Денес сè се купува и продава, дури и она кое луѓето мислат нема цена, тоа обично е и најевтино: Култни реплики од делата на Горан Стефановски

Еден од најзначајните писатели на македонската драма, Горан Стефановски, со своите дела ја отсликува самата срж на македонскиот живот и дух. Токму од нив произлегоа култни реплики кои уште долго ќе бидат врежани во нашата меморија.
Горан Стефановски е роден на 27-ми април 1952 година во Битола. Да беше жив Стефановски в недела ќе го прославеше неговиот 73 роденден.
Еве дел од култните реплики на Горан Стефановски:
Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност. (Тетовирани души)
Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино. (Диво Месо)
Луѓето копнеат да умрат. Основците копнеат да станат гимназијалци, гимназијалците студенти, студентите да најдат работа, вработените да се оженат, оженетите копнеат по стан и да им пораснат децата за мирно да си се пензионираат, пензионерите копнеат по здравје, а сите копнеат да умрат и мртви копнеат да се родат за пак да се условно живи, во нов расчекор со себе. (Дупло Дно)
Не ме боли газот за народните права, ниту народот ги заслужува, ниту може да ги има, ниту ако ги добие ќе знае што да прави со нив. (Лет во место)
Душите се како кучиња. Сакаат да се блиску до господарот. А вам ви е гајле. Ги пуштате да гладуваат, да лутаат неспокојно. (Жив Човек)
Одбивам да сум жив по инерција, да дишам на шкрги. Одбивам да чекам како јаре пред Ѓурѓовден, како свиња пред Божиќ. Одбивам да шетам со цревата во раце, да гледам како нестручно ме оперирате, сечете и шиете, како ми гнојат раните и да се прашувам колку ли ќе ме боли кога ќе дојдам на себе. Не сакам седативи. Не сум купче протплазма. Имам волја и разум и ја преземам одговорноста за својот живот. (Дупло Дно)
Да знаев какви ќе излезете ќе ве издркав во чаша. Ебави младоста. Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите, ни во телата… (Диво Месо)