Лиза Велкоска, толкувач: Зборуваме со знаци, израз и експресија за 6000 луѓе со оштетен слух

Актуелниот здравствен аларм за прв пат во историјата воведе толкувачи на сите владини прес-конференции, со што овие информации од витална важност стануваат достапни и за луѓето со оштетен слух. Лиза Велкоска, генерален секретар на Националниот сојуз на глуви и наглуви, деновиве, заедно со уште неколку толкувачи на знаковен јазик, често ја гледаме на секојдневните прес-конференции поврзани со актуелната корона-криза.

*Колкава популација користи ваков знаковен јазик?

-Во нашата држава има околу 6000 лица со оштетен слух. И да, точно е, оваа криза придонесе со еден добро организиран начин да се пренесат најважните информации до овие лица, можеби за прв пат на исто рамниште во достапноста на информациите како и за сите други граѓани во општеството.

* Колку луѓе се оспособени за вакво толкување? Каде се стекнува тоа знаење?

- Во моментов има повеќе од 30 обучени и сертифицирани толкувачи на знаковен јазик. Обуките ги спроведува Националниот Сојуз на глуви и наглуви и тие опфаќаат неколку нивоа, а на крајот и завршни тестирања со кои се стекнува сертификат за толкувач на знаковен јазик. Обуките се бесплатни и секој може да се пријави и да ги посетува. Изненадува фактот дека секоја година има сè повеќе заинтересирани за нив. Претпоставувам дека сè поголемата афирмација на знаковниот јазик за која што голем удел имаат и медиумите и институциите во последниот период, но и драстично поголемата медиумската застапеност на толкувачите на знаковен јазик, доведоа до поголем интерес за овој вид комуникација.

Сојузот ќе настојува од Владата и институциите овој начин на информирање  со толкувачи на секоја прес-конференција да остане практика и во иднина, без разлика дали станува збор за некаква криза или не. На сите мора да ни се достапни информациите, без разлика дали сме со оштетен слух или не. Сите сме еднакви.

*Отстрана гледано се чини дека е неопходна и доза на експресивност за користењето на овој јазик. Дали е навистина така?

- Апсолутно да. Секој толкувач, покрај објаснување на говорот, во толкувањето е важно да има и фацијална експресија зашто преку изразот на лицето, а потоа и со движењето на телото, го доловува и му ја предочува на лицето со оштетен слух суштината на говорот. Така на пример, доколку се работи за толкување на тажна вест тогаш лицето е тажно или обратно доколку се работи за весела вест лицето е ведро и насмеано. При пренос на информациите важна улога имаат и другите делови од лицето како што се устата, движењето на погледот и сл.

*Како се чувствувате деновиве? Наеднаш вашата релативно анонимна работа стана јавно достапна. Како изгледа соработката со министрите?

- Па, не би рекле дека нашата работа е анонимна, бидејќи овие толкувачки услуги ги користат неколку илјади лица со оштетен слух, секојдневно. Можеби во последниот период поради корона-кризата толкувачите се многу присутни, практично на секоја прес конференција се крај владините министри, со што и пошироката јавност, на еден начин се запозна со постоењето на знаковниот јазик. Но, исто така мислам дека е разбрана и потребата за негова секојдневна употреба како начин за информирање на лицата со оштетен слух.

А, соработката со министерствата е одлична. Настојуваме да обезбедиме рамномерен ангажман на сите толкувачи од подрачјето на Скопје, кои се стекнале со соодветен сертификат. Целта е да се зголеми и нивното лично искуство за настап на медиум, но и да се запознаат со голем број специфични тематики кои треба да се толкуваат. Со тоа сметаме дека квалитет на толкувачите ќе се крене на повисоко ниво, а тоа е повторно во полза на лицата со оштетен слух.

*Дали е неопходно однапред да ги знаете изјавите на министрите или тие се преведуваат во моментот?

- Не е неопходно однапред да се знаат, а во овој период мислам и дека тоа е невозможно, бидејќи сè се случува многу итно. Толкувачите на прес-конференциите не се запознаени со изјавите претходно, што преставува потешкотија, но и предизвик. Сепак, мислам дека толкувањата се доста квалитетни и тој квалитет се подобрува секој ден.

*Што е толковниот јазик? Превод со знаци и експресии?

- Не, знаковниот јазик не е буквален превод. Тоа е толкување, а не превод. Толкувачот треба да ја разбере тематиката со цел исправно да ги пренесе информациите. Тешко е, но мислам дека сите толкувачи до сега одлично се преставија. И да напоменам - ниту еден толкувач не го прави ова за себеси, туку напротив секој се води од големата желба да се помогне на оваа категорија на лица. Информациите во овој момент можат да спасат човечки живот.

*Минатата година, на Макфест во Штип, толкувач на знаковен јазик ја проследи и песната на Дац и Александар Митевски. Како се толкува музика?

- Исто како и изјава. Потребно е толкувачот да ја разбере суштината на текстот, да ја пренесе пораката на песната. За да биде разбирливо, толкувачот сето тоа го пренесува преку движење на телото, објаснување на знаци со рацете како и нивно движење и употреба на мимиките на лицето. Да се долови и пренесе сето тоа не е едноставно и бара поголемо ангажирање на толкувачот.

*Дали е знаковниот јазик универзален, за сите јазици? Нешто како есперанто за луѓето со оштетен слух или постојат разлики за различни јазици?

- Знаковниот јазик е различен во секоја држава и знаците се разликуваат помеѓу лицата кои го користат. Всушност така е и кај говорниот јазик. За да можат лицата со оштетен слух од различни држави да се разберат меѓусебно користат т.н. меѓународен (интернационален) знаковен јазик, кој што се состои од употреба на поедноставни и лесно разбирливи знаци.

Јасна Франговска