Луѓе испаничени и исцрнети од чад, задишани се бореа да ги зачуваат своите куќи од огнот: Новинарот Стоиков десетина часови помагал во гаснењето на огнот во кочанскиот регион

Добивај вести на Viber

Жени, мажи и деца, помагаа кој како може, носеа вода за гаснење на пожарот, за пиење, носеа алати. Сцените беа траорни, свињи - живи испечени, свртени на грб даваа сè уште знаци на живот. Овде беше најлошо, џиповите, односно пумпите за вода се полнеа со туби, кофи, шишиња, буквално кој со што ќе стигне. Тука пристапив и јас со гаснење на пожарот, со лопата - раскажува 27-годишниот новинар Симеончо Стоиков од Кочани за стравичниот пожар кој го зафати кочанскиот регион во неделата.

А кога чувството на гнев, револт, нервоза за неколку часа ќе премине во гордост и исполнетост, среќа што си успеал да помогнеш и да спасиш нечиј дом, викендичка, автомобил, се случува бура од емоции вели Стоиков.

Тој за Женски магазин сведочи за ужасниот пожар кој беснееше во кочанскиот регион каде тој десетина часови помагал во гаснењето на огнот, поминувајќи ја ноќта со неговите сограѓани доброволци. 

Глетката од пожарите, од тоа што видовме на видеа и фотографии, беше страшна и жална, но како беше на лице место, каде граѓаните беа изложени на голема опасност, ни раскажува Стоиков.

За продолжениот викенд, Симеончо бил надвор од Кочани, на враќање забележал пожар над градот во зелениот појас. Кога пристигнал дома и вклучил лаптоп забележал на фејсбук драматични апели за помош и споделени видеа.
- Во исто време излегов надвор на тераса и забележав огромни облаци од чад. Притоа започна да дува ненормално силен ветер. Веднаш преку социјалните мрежи со мои другари контактиравме, исто така и со неколку соседи и без размислување заминавме кон посоченото место - раскажува тој за моментот кога дознал за стравичниот пожар.

„Луѓе испаничени и исцрнети од чад, испотени и задишани се бореа да ги зачуваат своите куќи од огнот кој буквално беше дојден до самата ограда од нивните дворови“

- Поради гужвата од автомобили и луѓе, а исто така патот беше блокиран од страна на МВР моравме да го оставиме возилот на околу еден километар и да пешачиме. Се упатив кон Белско мало (излезот од градот кој води кон Пониква). Од лева страна на улицата луѓе испаничени и исцрнети од чад, испотени и задишани се бореа да ги зачуваат своите куќи од огнот кој буквално беше дојден до самата ограда од нивните дворови. Додека од карши, од десно се надвиваше огромен оган од складот на македонски шуми каде гореа стотина кубици дрва, но и околу 50 запленети возила од шумската полиција. Тоа беше страшен и голем оган, го гасеше само една цистерна со двајца пожарникари, а откако им снема вода и по повик дека има нова критична точка заминаа за кратко - ја опишува тој сцената која ја затекнал по пристигањето на местото кое вели, било крајно небезбедно поради големиот оган. 

Траорни сцени во Драчевик - пожарот почнал да се спушта кон куќите, а брзата реакција на доброволците и пожарникарите била пресудна во овие моменти

Тој и уште десетина доброволци кои во меѓуврме пристигнале, биле упатени на нова локација, Драчевик. Е тука беше шокот - вели тој, изгорена куќа, односно кровот и еден спрат, а веднаш под истата два теренски џипа од Виница и Кочани со неколку пожарникари се обидувале да спасат три куќи, и за среќа тоа се случило, ги спасиле.


Сцените беа траорни - вели Стоиков, свињи - живи испечени, свртени на грб даваа сè уште знаци на живот, раскажува тој.
- Овде беше најлошо, џиповите, односно пумпите за вода се полнеа со туби, кофи, шишиња, буквално кој со што ќе стигне. Тука пристапив и јас со гаснење на пожарот, со лопата. Додека пожарникарите спасуваа една куќа погоре, огнот се прошири по должина и стигна до дворот на друга куќа. Со брза и енергична реакција на граѓаните, истиот го ставивме под контрола.

