Тајна веридба, мешан брак и нетипични родители: Љубовната приказна на Неџат и Елена Курт
Велат дека случајните работи се најубави, а тие двајца се само потврда за тоа. Таа е една убава блондинка, а тој висок црномурест маж - но двајцата со огромни насмевки на лицата. Во нашата редакција пристигнаа во придружба на своите два сина, преслатки братчиња кои се многу послушни и забавни.
Станува збор за Елена и Неџат Курт, урбана брачна двојка која руши стереотипи со својот брак од различна вероисповед, но и со својот начин на живот и размислувања.
Специјално за Женски Магазин, ја раскажaa нивната љубовна приказна до најситните детали.
Тој и таа
Неџат Курт е роден во Германија и живее таму во тинејџерските години, во семејство на мајка и татко Турци кои подоцна се разведуваат, па тој заминува да живее со татко си во Турција. Почетоците таму му се многу тешки, бидејќи воопшто не знае турски, а и живее во сосема различна култура. Во 90-тите започува да работи на аеродроми низ светот, сѐ додека не стапне на македонско тло во 2005-тата, како менаџер на Охридскиот аеродром. Денеска Неџат е менаџер на аеродромот во Скопје, и е во среќен брак со Елена со која има два сина.
Кај неа животната приказна има поинаков тек. Елена Пискачева Курт е родена и израсната во Скопје во среќно семејство, има помала сестра и не искусила толку емотивни пресврти во животот. Како дипломиран архитект во Скопје, патувала низ светот, живеела и работела во Германија и Белгија, а скоро 2 години живеела во Рим, додека била на постдипломски студии.
Се запознале кога немале намера да имаат никакви сериозни врски
Неџат и Елена се спонтани, а додека раскажуваа за својата љубовна приказна, постојано се шегуваа еден со друг, си дофрлаа шеги и се „удрираа“ од љубов.
- Низ ова патување во Македонија, ја запознав Елена. За мене претходно како човек кој постојано патува, немаше долги врски, не се врзував и сѐ поминуваше така, знаев дека денеска сум тука, а утре на друго место. Тешко беше да се биде и да се остане покрај мене. Но не знам што се случи... сѐ уште се трудам да разберам што се случи. Таа ме отру со љубов, оттогаш сме заедно- почна да раскажува Неџат.
Во неговото интересно животно патување се запишуваат многу земји, култури и луѓе, и покрај многуте прилики да биде на било кое друго место во светот, ја избира Македонија како свој дом.
- Начинот на кој ја сакам Македонија го докажува и тоа што се оженив за Македонка и имам Македонско државјанство и пасош. Навистина ми се допаѓа, ова ми е дом. Изгубив сѐ што ме поврзуваше со Турција со смртта на татко ми. Втор дом ми е Германија кај моите. Турција е место кое треба барем еднаш да се посети во животот- искрено раскажува Неџат.
- Се запознавме еден август. Беше топла летна вечер... оние посебни летни вечери кои ги има само во нашето Дебар Маало. И двајцата не планиравме да бидеме излезени, во тогашна „Кала“, таа вечер, но бевме. Неџат со своите пријтели и колеги од работа, а јас со моите другарки. Десетина минути откако влегов во „Кала“, ми пријде еден наш заеднички пријател, и ми кажа дека еден господин, негов другар, сака да ми се претстави и бара дозвола од мене да ми пријде. Прифатив… после неколку дена ме покани на вечера и после десетина дена започна нашата приказна- ги откри деталите Елена.
Едноставно знаеле дека тоа е тоа
Неџат имал прилика да живее и да искуси работи многу млад. Во тој момент иако не помислил дека ќе биде во врска, особено не во врска која ќе прерасне во брак, наишол на момент кога сфатил дека тоа е тоа.
- Верувам дека секоја личност која доаѓа во нашиот живот, ни дава нешто што го носиме до следниот, па до следниот, до следниот... сѐ додека не стигнеме до тој човек кој е нашата последна станица. Но без тие личности претходно во животот, нема да бидеме способни да го искусиме сето тоа и да стигнеме таму подготвени.
Кога станува збор за Елена, никогаш не сум сакал жени кои велат на сѐ „ДА“ и кои немаат свое лично мислење за ништо, не сакам жени кои постојано гледаат што зборувам или што ќе им дадам. Мораше да биде жена која е карактер самата по себе, некоја која вели „НЕ“ кога јас ќе кажам „ДА“ - вели тој.
За Елена ќе рече дека е многу доминантна жена, која како да крие некој маж во себе (влакнест маж со големи мустаќи и голем стомак), додека Елена смеејќи се вели тоа е ужасно толкување.
- Ова е само женскиот аватар на тој лик. Покрај тоа што е убава и интелигентна, таа е своја. Но верувам дека не е надворешната убавина која ја прави жената убава, но внатрешната. Елена го респрезентира се ова што го кажав- додава Неџат.
