Љубовта е дел од моето постоење: Искрено интервју со Ружица Антиќ
Се школувала за дипломат (има магистрирано
дипломатија и комуникации во надворешна политика), станала бизнисменка (пред 5
години го основа и е главен и одговорен уредник на „Портрет“), (не) случајно носи славно презиме, секогаш
мајка, колешка и пријателка.
Нашата соговорничка Ружица Антиќ (39) е редок спој на паметна и жена со стил, растеретена од слава, моќ и пари, која во животот вели, научила да се радува на мали нешта кои ѝ помагаат да ја доживува среќата и во многу тешки животни ситуации. Лавица со подзнак Стрелец, која отворено зборува и за проблемите на македонската жена.
По што ќе ја памети 2019 година и што очекува во новата година ни откри во искреното и топло интервју за „Женски магазин“. Ова е Ружица Антиќ која не сте ја познавале и која веднаш ќе ја засакате.
* Дали Ве фаќа новогодишна еуфорија или предновогодишен стрес?
- Не би рекла дека е еуфорија, повеќе би рекла дека ме фаќа неоснован оптимизам дека ќе имам шанса за некој нов почеток, за некоја подобра верзија од себе. Иако изминатите години ми покажале дека тој оптимизам спласнува веќе до средината на јануари, сепак секоја година во овој период од годината имам искрена надеж, желба и мотив да правам планови, резолуции, да се надевам дека работите ќе бидат подобри и поубави. А и моите деца негуваат искрена радост за сẻ поврзано со новогодишната атмосфера, па така дефинитивно ова е еден од поубавите периоди од годината.
* Колку Ви значат новогодишните празници?
- Дел од ова прашање одговорив во претходното, но околу техничкиот дел односно самиот чин на прослава или еуфоријата по угостителски објекти во деновите пред Нова Година, немам апсолутно никаква емоција. А ни желба да сум дел од тоа, зашто живееме во град во кој ноќниот живот ни е достапен секој ден и ништо посебно не ми значи во тие денови да сум дел од масовното, градско лудило.
* По што ќе ја паметите 2019 година?
- 2019 година за мене беше година на промени, лична транзиција, година на убави патувања поврзани со мојата работа и година во која сфатив дека можам да бидам многу подобар родител, работник, другар и човек.
* Што очекувате во Новата 2020 година?
- Очекувам во многу поголем дел од времето да сум фокусирана и посветена на себе, очекувам многу подобро да се справувам со дел од моите лични стравови, и секако да доживеам уште поубави моменти кои професионално би ме исполниле.
* Каде за Нова година?
- Неколку години традиционално славиме дома со пријатели со кои се дружиме постојано и сẻ е подредено да им е забавно на децата. Друштвени игри, „pajamas party“, лажен Дедо Мраз за помалите деца и култните новогодишни филмови.
* Дали ја негувате традицијата за подарување?
- Сите што ме познаваат подобро знаат колку сакам да подарувам подароци, но и колку се радувам на секоја ситница и секое внимание што ќе го добијам. Подарувам скоро секогаш без повод, особено кога ќе почувствувам дека некој мој близок има проблем, секогаш настојувам да го расположам со ситница. За нова година традиционално и на работа и дома играме „Secret Santa“ и секогаш ми е многу тешко да ги испочитувам правилата на оваа игра.
Дали го накитивте домот и дали уживате семејно во китењето?
- Да, оваа година доста рано го накитив и навистина се потрудив, но морам да признаам дека никој друг не беше ништо посебно воодушевен. Најмалиот син константно ми ја раскитува елката, најстариот не ја ни погледна, средниот настојува да стои кај него во соба, така да освен мене никој посебно не ужива во новогодишното опкружување.
* Славното презиме Антиќ Ве фрли во фокусот на јавноста и кога бевте во брак со кошаркарот Перо (13 години) и кога се разведовте годинава. Дали тоа Ви пречеше или се навикнавте?
- Никогаш не ми пречело ништо, јас сẻ уште не се доживувам како јавна личност иако имам јавна професија. Настојувам да водам нормален живот, сите лоши коментари кои се составен дел од социјалните мрежи не ги доживувам лично. Сите што ме познаваат знаат дека имам многу весела природа и дека никогаш не сум имала никаков притисок. Јас Перо го запознав и засакав многу години пред да биде јавна личност така да и теретот од неговата слава никогаш не сум го гледала на тој начин.
* Во вашите колумни во „Портрет“ често ги раскажувате приватните ситуации и дилеми. Тие се еден вид ваша катарза или храброст на жена која не се плаши од ништо?
-Колумните во „Портрет“ се мој начин да испратам порака до секоја македонска жена, дека дојде време во кое треба да си ја симнеме тежината што ја носиме од корените на патријархот во нашето општество. Секоја од нас поминува низ различни улоги во животот, поради кои постојано сме етикетирани, осудувани и маргинализирани. Моите колумни се мој личен пример дека секоја од нас треба да тргне од себе, од своите слабости, маани, болки и неуспеси и да им покаже на останатите жени дека не се сами. Големиот број на позитивни коментари што ги добивам од нашите читателки ми се доказ дека моите колумни ги доживуваат на вистински начин, како мое соголување со единствена цел, подигнување на свеста за отворено да се зборува за проблемите на македонската жена.
