандинавија. Како се случија овие ангажмани? Од каде интересот на тамошните промотори токму за вашата музика?
Ирена: Сево ова се случува поради одличната, плодна соработка со издавачката куќа „Алајанс рекордс“ со седиште во Њујорк. Тие ни ги отворија перспективите и дадоа светска димензија на нашата работа. Оваа дискографска куќа е позната по тоа што негува музика со богатство на тонови и скали кои имаат уметнички пристап, така што мислиме дека има стил кој нас ни лежи и не прави уникатни во морето од мноштво жанрови. Сметаме дека нивното мото „Ја враќаме музиката“ е она што нè карактеризира и во татковината и надвор. Луѓето од САД ни овозможија соработка со реномирани композитори во музичкиот свет, но и со нашиот басист Мортен Џеј кој е светски етаблиран и свирел со Цукеро, Јоан Озборн и Мајкл Руф. Претходно сме настапувале во Италија, Унгарија и во регионот, а потоа дојде на ред и Лондон кој е мека за рокенрол.
Даниел: Битола е расадникот на музичката сцена во Македонија, а ние избравме да сме близу до изворот
Женски Магазин* Дали сте имале прилика нешто друго да работите или музиката е вашиот единствен извор на приходи?
Ирена: Даниел работи како наставник и може да се каже дека на некој начин овие две занимања се поврзани. Воедно се јавни професии и јавни настапи кои го облагородуваат човека.
Женски Магазин* Скопје е центарот на естрадните случувања, но вие никогаш не се преселивте во главниот град. Зошто?
Даниел: Скопје е центарот, но Битола е расадникот на музичката сцена во Македонија. Ние избравме да сме близу до изворот заради автентичноста на нашата музика која се создава во опуштена, смирена и непосредна атмосфера.
Познатата музичка двојка со ќерката Јована и синот Кристијан
Женски Магазин* Како што се развиваше бендот, така се менуваше и вашиот статус. Од момче и девојка станавте сопружници, потоа и родители. Кога ви било најтешко?
Даниел: Можеби сме биле исцрпени или совладани од емоции и задачи, но никогаш не е најтешко. Сите периоди се благословени на свој начин. Разликата е што порано можевме комплетно животот да ѝ го посветиме на музиката, а сега ни треба подобро организирање на времето.
Женски Магазин* Имате две деца. Кои се нивните моментални интереси?
Ирена: Кога ќе прашате родител да си ги опише децата ќе ви рече дека се најубави и најинтелигентни. Кристијан е едно активно петгодишно момче кое го сака Бетмен и Бејблејд. Омилени книги му се оние за диносауруси. Многу е музикален и сака да биде тапанар. Јована има една година и омилена личност ѝ е брат и. Сака да си игра со него и да го гушка.
Ѓорге Стојанов