- Кога ќе запознаеш човек, после некое време имаш двоумења, предрасуди или стравови дали е ова тоа што го сакам или немаш никакви мисли. Ако немаш никакви мисли тогаш знаеш дека тоа е тоа. Кога го запознав Неџат како повеќе комунициравме и се запознававме јас немав никакви прашања, едноставно чувствував спокој. Тоа ми се случи за прв пат во мојот живот, иако се запознавме доцна, јас имав 33 години, едноставно знаев дека тоа е тоа- открива Елена.
Тајна веридба како изненадување
Во нивната врска сѐ се одвива нестандардно и многу брзо. Само по 6 месеци започнуваат да живеат заедно, а Неџат тајно организира веридба.
- Не ни дискутиравме за тоа, но одеднаш Неџат почна да се однесува многу чудно, а исто така и мојата сестра, и знаев дека нешто „куваат“ - низ смеа кажува Елена.
Неџат пак се потрудил целата фамилија да ја собере на едно место, неговите мајка, брат и сестра од Германија, пријателите од Турција, како што се шегува - запросувањето требало да биде пред најблиските за да не може Елена да каже „не“.
Иако Елена чувствувала што се случува, потврда и давале сите работи кои се случувале околу неа.
- Мојата мајка беше во паника како ќе дојдам на таа вечера без фустан и шминка, знаете оние женски работи на кои тој не би ни помислил. Тогаш знаев што се случува, се подготвив, но не знаев што точно ме очекува. Тој ми рече дека одиме на специјална вечера со министри- се потсетува таа.
Неџат се погрижил за сите детали, па затоа цела „Воденица“ горела од свеќи и била декорирана со омилените жолти рози на Елена.
- Кога влегов беше прекрасно, целата наша фамилија и пријатели беа тука. Имаше дама која свиреше на пијано и иако знаев, бев толку изненадена, не знаев што да кажам и почнав да плачам. Тогаш клекна и ме запроси, го покажа прстенот кон сите за да побара дозвола дали е убав и што се вика заборави да ми го стави, па мораше да го потсетам- тоа е типично на нас- раскажува Елена.
Вереничкиот прстен е специјална приказна
Прстенот кој Елена го носи со љубов има своја приказна и е посебен за двајцата. Тој е специјално рачно изработен за неа во Турција, по дизајн идеја на Неџат и нејзината сестра.
Бракот е нешто што двајцата го креираат
По еден месец од веридбата, Неџат и Елена во кругот на најблиските без традиционална голема свадба и официјално стапуваат во брак.
Оттогаш започнува нивното заедничко патување кое како што велат самите е еден нетипичен брак.
- Двајцата сме во истовреме и слични, но и многу различни. Двајцата сме самостојни и независни, амбициозни, точно знаеме што сакаме и знаеме точно како да го добиеме тоа. Се поддржуваме многу, зборуваме многу, комуницираме. Не е важно со каква љубов и возбуда зпаочнува еден брак, важно е дека тој нема да опстане ако нема комуникација меѓу партнерите, како и доверба. Тој е многу смирен, јас сум многу импулсивна како динамит, тој мисли двапати, јас веднаш ќе се изгорам. Тој секогаш ме учи да бидам трпелива, да почекам, да рипнам па да кажам оп. Многу често нашите пријатли се чудат како може да сме и двајцата доминанти и јаки карактери, а да опстаниме. Многу често викаат дека спротивностите се првилекуваат, но кај нас не е така. Тие исти карактерни особини што ги имаме ни создаваат привлечност- открива Елена.
На почетокот нивниот брак бил на далечина. Неџат поради работата морал да патува во Саудиска Арабија, а Елена за да им се посвети на децата ја напуштила својата работа. Потоа живееле заедно во Хрватска. Всушност поминале низ многу тестови за нивната љубов.
- Сме биле низ многу нешта кои обично ги поминува двојка низ 20 години. Но низ многу отворени и искрени разговори за сѐ го најдовме заедничкиот пат, и од сето тоа излеговме како победници и посилни - се потсетува Елена.
Бракот не го сфаќаат здраво за готово и сакаат секогаш да најдат време за себе. Патуваат сами низ светот, одат на заеднички викенди, а секоја вечер заедно гледаат серија или филм.
- Бракот е нешто што се креира, нешто на кое мора многу да се работи. Сосема е различно од врска. Одговорностите кои ги носи еден брак, особено со деца , како што растат се зголемуваат, и може да го размрдаат бракот. Затоа мора да бидеме паметни, да се извадиме себеси од тие секојдневни рутини и да направиме нешто посебно за нас- додаваат.
На прашањето која особина ги иритира кај партнерот, двајцата веднаш имаа одговори, за кои веќе им беше јасно дека е така.
