Мајки од Скопје ги споделуваат искуствата со адаптација на нивните деца во градинка: Плус корисни совети од Наташа Маџевска, професор по предучилишно воспитување

Добивај вести на Viber

-Од што зависи адаптацијата на деца во градинка? Потребни ли се некакви подготовки за да се олесни самата адаптација на детето на новата средина? Кои се најчести несакани реакции кај децата кои можат да се јават и како да се постапи со нив? На што да се внимава во првите денови од нивно тргнување во градинка? Дали и колку годините на детето имаат врска со поаѓање во градинка во однос на нивно полесно приспособувањеКако градинките влијаат на развојот на децата, на нивна социјализација и растење? - за сите овие прашања, одговорите ги побаравме кај Наташа Маџевска, професор по предучилишно воспитување, Гешталт Психотерапевт EAPTE, ECP. 

И, додека некои родители и деца имаат супер искуства со адаптацијата на нивните деца во градинка, за други родители, па и дечиња, првите денови, недели, па и месеци во градинка знаат да бидат вистински стресно и непријатно доживување.

Родители од Скопје, за Женски магазин, ги споделија нивните најразлични искуства за адаптација на нивните деца во градинките, а во продолжение ќе прочитате и супер корисни совети на оваа тема, од професорката по предучилишно воспитување и Гешталт Психотерапевт, Наташа Маџевска.

Тргнувањето во градинка е возбудлив момент за децата, а секако и за родителите. Заминувањето во нова средина, одвојувањето од семејната средина е многу важен момент за детскиот живот. А, како што потврдува Маџевска, за да може преодот од домот во градинка да помине побезбедно за детето, потребно е добро да се испланира времето и подготви и родителот и детето. Односно, многу е важно родителите на градинката да гледаат како позитивно искуство за своето дете.

Родителот за прв пат го дава своето дете на нега на друг возрасен, се запознава со други родители и заедно со детето се прилагодуваат на нови рутини и активности. Детето треба да се подготви да биде во поголема средина со повеќе деца и каде поддршката еден на еден од возрасен ќе биде помала.
Дека спремноста за секое дете е различно искусување, потенцира и Маџевска, и вели дека некои деца се многу возбудени, а некои се исплашени од бројноста на децата.

Едно вакво непријатно искуство ни сподели мајка на 18-месечно дете од Скопје, кое месецов штотуку тргнало во градинка, а таа раскажува дека за нив ова е многу стресен период. 

- Прво половина час ти изгледа како цел ден, второ односот на воспитувачките не ми направи да се чувствувам дека е во сигурни раце, кои 100% ќе му посветат внимание, што мислам дека е клучно, особено за првите денови.

Мислам дека мора да има некој план по кој треба да се адаптираат новите дечиња. Верувам дека не им е лесно ни на воспитачките со многу деца, но затоа мора да се направи нешто со кое децата најмалку ќе бидат „повредени“. Многу е полесно да му биде таму убаво, па кога ќе кажам одиме во градинка да биде пропратено со „јеееј“ наместо со „не,не,не“ затоа што таму седел сам и никој не му ја покажал новата средина, не се потрудил да му даде топлина и да се почувствува сигурен - ни раскажа оваа млада мајка од Скопје.

Сепак, Маџевска истакнува дека родителите треба да бидат трпеливи, полни со разбирање и флексибилни кон детето. Своите и очекувањата на детето да ги прилагодуваат и бидат пореални. Преминувањето од домот кон градинка да не се очекува дека ќе биде перфектно и без солзи, вели таа и додава дека во текот на првите недели на престој во градинка, можат да се појават промени во навиките на спиење и јадење, децата може да се повлечат, да станат плачливи или агресивни и непослушни во однос на порано. Може да се случи кај некои деца да направат регрес на одредени однесувања кои ги надминале со својата возраст. Пример да мокри почесто, да лази и да бара да го хранат.

Затоа професорката по предучилишно воспитување и психотерапевтка, посочува, детето во текот на месецот пред тргнување во градинка постепено да почне да се осамостојува. Повремено да се остава со други лица во кои имате доверба. Да создавате моменти да се дружи со врсници и други деца. Да се подготвува на активности кога излегува од домот облекување чевли, облека,  да седнува на маса и самостојно да се храни, да стекнува навики за самостојно хранење, да ги кажува своите потреби, да споделува играчки со други деца и возрасни, да стекнува самоконтрола за своите желби, да почитува правила во домот.

За едно такво супер искуство пак, ни раскажа Ирена Ставрова од Скопје, мајка на двегодишно девојче кое веќе неколку месеци посетува градинка во Кисела Вода.

