Љубов, вино.. и животот е веќе поубав
Сакаме да сакаме и да не' сакаат, да пиеме и да наздравиме, да се почестиме и да не' почестат, да честитаме и да ни честитаат, во добро и во лошо, за победа или за пораз, за живите и за оние кои не' напуштиле.
Сакаме да го славиме животот, зашто еднаш се живее, меѓу љубовта и омразата тенка е линијата, а виното крие секогаш вистина.
Кој ве сака или мрази, кој ја сака Македонија, или лаже, кој ви е пријател, а кој непријател, на кого можеш да му веруваш, а од кого да бегаш глава без обзир.
Пијани или трезни, вистината и љубовта болат, лагата и измамата уште повеќе, а кога ќе ве предадат највеќе.
Со виното сме веќе во Европа. Наше, а светско. Бренд со мирис на македонските лозја,почва, сонце, ветер и дожд, вкус, знаење и технологија.
Го пиеме за радост, од очај, за утеха, кога славиме или кога тагуваме.
Со познати, со непознати, намерно, случајно, спонтано или со покана.
Скапо, евтино или наливно, црвено, бело, шприцер или бамбус.
Дома, на гости, во скап ресторан, во биртија, во винарија или на воздух, во тоалета и костум или во фармерки и јакна.
Виното како и љубовта ве зближува или ве разделува, ве опива или ви го продолжува животот.
Во еден момент избирате дали ќе бидете пијани или стари, дама и господин, пијаници и лузери, вљубени или измамени.
Не секој се разбира во добро вино или го избира вистинскиот партнер, ниту избира право друштво и вистинско место за пиење или за сакање.
Ама дружењето со вино и со саканите ни го прават животот поубав, се смееме на анегдоти, се навраќаме во минатото, размислуваме за сегашноста и не мислиме на иднината.
Со виното и љубовта се ужива моментот, сега и тука.
Не е битно дали утре ќе се разбудите мамурни или ќе сфатите дека не сте вљубени.
Животот продолжува со низа лузни кои нема да ги снема туку ќе не потсетува на минатото, на она што сме биле и на она во што сме се претвориле.
И во Македонија и во Европа.
Прашајте ги Трифун или Валентин!
Лејла Сабит