Неџат: „ Многу е импулсивна, носи веднаш одлуки.“
Елена: „ Тој е скептичен, и ја остава секоја врата и секое шкафче од кујна отворено, па постојано одам по него и затворам.“
Стереотипи и предрасуди за нивниот мешан брак
Стереотипите кои владеат за мешаните брачните заедници во Македонија не ги одминале ниту нив. Кога почнале да се забавуваат и стапиле во брак луѓето постојано се чуделе зошто избрале човек од друга религија.
- Јас сум израсната во фамилија која е со отворен ум и со длабока почит кон сите култури и религии, па кога им кажав на моите родители за Неџат, беа среќни. Неџат го покани мојот татко на вечера за да му се претстави и да го запознае, бидејки секогаш вели дека еден човек е огледало на своите родители -вели Елена
- Ако не ми се допаѓаше нејзиниот татко немаше да бидам со неа- додава Неџат низ смеа.
- Многу ми е мило што многу се почитуваат меѓусебе. Моите родители многу го сакаат, велат дека им е син, а тој ги вика мама и тато. Татко ми секогаш вели дека да бил негов немало да е така совршен. Целата моја фамилија го сака, многу се поврзани со сестра ми, иако се караат, се грижи за неа како помала сестра, дури и сега кога е мажена- кажува среќно Елена.
- Луѓето секогаш ќе коментираат, нашите родители не оставиле да веруваме во што сакаме и истото им го пренесуваме на нашите деца кога станува збор за религија или за култура. Сѐ додека сме на вистискиот пат. Веруваме дека љубовта е нашата религија - заклучува Неџат.
Елена пак откри една емотивна приказна врзана за нејзин пријател и нејзиниот сопруг Неџат.
- Еден мој пријател ме праша зошто од сите Македонски момчиња кои ги знам, сум избрала Турчин. Јас пробав да му објаснам, но тој не ме рабзра. Сѐ додека по еден месец не го запозна Неџат, и ми кажа „сега знам зошто го избра него, тој е многу посебен“.
Нетипични родители на своите деца
Неџат и Елена имаат два сина, поголемиот Максим и помалиот Габриел. Двајцата зборуваат течно македонски и англиски јазик, но се трудат да научат и германски и турски. Додека тие ја раскажуваа својата приказна, двете момчиња се гушкаа и си играа заедно.
- Ние навистина сме нетипични родители. Ги гледаме и третираме децата како исти со нас од кога се родени. Како бебиња не ги третиравме дека се бебиња и дека не знаат и разбираат ништо, но со иста почит ги третиравме како нас самите. Како резултат на тоа израснавме многу одговорни и отворени деца кои навистина може да се грижат за себеси. Тие се големи личности во мало тело. Сакаме да поминуваме многу време со двајцата, да патуваме заедно. Сме пропатувале низ многу светски земји заедно и сме ги научиле да се снајдат во секаква ситуација- раскажуваат.
Практикуваат никогаш да не се караат со децата, па ако постои ситуација која може да ескалира во караница, секогаш одат на вечера, а таму разговорт оди во сосема друга, позитивна насока.
Ритуали со децата
Кога станува збор за обврските околу децата, тие се поделени. Неџат го носи поголемиот син Максим на училиште, а Елена помалиот Габриел во градинка.
- Неџат е потрпелив со нив, јас немам баш нерви. Го носам поголемиот на фудбал, а Неџат е задолжен за делот со образованието- вели Елена.
- Постојано прашуваат прашања, по мал милион на ден и мора за сѐ да се има одговор- додава Неџат.
Во воспитувањето се и модерни и традиционали. Имаат почитување кон нивните родители, и на истото ги учат и децата.
Викендите се денови кога се секогаш заедно, за разлика од останатите денови кога го чекаат Неџат да се врати од работа за да имаат ручек-вечера, па да се дружат.
- Секој викенд Неџат е одговорен да направи огромен појадок за сите, бидејќи верува дека појадокот и ручекот се многу важни за нас и тоа е централна активност. Имаме активни денови, секогаш или некој доаѓа кај нас или ние одиме на гости. Повеќето пријатели ни се со деца, а децата се заедно од раѓање. Се надеваме дека тие пријателства ќе ни останат засекогаш, и во нивните животи како нас- раскажува Елена.
Низ нашиот разговор имаше многу смеење, мешање на македонски и англиски јазик. За крај децата открија дека мама е онаа која е „лошиот полицаец“ во семејството кој повеќе ги кара, додека тато е „добриот полицаец“ кој повеќе им попушта. Всушност како и во секое семејство, работите не се секогаш совршени, но тука љубовта е секогаш на прво место. Ова четиричлено семејство е вистински пример за меѓусебно почитување и разбирање.
Даница Караташова