Потоа по кординација со лице од МВР, но и Николчо и Венко кои сакам особено да ги потенцирам, добивме информација дека критично е на месноста Варница, тоа е од другата страна на складот на македонски шуми каде што бев на почеток. Поради тоа што пожарот префрли и започна да се спушта кон куќите кои се на 50 метри и потребна беше брза реакција. Тука се пристапи со нова тактика. Се направи контра пожар, односно појас со кој би се спречило огнот да пројде до куќите. Опасноста во прв момент пројде, но поради силниот ветер, а со оглед на тоа што имаше многу жар поради стотината кубици дрва, искри летаа во воздухот и се закануваше да се прошири пожарот. 

Непристапниот терен - дополнително отежнувачки во пристапувањето кон гаснење на пожарот

- Во меѓуверме дојде цистерна од КЈП Водово па синхронизирано сите пуштивме црево и огнот некако беше ставен под контрола. Потоа по нова кординација заминавме кај складот на Макпетрол, во индустриската зона. Тука огинот се рашири во должина и од соседните ридови се спушташе, а први на удар беа бројните викендички. По крајот непристапен терен, покрај канал за наводнување под кој минавме, низ лојзе и непристапен терен се искачивме на ридот. Таму веќе имаше и помала група од АРМ и пристапивме кон гаснење на пожар. Во меѓувреме се организираше акција за собирање на ПП апарати од фирмите, па моравме да се вратиме кај складот на Макпетрол за да ги пречекаме ПП апаратите и да ги дистрибуираме до критичните точки - раскажува понатаму Стоиков.

Тој на терен бил некаде од 17 часот па до 2:30 по полноќ, до моментот кога било кажано дека доброволците можат да си заминат откако пристигнал дополнителен контигент припадница на АРМ, а помош пристигала од повеќе градови.

- Имаше луѓе, од она што видов дојдоа момци од Велес, од Штип, од Македонска Каменица, зборам за доброволнци, обични граѓани. Исто така имаше пожарникари од Виница, Македонска Каменица, Пробиштип, Скопје, Штип, Велес.

За среќа, жртви и повредени немаше, но стравот кај сите, дали пожарникари, дали граѓани беше ветрот поради кој настрада и еден камион на ТППЕ Кочани 


- Луѓето, и жени и мажи, и деца, помагаа кој како може. Носеа вода за гаснење, за пиење, носеа алати, вршеа превоз од место до место. Мора да ги пофалам и МВР Кочани и екипите на Брза помош од Кочани кои беа бројни и ажурни во текот на цела ситуација - потенцира Симеончо.

Трите излези од Кочани кон шумските предели кои се излетнички места се уништени - вели Стоиков.

- Ова беше трет голем пожар за краток период и слободно можам да кажам дека зелениот појас околу Кочани е уништен, сведочи Стоиков и додава дека пред неколку дена бил опожарен просторот на месноста викана Просечена скал, истиот пожар префрлил и кон Браната Градче, а еве сега и кон Пониква, вели тој. 

Ова е втор пожар на кој за кратко време новинарот Стоиков активно се вклучува како доброволец

-На 29-ти јули имаше исто така голем пожар на кој интервениравме исто така со група доброволци, а истиот беше ставен под контрола дури по интервенција со хеликоптер. И тогаш имаше еден драматичен момент кога одеднаш започна да дува силен ветер, па итно моравме да се повлекуваме од високиот и силен оган кој зафати борова шума, но за среќа се помина добро за луѓето, освен тоа што еден пожарникар заврши со гушење во болница. Ова лудило мора да запре, санкции мора да има. Ова се провлекува веќе со години, но од година во година станува сè полош. Да не ги заборавиме пожарите и во атарот на кочанско поле кои во 99 посто се подметнати од земјоделци кои ги палат страништата. Мора да има високи казни и одговорност за оние кои го прават ова и во опасност доведуваа човечки животи, имоти и притоа прават масакар на природата - вели за крај Стоиков.

Пожарите во Кочани се ставија под контрола, но битката со огнената стихија деновиве, продолжува во повеќе региони низ државава. Стравични пожари ги зафатија и валандовско, беровско, кумановско.

*Љ.Иванова