Ленче Карпузовска: Она што ја прави Новата година волшебна е тоа што ги предизвикува подлабоките соништа кај луѓето

Таа е жена која има бистра мисла, течно зборува, има неверојатна харизма кога комуницира, детална е, аналитична е, знае што сака... Ленче Карпузовска, менаџерка на одделот за маркетинг и комуникации во ЕВН е и голем професионалец која секојдневно се соочува со предизвиците во една од најголемите компании во земјава. И одлично си ја работа својата работа. Приватно е многу дружељубива и секогаш има да каже за некого убав збор, се облекува стилски и има атрактивна конституција. За Новогодишните празници ќе биде дома со семејството, во очекување да заврши оваа бурна година...

*По што ќе ја паметите оваа година? Турбулентна, непредвидлива, налик на ниту една година наназад...

- Најдобро би било да не ја паметиме, но дефинитивно нема да ја заборавиме. Година кога светот падна на колена. Спомени кои ќе бидат регистрирани како хомогена монотонија во нашите умови. Она што ќе остане запаметено се оние непроценливи можности кога требаше да сториме нешто, што било, со луѓето во нашите животи. Година која ни одзеде прекрасни луѓе, растажи многу семејства. Година кога понекогаш беше тешко да се разликуваат деновите, кога мислевме се‘ ќе заврши за неколку недели, па месеци, а најверојатно ќе трае години. Во меѓувреме се адаптиравме на новата реалност, физичка дистанца и ургентна дигитална трансформација. А светот освен со пандемија, се бори и со инфодемија, со метастазирани дезинформации, кои се всушност лошата страна на неопходниот интернет.

* Дали ковид кризата можеби на некој начин предизвика кај нас подлабоки размислувања за животот, општеството, сплотеноста...?

- Кај многу од нас е сменета филозофијата на животот. Сите на планетата делиме ист проблем, па вниманието на сите е сплотени во едно и насочено кон неговото височество - здравјето. Не е во опасност само физичкото, туку и менталното здравје. Повеќето од нас ќе ја паметат како година на огромен стрес, тага и вознемиреност, но истовремено и година на можност за  себеподобрување. Така годината во која физичкиот свет запре, се раздвижи човечката самосвест, емпатија и духовен раст. Затоа оваа година може да се смета дека е и ново раѓање со кое развиваме нови приоритети. Се осознавме подлабоко, што ни е важно, а што може да почека, кој ни помага, а кој ни одмага, кои луѓе ги сакаме, кои нас не сакаат, од кои да заминеме и кои треба да ги имаме покрај нас. Последиците ќе бидат далекусежни за сите. Животот се промени, но не може да запре и кога се ова ќе заврши, да се надеваме дека она што го научивме, ќе го искористиме да ни биде и подобро и полесно.

* А, како ја доживувате Новата година односно новогодишните празници? Што претставуваат тие за вас, дали навистина испраќањето на нешто старо значи започнување на нешто ново?

- Новата година симболично е почеток на нов циклус, а секој нов циклус е нова надеж. Замислете колку луѓе на оваа планета со душа чекаат да заврши годинава што изминува. А тоа е секако поради новата надеж која доаѓа, дека се‘ ќе биде подобро. Освен што земјата го завршила циклусот на кружење околу сонцето и почнува ново, и ние луѓето се движиме, вртиме лист, испишуваме нови цели, нови резолуции, тие ни се двигател за опстанок, ни ја определуваат трасата по која ние ќе се движиме.  Затворањето на една страница во животот отвара нова, така е и со новата година, време кога сите си посакуваме најубави желби.

* Како ќе ја прославите оваа Нова година, каде, како ги прославувате најчесто овие празници?

- Ништо поразлично од повеќето луѓе. Дома. Одговорно. Со семејството. Најчесто и било така, а секако имало и поинаку, позабавно, полудо. Новогодишната ноќ ми е возбудлива, но и напорна, како во неа да се рефлектира целата година што поминала, се‘ е некако брзо, со трчање, измешани емоции, задоволство, среќа, но и премореност. Додека пак, првиот новогодишен ден ми е најубавиот ден во годината, се е така полека, смирено, со најубави мисли за годината што стартува. 

* Што си посакувате, дали посакувате реални желби?

- Реалните желби се всушност моите постулати, многу конкретни, детални, со развиен план на реализирање. Но, она што ја прави Новата година волшебна е тоа што ги предизвикувам моите подлабоки соништа, кои порано не ми биле реални, а сега умеам подобро да ги видам. Ништо не е невозможно, ако се има цврста и безусловна вера во резултатот. Секако не ја игнорирам рационалноста, таа ми ја дава насоката како и кога соништата би можеле да станат реалност, во спротивност би биле само фантазија. 

* Можете ли да се потсетите на некоја Нова година која Ви била една од најубавите и каква била таа?

- Имам толку многу нови години позади себе, што тешко би било да издвојам која била најубава. Секоја била интересна на свој начин. И минатата прослава ми беше една од поубавите, ама не знаев дека овојпат честитката за здравје ја имала својата највистинска смисла.

* Што е потребно за среќа? Семејство, здравје, пари, успех, вредности... или се‘ во едно во прегратките на љубовта?

- Среќата доаѓа од различни нешта во различни фази од животот. Но, речиси секогаш е во сегашниот момент, овде и сега. Не треба да се бара, таа се креира. Се создава преку начинот на кој нештата ги гледаме, слушаме, мислиме, зборуваме, мирисаме, допираме, она што го правиме за нас или креираме за другите. Среќата е повратното задоволство кое доаѓа преку сите сетила, а лежи во задоволството од креативниот напор што сме го направиле. Среќата не се мери на кантар, таа носи пријатно чувство кое треба да настојуваме да биде што поприсутно во нашите животи. Без оглед дали е поврзано со семејството, со парите, со  успехот. Љубовта е основа за среќа, здравјето е скапоцено!

Небојша Толески