ЉУБОВТА Е БЕСКРАЈНА

Добивај вести на Viber

  Следното утро, едвај станав со повраќање. Договорена бев со Марко да одам на зрачење поради тоа што му беше прв ден, но Весна ме задржа дома. Му се јавив на Марко и му објаснив дека имаме некоја неодложна обврска. На Весна ѝ беше сомнително и му се јави на нејзиниот гинеколог. Јас одмавнував велејќи ѝ дека нема потреба да му се јавува, но таа беше упорна. Тој нè повика веднаш и отидовме. Ме прегледа и ни објасни дека сум бремена.

  Ми се заврти цела ординација. Се зацрвенив и почнав да се тресам. „Да беа други услови, в ред, но сега?“, си помислив во себе. Ја погледнав Весна, која не се возбуди туку разговараше со докторот: „Докторе, ние сега ја дознаваме веста и ни треба време да ја прифатиме. Нејзиниот партнер е студент, а е болен од тумор на главата и денес почнува со зрачење. Нормално, сестра ми не е расположена“. На докторот, очигледно, му беше пријатно кога слушна за ваквата ситуација и брзо нè испрати со зборовите: „Што и да решите, не е спорно“. Вистина, не знаев во моментот што да кажам, цело време молчев, бев збунета.

  Тргнавме накај дома. Цел пат молчевме. Кога стигнавме, легнав, се чувствував истоштена и изморена. Сум заспала и кога се разбудив, ми беше подобро. Му се јавив на Марко. Беше дома и беше весел бидејќи добро се чувствувал од зрачењето. Почна да ме испрашува каде бев утринава, но вешто го избегнав одговорот. Весна се подготвуваше да оди во фризерскиот салон. Седна и ми рече: „Милка, животот е непредвидлив многупати, не е време за многу нешта. Едно планираш, друго се случува. И јас се изненадив, но имаме време да се подготвиме. Се надевам дека и на Марко со зрачењето ќе му биде подобро, а и ќе се израдува со новоста. Не му кажувај ништо денес, ќе го известиме следните денови... “

  Бев скептична, но не ѝ кажав ништо. Весна брзаше, ме бакна и излезе. Останав сама. Солзите не можев да ги сопрам. „Ех, да беше некое друго време, сигурно и двајцата ќе бевме пресреќни. Љубов крунисана со бебе. Плодот на љубовта е бебе, нов живот. Животен сон на секоја девојка, на секое момче, на цел свет и ваква новост не се дочекува вака. Но, под вакви услови ли?“, си велев во себе.

  Но кај нас доброто и лошото одат заедно рака под рака. Се прашував како можеше во овој ден да се случат две спротивни работи. Се чувствував очајно, немоќно и разочарано. Животот не ти дава избор. Светла точка ми беше тоа што имам поддршка од Весна, а, сигурно, ќе имам и од мајка ми. Ете, сепак не сум сама. Отидов, се истуширав и ми дојде подобро. Го погледнав часовникот. Можев да му јавам се Марко. Беше расположен и сакаше да се видиме, но го задржав кажувајќи му дека утре треба да оди на зрачење.

  Вечерта, кога си дојде Весна, седнавме и разговаравме. Таа имаше идеја да прославиме и да му кажам на Марко. Се договоривме следната вечер ако му е добро на Марко, да излеземе и да прославиме. Дента, Марко се чувствуваше одлично и отидовме в кафеана. Нарачавме и вино за да наздравиме. Кога му ја соопштив веста, Марко беше пресреќен. Се радуваше, правеше планови за во иднина. Јас и Весна се погледнувавме одвреме-навреме и го оставивме да се радува.

  Тргнавме накај дома. Марко кажа дека ќе ги извести и неговите родители. Се согласив со него иако длабоко во себе не знаев што да речам. Вечерта доцна ми се јави и ми кажа дека неговите биле воздржани.

  Деновите што следеа беа како во сон. Се радувавме на бебето кое треба да се роди и се надевавме дека Марко ќе го победи ракот. Зрачењето му влијаеше добро, тој веќе немаше напади и се надевавме на подобро. Во меѓувреме, имаше конзилиум на неврохирургија од странство, кој констатира дека на тој дел од мозокот е речиси невозможна операција затоа што туморот бил заглавен и инвазивен, но мора да се оперира. Операцијата би била в странство, а гаранција за исходот никој не можеше да даде. Ризикот е преголем, но мора да се направи обид за оперативен зафат.

  Дополнително, беа потребни финансиски средства. Со помош на хуманитарна акција се собраа за многу кратко време бидејќи сите беа запознаени со случајот. Отидовме сите во странство. Марко го оперираа. Операцијата се искомплицира. По операцијата не се освести, беше во кома и не можеа да го реанимираат. Марко почина по десет дена поминати в кома. Надежта не ме напушти никогаш, бев сигурна дека ќе ја победи смртта и не верував дека ќе се случи вакво нешто. Погребот беше проследен со многу плачење, лелекање и болка. Тоа за мене беше огромен шок, мислев дека со него погребав дел од мене.

  По погребот, родителите од Марко не контактираа со мене, што значеше дека целосно се откажаа од мене и од бебето кое го носев во себе.

  Не можев да одам по улица, на факултет. Секаде каде што ќе се свртев, ме потсетуваше на него. Сакав да заминам одовде, далеку, многу далеку. Весна чувствуваше што ми се случува. Една вечер, пред да се породам дојде доцна и ме праша: „Милке, сакаш да се иселиме?“ Ѝ одговорив потврдно климнувајќи ѝ со глава. Тогаш, возбудено почна да ми зборува: „Одлично, одиме во друг град. Таму ми се нуди еден дуќан за под кирија, ќе го отворам, станот овде ќе го продадам, ти по породувањето ќе се префрлиш таму на факултет да завршиш, а мама ќе дојде да помага околу бебето додека не се средиме“.

  Започнавме нов живот. Го продадовме станот и купивме друг поголем. Во новото место на живеење се роди малиот Марко. Потоа, мајка ми дојде да живее со нас, а јас продолжив да учам и завршив факултет. Подоцна, се вработив и напредував до менаџер во едно претпријатие. Весна отвори фризерски и козметички салон, а си ја работеше и нејзината стара професија. Боро остана неподвижен и остана да живее со сопругата. Мајка ми живееше со нас и по некоја година, се врати в село и со татко ми во мир и во тишина ја врвеа староста. Марко растеше и се радувавме со него. Родителите од татко му Марко никогаш не нè побараа.

  Марко не го споменував затоа што не можев да се помирам дека не е меѓу нас. Не, за некои настани нема потреба од време. Едноставно, тие се тука, меѓу нас и постојат.

АНОНИМНА