* Животот го прават подеми и падови, радоста е измешана со болка, реалноста со фантазијата. Кој е вашиот свет? Што ве прави среќна, а што тажна?
- Многу работи ме прават среќна, и можеби најубавата лекција што сум ја научила од моите родители да се радувам на мали работи ми помага да ја доживувам среќата и во многу тешки животни ситуации. Не држам лутина, не сум завидлива, лесно се лутам, но уште полесно заборавам и простувам и тие лични карактеристики веројатно ми помогнале да се радувам секојдневно. Тажна ме прават исто така многу работи, сите трогателни семејни приказни на кои сме сведоци секојдневно, сите неправди кон животните, сите работи поврзани со нечие лошо здравје длабоко ме потресуваат.
* Дали уште верувате во љубовта?
- Никогаш не ја раздвојувам љубовта од себе си, така да не ја доживувам како нешто во што верувам или не. Таа е дел од моето постоење и секогаш тоа ќе биде така.
* Што ве тера напред, а што не би повториле?
- Напред ме тераат сите убави работи што ми ги донел животот, за кои сум бескрајно благодарна. Имам здрави деца, прекрасно семејство, одлична работа, не посакувам зло на никого и нема зашто да не сакам да одам напред. Не би повторила многу работи, како и секој човек сум правела свесно или несвесно многу грешки и сẻ уште правам на секој чекор. Не можам да издвојам една работа за која би била целосно сигурно дека не би ја повторила, можеби би се однесувала поискусно за некои работи, би влегла со ладна глава, но не можам да кажам дека некоја животна лекција ми е целосно научена.
* Каде сте своја и со себе?
- Моите дневни активности се базираат на една рутина, и функционирам во многу мал круг на луѓе со кои сум секојдневно. Тие луѓе со години се дел од мојот живот и се моја база, во која што се чувствувам слободна, сакана и своја. Иако поради работа често сум многу активна и сум дел од различни градски случувања и настани, кога работите ќе згуснат секогаш се тука истите луѓе.
* На кои животни лекции ги учите децата?
- Ако нешто имам научено за родителство е тоа дека децата учат единствено преку пример од родител. Секоја лекција паѓа во вода ако моите постапки зборуваат друго. Пред некој ден имав една случка со средниот син кој беше сведок на мои пцовки додека возев, па вечерта кога се тепаше со својот брат и ги користеше истите прва работа што ми рече кога пробав да ги раздвојам беше: Па ти пцуеш кога возиш секогаш! Сакам да кажам дека како родители мораме да пробуваме да се корегираме прво самите и да се однесуваме достоинствено секогаш пред нив. Настојувам да ги знаат опасностите што ги носат социјалните мрежи и Интернетот, настојувам да ги научам дека постојат работи за кои не треба да прават компромиси никогаш, како грижата за себе и сопственото здравје, однесувањето со другите луѓе и животни, и настојувам да го научат значењето на сопствениот труд и работа.
* Со кого најмногу се дружите и пиете кафе?
- Најмногу се дружам со колегите од работа, со моето семејство и со неколку другарки од моето детство.
* Како би го дефинирале Вашиот стил на живеење и облекување?
- Живееме во време во кое вртоглаво се менуваат работите во модниот свет и во секојдневието. Немам точно определен стил на облекување, знам точно кои работи не ми стојат и кои не ми се допаѓаат и не би ги носела, а со останатото не се оптоварувам. Мојот стил на живот со три деца, динамична работа и многу дополнителни обврски освен хаотичен не ми текнува друг збор што најубаво би го опишал моето секојдневие. Како и за облекувањето и за секојдневните работи знам што сакам, сакам да патувам, сакам да одам во кино, во театар, сакам вино, убави места, ги сакам моите пријатели. Да, спонтан, убав хаос би бил најточниот опис.
* Кој ви е омилен парфем, козметика?
- Многу голем дел од нашите клиенти се од овој сектор, па апсолутно не би можела да издвојам ниеден бренд, ни производ и тоа да изгледа дипломатски и коректно за сите. Можам да кажам дека многу сакам козметика и не робувам на скапи брендови, буквално сẻ сум користела и затоа не се врзувам за определен бренд.
* Преферирате ниски или високи потпетици?
- Патики! Апсолутно мој избор, за секоја пригода особено последниве години кога има модели кои што се прикладни за комбинирање со свечена облека.
* На кои дами им се восхитувате?
- На сите кои успеале да го сочуваат својот дух и желба за работа и подобар живот. На сите што покажале храброст да се издвојат од толпата со дела и труд. На сите што имаат убав збор за секого колку и да имаат сопствени проблеми.
Лејла Сабит