Лејди Гага

Добивај вести на Viber

Се додека животот ни поминува пред компјутер или на телефон по фб групи или во мањачење на инста стартлети, се до тогаш нема да имаме социјално исправна држава во системска поставеност.

Ја знаете онаа, мажот е главата на семејството ама жената е вратот. Епа драги мои вратов некако реуматичен последниве десет години. Минатава недела изгубив време во анализа на постови на Фб од компании кои работат директна онлајн продажба со клиенти. За жал тоа е вклучено во потребата за мојата работна позиција, а нели и иднината на конзумеризмот. Маестралното, на дадена и напишана цена од производителот или трговецот се разбира одоздола следат коментари со прашање ЦЕНА. Мислев дека изумрело веќе тоа, но еве не е, се уште е присутно. На секој втор пост се јавува една драга дама доволно самоуверена па вели Здраво јас сум вашиот 35489 следбеник, сигурно ми следи подарок. На тоа се надоврзуваат десет нејзини пријателки па како организиран сицилијански криминал одат порака по порака, ПОДАРОК, заслужуваш подарок, ако случајно брендот одбие да подари тогаш одат закани, навреди, лоши препораки, рушење на углед по цена од 200мкд. Последователно со препраќања, навреди и мудрувања по женските групи заовриени како осило пред парење…

Драги мои дами, во кој дел од оваа инетернет сага вие ги барате женските права? Во кој пост, во чиј подарок, во која злобна забелешка го пронаоѓате феминизмот кој повеќе од било кога ни е потребен, најмногу национално. Иднината на нашите ќерки, внуки, помали сестри, млади девојки е комплетно загорезена од медиумски напад на нивниот идентитет. Светот наметнува сексистички профили каде единствена глорификација е телото или ти во превод задницата што тверка од една страна, а од друга страна локалниот менталитет е пуштен на најјако па посилниот пол бара од нив да се претворат во калуѓерки што сармата ќе ја прават иста како онаа на мама му. Каде исчезна постулатот за обрзувана млада девојка, со широки визии за светот, со моќ за сеприфатеност и почит пред се кон свое, а понатаму кон туѓо. Свесна сум дека системски се распаѓаме, но само еден мал подстеник, ние сме системот. Не постои ниту власт ниту партија која може да ни го одземе оравото за слобода доколку ние не се сложиме за тоа. Со самото тоа што вашето време припаѓа на бљувотините по социјални медиуми (морав вака да се изразам нема како поинаку), со самото тоа што наместо да смислувате начини како да го подобрите вашиот живот вие губите време за гагање на поклони од секакви брендови по фб, што наместо да дозволите стручни лица да ја завршат нивната работа вие мудрувате по групи со совети направи сам, е со тоа драги мои дами никогаш нема помрднеме од оваа точка во која моментално нашето општество трули.

Наречете ме луда, ќе ви поверувам, но свесно тврдам дека движечката сила во светот е жената. Прочитајте ја цела историја наназад, не постои еминенетен крал без позадина со жена, без разлика дали е сопруга или љубовница. А додека пак секоја успешна кралица е сама, без маж. Не го велам ова за да го омаловажам машкиот род, баш напротив тврдам дека сме си потребни едни на други, јинг и јанг енергијата која го врти светот. Едни без други не можеме, затоа и веројатно сме таму каде што сме, очајно се обидуваме да се изнегираме род со род. Ни треба помош, од вас драги мои дами. Подигнете ја главата од телефон, запрашајте се каде сте, кој е покрај, вас, дали вашата ќерка го има животот кој вие го сакате за неа, а доколку одговорот е не, како може да и помогнете. Свеста на човекот е единственото нешто кое го двои од целиот животински род. Упорно се обидуваме да ја потиснеме, да ја снема. Од пусти страв да живееме, од пуста наведната глава, тапкаме во место и чекаме Господ или судбината да ни го промени животот. Жал ми е што мора да ви го кажам ова, но вие сте креаторот на вашиот живот. Не минатото, не родителите, туку вие. И само и единствено вие одлучувате како ќе живеете. Времето кое го губите на ФБ и инстраграм и тик ток и секое следно кое ќе го измислат за перење мозок, нема да ви се врати, жал ми е. Следен па кога ќе се разбудите ќе бидете на смртна постела, со прокоцкан живот за кој вие сте се помириле.

На светов во моментов му се потребни жени, жени кои не се плашат, кои сакаат повеќе од тоа што се нуди и знаат дека тоа постои, не се плашат да тргнат по него. Супер жени, жени херои, што секоја од нас го носи во себе, само треба да ја фрли престилката или скинатата пижама, да облече добар веш и високи потпетици и да го побара сето она што го заслужува. Само така ќе го добие. Вие сте се тоа што на светот му е потребно, освестете се, не си го фрлајте времето за без пари.

Намасте.



За Женски Магазин, Ивана Кнез