ЉУБОВТА НЕ РАСПОЗНАВА БОИ: Македонско-африканската приказна на Маша и на Коџо

Моето тогашно момче загина во сообраќајна незгода, а мене светот кој до тогаш го знаев, целосно ми се сруши. А Коџо? Кога седна до мене, ме праша „Зошто си тажна?”. Откако му раскажав, ме погледна и ми кажа дека тој ќе ми го смени животот. 

Шармантната скопјанка Маша Беќковиќ, која има 25 години е дипломиран инженер по информатички науки и компјутерско инженерство, и во моментов е вработена како програмер во Asseco. На неполни 23 години, младата девојка се соочи со голема приватна трагедија. Нејзиното момче загина во сообраќајна несреќа. Во тој исклучително тежок период за неа, таа вели дека светот и се срушил и се чувствувала како само да постои, а не и дека живее. Во 2016 година, Маша повторно ја огреало сонце. На мастер студиите во Франција, го запознала Коџо Њанте од Гана, Африка, кој целосно ја освоил со неговата добрина и човечност. Откако му раскажала зошто е тажна, тој ја погледнал и и рекол дека тој ќе и го смени животот. По речиси една и пол година, Коџо, иако живее во Будимпешта, е член на семејството Беќковиќ, а родителите на Маша, Маја и Иван, како и браќата Матија и Максим го сметаат за свој. Во интервју за Женски магазин пред неколку емсеци, Маша изјави дека не е важна бојата на кожата на Коџо, туку тоа што тој ги вратил боите во нејзиниот свет. 

 * Како и кога се запознавте со Коџо?

-  Со Коџо се запознавме во градот Рен во Франција, каде што беше организиран kick off настан, а воедно и натпревар за 400 мастер студенти по информатика, од универзитетите во цела Европа. Се запознавме во октомври, 2016 година. И на двајцата се уште ни е фасцинантно како се случи тоа – беше организирана гала вечер, каде што се влечеа ливчиња за тоа кој каде ќе седи. Од толку многу луѓе и можности, и јас и тој извлековме ливче со ист број на маса. Јас седнав прва, тој дојде по мене и кога седна до мене, се почувствував како конечно да ме огреало сонце. Инаку тоа е единствен натпревар каде што бевме во спротивни тимови – јас го освоив првото, а тој второто место. Од тогаш па навака на сите натпревари на кои учествуваме сме во ист тим и заедно победуваме и навистина сме нераздвојни.

* Што те освои кај него, и што е она што најмногу го сакаш?

- Од самиот почеток сум вљубена во душата на Коџо. Дури е неверојатно тоа колку ништо друго не ми беше важно тогаш кога го запознав. Целосно и максимално ме освои со неговата добрина и човечност, неизмерната желба да им помогне на сите и тоа колку е полн со разбирање, љубов и нежност. Во овој свет на лажни вредности, тој како да не е од оваа планета, полн со морални и човечки квалитети кои ретко може да се видат во ова наше, европско, битисување. Дури некои постапки на луѓето кои ги среќава во Европа не му се до крај ни јасни, ниту разбирливи, колку е тој од еден поинаков, почовечен свет. Инаку физички, целиот е преубав, а јас особено му ја обожавам косата. 

* Дали по претходната несреќа, сообраќајката во која загина твоето тогашно момче, тој ти помогна да тргнеш напред? 

- Во животот не сум се чувствувала поскршено од миговите во кои го запознав Коџо. Месеци пред да продолжам на мастер студиите во странство, моето тогашно момче загина во сообраќајна незгода, а мене светот кој до тогаш го знаев, целосно ми се сруши. Во тоа време и луѓето кои најдобро ме знаеа не ме препознаваа, а јас како само да постоев, а не да живеев. Размислувајќи сега за се што се случуваше тогаш, навистина мислам дека не можеше да се однесувам како старата јас по болката со која секојдневно се справував. А Коџо? Коџо беше странецот што едноставно го препознав. Или тој ме препозна мене. Кога седна до мене на масата, првото прашање му беше „Зошто си тажна?”. Јас не криев зошто сум тажна, а и сега сум целосно отворена и сакам да ја споделам оваа приказна затоа што луѓето треба да знаат дека постои среќа за секого и дека среќата ќе ја најдат кога најмалку очекуваат и кога навистина воопшто не ја бараат. Дури кога ни потајно не и се надеваат. Едниот дел од мојата животна приказна е многу тажен, но навистина верувам дека на многумина може да им послужи како инспирација за да продолжат напред и затоа секогаш неуморно раскажувам за се низ што сум поминала. Откако му раскажав на Коџо зошто сум тажна, ме погледна и ми кажа дека тој ќе ми го смени животот. Во тој момент, навистина не ни можев да помислам дека се што зборува, ќе се оствари. Коџо не само што ми помогна, туку тој е личноста што целосно ме истурка од темнината и ми помогна да продолжам напред. Да не беше тој, сигурно немаше да бидам на ова место каде што сум денес. А ми помогна така што имаше неизмерно трпение, неизмерна желба да ми помогне, а исто така и многу љубов. Не му беше здодевно да му ги раскажувам истите приказни по 100 пати. Секој пат ме слушаше со истото внимание како и првиот пат. Ми покажуваше дека животот е многу повеќе од само постоење и дека јас сум способна за многу повеќе. Откако го запознав, во ниту еден момент не ме остави сама да се справам со било која ситуација што ми се случуваше, без разлика колку е ситуацијата сериозна или не. Па така ако на некого треба целосно да му се препише моето „спасување”, тоа е Коџо.

*  Поради тажната случка од минатото, дали долго време ти требаше да започнеш нова врска? 

- Јас, а и луѓето што ме знаат, знаат дека воопшто и немав намера да започнам нова врска. И Коџо со сигурност немаше намера да започне врска, што туку дојден во Европа, со учењето како главна цел. И да не беше тој таков каков што е, сигурно немаше да се вљубам во него. А Коџо за мене вели дека се вљубил затоа што ги гледал работите многу подлабоко, не се задржувал само на површината, туку видел што можам да бидам јас кога не сум тажна. Приказните за големите љубови се обично такви, непланирани и те пресекуваат како гром од ведро небо. Ти го менуваат животот целосно и после некое време сфаќаш дека поинаку не би ни требало да биде.

* Живееме во патријархална средина, дали се колебаше или двоумеше за него затоа што од друга раса?

- Веројатно Коџо да ми се случеше во некое друго време или да го запознав во друг период од животот, заради средината можеби и би се замислила. Но сега, после се, знам дека тоа ќе беше целосно погрешно. Тоа што секогаш го кажувам за Коџо е дека е црн, но мене ми ги врати сите бои во животот. И мене ми е тоа најважно, да го обоиме нашиот свет онака како што ние сакаме. А и животот е само мој, по се што ми се случи навистина заслужувам да бидам среќна и доколку ја слушав средината што ми зборува, сигурно животот ќе ми отидеше во сосема поинаква насока. Најважно е тоа што јас го мислам и најблиските околу мене. А Коџо е навистина прекрасен. Тој ме научи дека човек навистина може да се заљуби целосно во душата на човек, без да ги гледа боите. А љубовта секако не распознава бои.

* Како реагираа твоите најблиски кога им соопшти дека сте во врска и имаше ли чудни реакции од околината: соседи, роднини, колеги ?

- На најблиските им беше многу драго што сум повторно среќна и целосно го прифатија од самиот почеток. Затоа што навистина можеа да видат дека овој човек ме турка само напред. Исто така и Коџо беше воодушевен од „своето ново“ европско семејство и колку е прифатен без предрасуди. А јас сум му благодарна на моето семејство што имаат такви погледи на светот што најважна сум им јас и мојата среќа.

Коџо, кога прв пат дојде кај нас дома, рече дека за прв пат среќава луѓе кои немале многу контакти со црната раса, а кои се толку отворени и тотално неоптеретени од тоа. Рече: „Маша, кај вас дома, дури и кучето и мачката не се расисти, затоа што веднаш трчаат да си играат со мене кога ќе ме видат.“

Кај останатите луѓе има различни реакции. Мал дел од нив до ден денес реагираат чудно кога ќе видат или слушнат дека мојот дечко е црн. Најглупава реакција која ја имам доживеано неколку пати е „А, зошто не си најдеш некој бел?”. Како тоа да е нешто што е најважно? Во тие моменти си мислам, ах луѓе, што знаете вие за љубов? 

* Каде живее тој, каде е роден, што работи, и како успеавте да ја одржите љубовта на далечина?

- Коџо веќе некое време живее во Будимпешта, а претходно живееше во Холандија. Роден е во Гана, во Африка, каде што и сега живее неговото прекрасно семејство. Во Европа прв пат дојде во август 2016 година на мастер студии. Тој е исто така програмер, во Холандија беше на мастер студии за сајбер безбедност и приватност, а сега во Будимпешта специјализацијата му е по напредна криптографија.

И јас и Коџо кога ја започнавме оваа врска дефинитивно не бевме експерти во љубов на далечина. Се беше ново и за двајцата, но љубовта и ентузијазмот за ова да опстане беа огромни уште на самиот почеток и до ден денес немаат згаснато. Даваме се од себе да се гледаме што почесто можеме – јас одам кај него, тој доаѓа кај мене. Големите празници, родендени... секогаш ги поминуваме заедно. Во текот на денот се слушаме и си пишуваме доволно пати за воопшто да не ја почувствуваме далечината. Тешко е, но ако ја сакаш личноста, навистина може да се успее. Чекањето е знак на вистинска љубов и трпение. Секој може да ти каже „те сакам“, но не секој може да чека и да ти докаже дека тоа е вистина.

* Што најмногу му се допаѓа кога ќе дојде во Македонија, каде се го прошета и научи ли некој збор на македонски?

- Сите што го запознаа Коџо во Македонија се воодушевени од тоа колку тој зборува македонски! И тоа не мислам само на основните „здраво, како си, што правиш”, туку со него може да се направи навистина еден убав муабет. Уште повеќе разбира кога не слуша како разговараме помеѓу себе. Дури разликува и разбира и српски и македонски. Во Македонија му се допаѓаат многу работи, но најмногу му се допаѓа тоа што е со семејството – моето семејство, кое сега е целосно и негово и што навистина се чувствува како да е дома. Охрид, Струга, Битола, Берово, Куманово, Прилеп..., се само дел од градовите кои ги посетивме во Македонија. Морам да признам дека за многу од местата и убавините на Македонија, како и разните искуства кои ги имавме, и јас се среќавам по прв пат и заедно ги истражуваме со Коџо.

* На фејсбук видов објава дека на Бадник, во вашето семејство, паричката му се паднала нему. Дали беше радосен, и што рече за оваа наша традиција? 

- Од моментот кога се запознавме со Коџо зборуваме за традициите во Македонија и во Гана и од самиот почеток ова со паричката му беше најинтересно. И лани учествуваше во вртењето лепче, ама годинава прв пат му се падна нему. Навистина не беше наместено. Мислам дека тоа е и причината зошто тој беше пресреќен – виде дека се е регуларно и дека тој е добитникот. Оваа традиција ја обожува, особено затоа што само што започна месецот февруари, а тој почувствува неколку пати како паричката си работи со полна пареа и му носи среќа. 

Милица Џаровска