Луѓето останаа без трошка љубов и емпатија во себе: Интервју со Силвија Митевска

Добивај вести на Viber

За расказот „Присвоено јунаштво“, активистката и писателка Силвија Митевска, неодамна ја освои првата награда за краток расказ од Нова Македонија. Ова го искористивме како мотив да направиме една кратка средба со неа. Силвија е мајка на две прекрасни деца, но едновремено и активистка која се залага за придобивките од спортувањето кај жените. Таа е параглајдеристка, а досега има издадено две книги: „Додека Данте спие“ и „Шепотот на Данте“

* Неодамна ја добивте наградата за краток расказ за „Присвоено јунаштво“. Ова не е ваша прва награда. И минатата година од Италија се вративте со награда. Интересно е што оваа награда е за расказ во кој еден од главните ликови е куче. Која ви беше целта со овој расказ? Која е неговата мисија?

- Оваа беше мојата прва награда во Македонија и многу ми е драга од две причини: најпрво зашто расказот е мојата омилена форма на раскажување и второ затоа што конкурсот на Нова Македонија е долготраен, со традиција и на овој конкурс се пријавуваат огромен број на талентирани писатели и автори. И минатата година на националниот конкурс во Италија, добив награда за краток расказ. Критериумите за тој конкурс беа во раскажувањето да се прикаже некаква поврзаност помеѓу земјата на потекло, во мојот случај Македонија и Италија. Овој расказ имаше некаков си среќен крај, исполнување на сонот на главниот лик, што обично ретко се случува во расказите кои ги пишувам. Најчесто, крајот е фатален а тоа е случајот и во расказот Присвоено јунаштво. По објавувањето, добив коментар дека во расказот има многу насилство. Да, има. Но, за жал таква е нашата реалност, јас се инспирирам од тоа што ме опкружува и оттаму овој расказ е реалистично отсликување на нашата средина. Приказната е раскажана преку призмата на кучката Луси, но таа не е главниот лик во расказот.

Мисијата на расказот е иста како и мисијата на секоја книга. Да се чита што повеќе и да поттикне дискусија. Мој личен успех би бил доколку расказот успеал да ве скокотне некаде длабоко во вас и ве натерал да преиспитате некои вредности и принципи.

*Очекувате ли награда кога го пишувате овој расказ?

- Посакував, но не очекував награда. Откако го испратив расказот, од премногу работа, изумив на конкурсот и не следев резултати. Ме исконтактираа од редакцијата на весникот зашто не се јавував неколку дена по објавените резултати.

*Кучињата се главна тема во Македонија. Често патувате, па дали имате некое искуство од други земји кое би можеле да го имплементираме во Македонија? На пример во Италија кучињата се добредојдени насекаде, но по улиците нема бездомни кучиња кои би напаѓале минувачи..

- Кучињата се мојата најголема љубов. Отсекогаш сум живеела со куче дома, но особено драги ми се кучињата скитници. Мислам дека тие се најплеменетите животни. Кај нас недостасува колективна свест за заштита на кучињата скитници. Кога ќе прочитам дека е пронајдено куче кое било живо запалено или маче на кое му било отсечено опашот, навистина се прашувам дали луѓето останаа без трошка љубов и емпатија во себе. Правам сѐ што е во моја моќ да им помогнам на кучињата; ги воспитувам моите деца да ги сакаат и да ги чуваат, се вклучувам во различни хуманитарни акции и јавно говорам за важноста на овој проблем. Безрезервно им верувам на организациите за правата на животните, и секогаш сум скептична кон градските власти кога велат дека не можат да најдат одржливо решение за кучињата скитници. Потребно ни е трајно решение зашто трагедијата што се случи неодамна не смее никогаш повеќе да се повтори. Во спротивно, сите ние ќе имаме удел во вината и одговорност ќе мора да се бара.

*Дали овој расказ ќе биде вовед во нова книга на Силвија?

- По објавените збирки раскази, третата книга изгледа дека ќе биде роман. Почнав да пишувам летоска, додека престојував во Италија. Чувствувам многу ентузијазам и страст кон пишувањето на оваа трета книга, ликовите ми се чинат многу интересни, во глава ми се прилично разработени, но сè уште е рано да се каже што било, зашто има уште многу работа и многу пишување. Да имам слободно време би пишувала деноноќно, но имам многу интензивна и динамична работа и две мали деца, па време за пишување имам сѐ помалку. Сепак, не се брзам, верувам дека кога ќе дојде вистинското време, сѐ ќе се најде на хартија.

*Што најчесто е вашата најголема инспирација за пишување?

- Нема некое посебно правило. Знам да се инспирирам од муабетот на случајни минувачи или на пример од уметнички слики. Сакам да предвидам како се чувствувал/а уметникот/ца додека творел/а и која е пораката преку тоа дело а особено сакам да набљудувам уметник/ца додека слика. Обично ме инспирираат банални нешта, кои веројатно никој друг нема ни да ги забележи. Доволно ми е во око да ми падне една мала ситница за која понатаму ќе развијам цела приказна. Некогаш идејата доаѓа мигновено и е делумно јасна уште од самиот почеток. Понекогаш ми е потребно повеќе време и размислување, креирање различни сценарија. Научив дека нема правилен или неправилен пристап, важно е само да му се вдахне што повеќе живот на расказот.

*Дали како мајка им читате раскази на своите деца?

- Данте има осум години и повеќе го интересира кога му раскажувам измислени приказни отколку да му читам раскази. Дополнително, моите книги не се пригодни за негова возраст. Лео има девет месеци и уште е мал за раскази. Тој сега ужива во светот на песничките и приспивните мелодии. Сепак, многу ќе ми биде драго кога ќе пораснат и еден ден ќе ги земат в рака моите книги. Ете, мислам дека и тоа е еден вид на моја инспирација, да оставам нешто трајно зад мене на кое тие ќе се гордеат.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска