Лек за душа боемска: Александар и Дац растурија на првиот концерт во Охрид

Малку е потребно за среќа, а Драган Спасов-Дац и Александар Митевски направија многу за публиката да си замине среќна од нивната евергрин вечер во охридскиот Антички театар.

Првиот концерт на дуото кое за една година постоење освои многу генерации почна со стиховите на нашата Ана Бунтеска „Ејгиди“, првата песна на Александар и Дац што ја снимија на стиховите на познатата поетеса. Дац емотивно ја надополни атмосферата рецитирајќи ја „Стерна“ од Блаже Конески.

„Истите стихови ги рецитирав пред 19 години, на отварањето на овој прекрасен Антички театар. Да ми кажеше некој тогаш дека ќе пеам овде, ќе му речев дека е луд“, се присети актерот.

Понатаму, секоја нова песна носеше нова радост и нови емоции, нова приказна што ја раскажуваше Дац. Од „Како Вардар ќе дотечам“ со која дуото сними видео што ќе се испрати како поздрав на ледендарниот Зафир Хаџиманов, до мега хитот „Корона чао“. Откако бугарскиот премиер Бојко Борисов го сними видеото како ја пее во неговиот автомобил, песната стана вирална и во Бугарија, а токму друштво од Бугарија најмногу се веселеше на неа на концертот.  На „Корона чао“ очекувано сите беа на нозе, а ја добивме и на бис. Трибјут за Рајко Дујмиќ со „Моја Милена“ од „Нови фосили“, авторските песни на Александар Митевски, „Љуби ме, и главата горе“ за здравствените работници, и секако хитовите на Александар и Дац, „Ангелина“, „Цреши охридски“, „Љуби ме“, „Уште ми фалиш“.

Особена топлина и носталгија на вечерта ѝ даде „У свету постоји једно царство“од легендарниот Бранко Коцкица.

Некаде по полноќ, кога сите беа на нозе, Митевски на својата сопруга Ана ѝ го честиташе роденденот. „Многу песни се напишани за Ана, и уште многу ќе се напишат. Маци, те сакам“, рече кантавторот кој доби поддршка и од ќерките Ања и Мања и од целото семејство. И Дац не ја заборави својата сопруга Весна, посветувајќи ѝ ги стиховите „Ти си лек за душа боемска“.

Дац беше искрен на крајот кога рече дека токму таква, весела атмосфера очекувал, и го прогласи 14 август за прв роденден на дуото Александар и Дац.

Секоја чест за двајцата, до следниот концерт, со надеж дека ќе се одржи со комплетен бенд, и со публика без маски.

Настанот го организираше „Иноватива“.

М.Џаровска