Љубовта ја донесе во Македонија: Русинката Алина е омажена за Македонец и е жена која ги следи своите соништа
Алина Витларова има 32 години и речиси цел живот живеела во Ростов-он-Дон (милионски град во јужна Русија), за пред десетина месеци љубовта на нејзиниот живот да ја донесе во Скопје.
Нејзиниот сопруг е Македонец, а се запознале на многу интересен начин, преку пријателка чиешто семејство се преселило во Прага пред неколку години, а таа нашла работа каде што работел и сега веќе сопругот на Алина.
Во неформален разговор, приајтелката на Алина му спомнала дека сака да го запознае со нејзина пријателка и му покажала фотографија, но иако таа мислела на друга девојка, некако на фотографијата била Алина - така всушност и започнува љубовната приказна на Русинката Алина и нејзиниот сопруг Македонец, кој веднаш ѝ пуштил понуда за пријателство на Фејсбук, меѓутоа тогаш Алина не зборувала добро англиски, па решила дека е добро да има пријател со кој ќе го вежба јазикот... „па, како што гледате, сè уште го вежбам“ - вели Алина.
Алина е скромна жена со убавина која плени, а пред сè, е жена која ги следи сопствените соништа. Со неа разговаравме на англиски, но сигурни сме дека веќе во следна прилика таа добро ќе го совлада и македонскиот јазик.
-Мојот сопруг е Македонец, но во моментот кога се запознавме, тој живееше 20 години во Прага, јас се преселив кај него таму, а после една година се преселивме во Скопје. Отвори канцеларија овде и решивме дека ќе биде полесно да се преселиме барем на одреден временски период во Скопје. Таа одлука ја реализиравме минатата година во август.
Ѝ недостасува Русија и животот таму, но лесно се адаптирала и на животот во Македонија
- За мене на почетокот беше малку тешко, сепак променив две земји за две години… Најголемиот проблем беше што бев без родителите и пријателите (во Прага имам мои многу блиски пријатели), плус во време на пандемија бев многу ограничена за летање во друга земја, но, имаме една фраза во Русија „најважно е како ти е дома, останатото е лесно“ - така поради мојата врска и љубов, мојот сопруг, моето куче, среќата во мојот живот не зависи многу од местото каде што сум. Покрај тоа јас сум многу друштвена, така што немав некои непријатности да се привикнам. Имам среќа што секогаш среќавам многу добри луѓе - вели Алина и додава дека од Русија најмногу и недостига храната.
- Секако дека ми недостасуваат многу работи од Русија - воглавно храната, а и Скопје е прилично мал град, нема доволно избор за многу работи... но во исто време, Македонија е прекрасна земја, природата, времето, гостопримството и храната секако.
За животот во Македонија вели дека е поблизок до Русија отколку кога би направила споредба со Чешка - сличен менталитет сме - вели таа.
Алина е бремена и со сопругот го очекуваат првото детенце, таа е во 34-та недела, но истовремено работи и на отворањето на сопствен мал бизнис
- Кога дојде идејата да отворам салон за нокти, сè уште не бев бремена, работев (и се уште работам) со накит, а рацете секогаш ми се во фокусот и пред камерата, за што секогаш треба да имаш идеален маникир, во Русија тоа е како традиција би рекла, секој салон е добар, имаме многу професионалци, а јас толку многу се навикнав на тој квалитет што кога дојдов првпат овде доживеав малку шок. Не сакам да навредам никого, не ме сфаќајте погрешно... само веројатно тоа е затоа што како што кажав, во Русија сум навикната на поразличен начин на изработка на маникир, па така ми дојде идејата и решив да отворам салон со руска техника за изработка на маникир и педикир и да го правам тоа како што јас знам и сум навикната.
Реализацијата на проектот, односно покренување на мој сопствен бизнис ми одзеде многу повеќе време отколку што змислував. За тоа време останав бремена, но кога веќе започнав нешто, нема да сум јас ако оставам сè така, па ете сега сме во завршна фаза и со бременоста и со средувањето на салонот.
Алина е инспирација за жените бидејќи се одлучила да го следи својот сон и како што самата вели: „На крајот на денот, секој ден е мала војна, во која си победник, само, малку уморен победник.“
- Да бидам искрена, имав многу потешкотии, кога странци започнуваат сопствен, мал бизнис во друга држава е многу потешко, ако не беше поддршката од мојот сопруг, пријателите и мојот тим, никогаш не би направила ништо. Главниот проблем беше што ги нарачавме сите наши материјали и опрема од различни земји (главно Чешка, Полска, Русија, Украина) и во време на ковид, беше навистина предизвик да се донесе сè овде. А покрај тоа сè уште имам проблем да најдам девојки за нашиот тим, можеби затоа што ние сме премногу перфекционисти, па засега сме мал тим, но растеме (полека), другите пречки и потешкотии на кои наидував се ситни детали, но мора да управувате и да се справувате и со нив, така што на крајот на денот, секој ден е мала војна, во која си победник, само, малку уморен победник.
Алина има совет за сите жени кои сакаат да започнат сопствен бизнис но се плашат, таа им порачува да бидат храбри, ентузијасти, да имаат силни нерви и голема поддршка од блиските луѓе.
-И морате да бидете сонувачи! Јас сонував да имам свој бизнис, затоа, без разлика колку е тешко понекогаш, сепак сум задоволна и вреди.
*Љ.И