КУКАВИЧЛУК ПОД МАСКИ
Работите ја губат својата страст кога ни стануваат навика. Сепак, ниту една лага, особено не оние во љубовните релации, не може да биде здрав зачин за врската. Лагите ја немаат дозата мистерија што би го направила животот повозбудлив. Напротив. Лагите може само да комплицираат и повредуваат...
Секој од нас, ако е искрен пред себе, ќе признае дека излажал барем неколку пати во животот. Психолозите ги делат на бели и црни лаги. Без да навлегувам во нивните лимитирачки или ослободувачки механизми, ќе потсетам на она што го напиша Мирослав Крлежа: „Луѓето меѓусебно се изневеруваат и се лажат, и тоа им изгледа похрабро отколку едни на други да си ја кажат вистината в лице“. На ова смело ќе се надоврзат адвокатите на лагата, кои ќе нè убедуваат дека некогаш е подобро да се излаже за да не се повреди човек. Дали? Тоа е и мојата дилема – дали лажеме за да ги заштитиме оние што ги сакаме од отровната вистина или, пак, лажеме за да се поштедиме себеси од изложувањето на товарот на вистината што ни е тешко да ја соопштиме? Лажеме ли за да ги утешиме другите или, пак, лажеме за да го победиме стравот? И дали навистина лагата на луѓето им дава утеха што им ласка, ги теши и им дава бескрајна надежили, пак, ги заробува?
Достоевски бил во право дека лажењето е единствената човекова привилегија што ја немаат другите организми. А јас би рекла (колку и да звучам наивно по Достоевски) дека лагата е религија на заробениот ум. Од друга страна, вистината е бог на слободниот човек! И тука пак ќе ми влетаат адвокатите на лагата и ќе ме потсетат дека звучам како здодевен учебник од основно и дека без лаги луѓето би умреле од досада. Неизбежно е да се постави прашањето - каков ќе беше светот ако секој секому му ја кажуваше вистината в лице? Па, на пример, наместо – „Добар ден, комшија, како си?“ – „Здраво комши, никад боље“, тоа би било: „Аман, бе, комшија, пак ли треба куртоазно да те поздравам со насмевка ради реда, кога ти и онака не знаеш еднаш со вистинска насмевка да вратиш“. А вториов наместо да е супер („никад боље“) искрено би одговорил: „Фала, комши, ама денов ми е катастрофа. Станав на лева нога. Цел свет ме нервира без причина. И додека си ги барам мотивите за мојот паднат ентузијазам, жена ми збори дека причината била оти лошо ни се распоредени слончињата во станот според фенг шиу и дека таа одамна ми вика да ги преместиме, ама јас упорно сум ги игнорирал нејзините потреби“... Тешко на оние чиишто вистински проблеми се сведуваат на распоредот на слончињата во станот, ама нели во љубовните релации сè може да биде причина за причинско-последична кавга со фон во заднината од песната „Нели ти реков“ (се смее).
Одиме понатаму... Одиш на работа и шефот ти вика: „Здраво колеги, денеска ќе работиме на тема за здравството. Како вистински професионалци и луѓе кои си ја обожаваат својата работа, ќе останеме ако треба и до подоцна само да ги завршиме новинарските стории и да го фатиме актуелниот миг“. Всушност, вистината би била: „Здраво мои послушници. Јас сум газда на вашите скршени духови и јас ќе ви кажам што и како ќе работите денеска. Утрово добив наредба „од горе“ да напишеме текстови за новите реформи во здравството. Ако треба ќе изгинете сите тука во канцеларија само да сме први пред конкурентните весници и портали. А, искрено не ми е гајле што дома ве чекаат деца, жени, сметки, обврски, приватен живот...“ Шефот ако треба ќе го цитира и Маркс само за да ве убеди дека работата го краси човекот, а не дека системот ги јаде послушниците.
Најпосле тргнуваш накај дома и влегуваш во такси. – „Добар ден, до каде одиме?“– „До дома, ул. ’Народен фронт‘.“ Ех, кога сите би ја зборувале вистината, муштеријката би му кажала на таксистот дека не оди дома, туку кај швалерот (се смее). Вакви приказни има безброј... Но, на лагата ѝ се кратки нозете, а вистината е манекенка со два метри нозе!
Ако ја отвориме историјата на лагата, ќе стигнеме до најстарите симболи и најстарите поговорки за неа. Една африканска народна поговорка вели: „Лагата има седум различни варијанти, а вистината само една“. Со други зборови, лагата е толку плодна, што една лага раѓа уште илјада други. Паднеш ли во таа замка, нема јаже што може да те извади неповреден. Затоа, не заборавајте дека маските што ги носиме ни ги разобличуваат лицата под рефлекторот на вистината. Маските што секојдневно ги носиме пред светот, не оние за заштита од корона-вирусот, туку оние заради лажна пристојност или итарпејовска итроштина, не успеваат да ја скријат вистината што ја зборуваат очите. Таквите маски ги оставаат најгрдите брчки на животот.
Ќе се согласам дека за лажењето треба талент. Ама не и храборост, ами кукавичлук!
За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој