Лозано: Поради алергија бев во кома

Токму на празникот Илинден, на 2 август, најпопуларниот поп-пејач кај нас Влатко Лозаноски-Лозано ќе одржи концерт во Охрид, на Стадионот „Билјанини извори“ од 21 часот. За концертот кој го организира „Прагма“ продукција, Лозано вели дека многу се радува. За Женски магазин, тој неодамна откри приказна  од детството која до сега ја нема споделено со јавноста. 

Кога бил многу мала, Влатко паднал во кома поради алергија од мед која претходно не му била откриена. 

„ Ништо страшно искрено, колку што се сеќавам, како што ми кажувала мајка ми дека траело многу кратко. Докторите не знаеле што ја предизвикало таа непријатност, па имаше еден долг период во кој не јадев мед, поради тоа што пред случката сум го конзумирал медот. Но, за среќа сѐ било како што треба потоа“, ни изјави пејачот. За своето детство во Кичево, Лозано вели дека било прекрасно.

Како тинејџер, Лозано имал долга коса 

„ Имав прекрасно и безгрижно детство, во моето родно Кичево. Бев опколен со прекрасни луѓе, моето семејство, моите соседи, имаше тогаш многу дечиња, мои врсници. Правевме најразлични будалаштини, од сѐ правевме игра, измислувавме игри, се радувавме на обични работи, си правевме засолништа и куќи од делови, врати, хауби, гуми од коли. Бевме махери за сѐ, трки со бицикли низ маало (така во Кичево ги викаме велосипедите). Играње со топка од утро до мрак, па во текот на денот мајка ми или баба ми ќе ми викнат од дома: "Влаткоооо ајде да јадеш",  затоа што мене не ми текнуваше на тоа и ќе појдев ќе си скршев краишник од леб и пак се враќав“, ни раскажа Лозано.