- Секој процес во животот бара одредена адаптација, па така и градинките кои за најмалите се обично најстресен период додека сфатат какво место се тие. Моето девојче прилично брзо се навикна на градинката како место кое треба да се посетува. Христина која прв пат тргна во градинка на година и пол, првите неколку дена кога престојот е од само еден час ги помина прилично добро. Самиот факт дека многу сака дечиња мислам дека имаше голема улога да сака да посетува градинка. Воопшто немаше проблем во однос на будењето, лесно станува и денес, веќе сè е и навика, се подготвуваме и се симнуваме во градинката која буквално ни е пред врата. Единствен проблем кој го имав како мајка беше нејзиното одбивање храна на почеток таму, но тоа траеше кратко и за брз период се среди сè. Во целиот процес значајна улога имаа и негувателките. Нивниот однос кон децата и пречекот со насмевка, пружањето раче кон детето и заедно влегување со добро утро се и тоа како значајни за најмалите. Среќното лице на моето девојче на излегување од занимална за мене значеше и сè уште значи мир и спокој кога знам дека сè поминало во најдобар ред. Да, имаше и период кога не сакаше да ја премине вратата, но тоа беше период кој со зборување го поминавме многу лесно. Ниту ковид периодот ниту пак неделите на одмор, не беа проблем кога требаше да се стане и да се продолжи повторно дружбата со другарките во градинка, кои впрочем се дел од нашето соседство.

Ставрова додава дека нормално, и за нив како родители стресот бил присутен на почеток, бидејќи како што вели таа, неминовен е фактот дека секој родител го мисли детето секојдневно додека е на работа, а тоа во градинка, но потенцира дека нема потреба од преувеличување на нештата. 

-Сè е непознато, и за мајките кои прв пат пуштаат дете во градинка владее несигурност, се прашуваш како ли ќе биде. Меѓутоа, позитивниот поглед на моите сфаќања дека детето треба да биде во градинка со другарчиња, да се социјализира од најмали нозе, да знае ред и дисциплина, за мене и сопругот помина со помал стрес.

Со ставот на Ставрова, согласна е и Билјана Г. од Скопје – мајка на двегодишно дете кое првпат тргнало во градинка на 11 месеци. Таа вели дека детето одлично се прилагодило во градинка, немале никакви проблеми.

Билјана ги советува родителите дека нема потреба од грижа и стрес, бидејќи тоа е процес што мора да помине доколку детето е запишано во градинка, и како што вели таа, секое дете е индивидуално, но порано или подоцна секое ќе се прилагоди на градинката.

Ги прашавме родителите и што им било најважно кога ја одбирале градинката, дали воспитувачите, оддалеченоста од местото на живеење или нешто друго? А повеќето се согласни дека близината на живеење е клучна за изборот на градинката, иако некои од нив, кога би имале можности, велат дека би избрале поквалитетна, приватна градинка.

- Искрено немаше простор за размислување. Едноставно е, детето оди во градинка во близина на нашиот дом, бидејќи нè информираа дека мора да е во нашата општина. И тоа едвај да најдеш место. Воспитувачките не ги ни познавав, сега ги знам само по име, а би сакала да ги запознаам и да имаме супер искрен однос.

Да можев да избирам можеби би избрала приватна градинка, но да не беше прескапо. А и се прашувам, зошто приватните градинки се поубави од државните, за кои цел живот плаќаме, и треба да се образува нашата иднина... - истакна една од мајките.

Од друга страна, некои родители сметаат дека воспитувачките се клучни во овој процес, бидејќи и покрај подготвувањето на децата за овој преод, на нивното приспособување во градинка најмногу влијае односот на воспитувачките.  

- Го носам веќе полни две недели и сè уште е (сме) на адаптација. Претходно дома го подготвував постојано дека ќе оди да се дружи со нови другарчиња, дека ќе има најубави играчки таму и супер учителка која ќе му биде како мама. Малиот едвај чекаше и уште веднаш влезе со радост, немаше никакви плачки. Меѓутоа ми го вратија расплакан по 40-тина минути (ајде тоа до некаде и очекувано) и ми кажаа дека не успеале да му посветат внимание, зошто работат со намален капацитет во лето... прв ден на детето, не знам сè уште што правел, ама му беше траума односот, и нему, а и мене. Среќа е весело дете кое и вториот ден влезе без плачки, па дури од третиот веќе точно знаеше каде оди и викаше „не“ уште од дома, а кога ќе се доближевме до градинката плачеше. Досега на врата го презеле четири различни воспитувачки, изговорот е дека половина персонал е на одмори, па се менуваат и не се знаат групите точно како се. На прашањето како е, нон-стоп добивам одговор дека е нов и дека или плаче или не (што веќе знам). Не добивам никакви детали, или пак насоки... ниту бев прашана за тоа какво дете е мојот син, па за да му се прилагодат и нему да му е полесно за прилагодување. Или пак да има една воспитувачка со која ќе се адаптира на новата средина (дека нели тоа е адаптација) - раскажа мајка која сакаше да остане анонимна.

Но, сепак таа е оптимистична дека со текот на времето детето ќе се прилагоди, па вели дека со оглед на тоа што нивното 18-месечно дете досега било дома, со нив како родители и ја има истата рутина и на некој начин сè му е веќе „досадно“, сите играчки, нивни игри, песни, таа смета дека токму градинката ќе го надополни тој дел, ќе се дружи со дечиња на негова возраст, ќе се научи да игра, да дели, па подоцна и да црта, бои, пишува... 

- Навистина се надевам дека ќе бидам сведок на една таква градинка и такво растење на моето дете од 1-ви септември, бидејќи тогаш се враќал цел персонал и ќе се знаеле точните групи и сè ќе било поинаку - објасни таа.

Периодот на прилагодување трае подолго кај помладите деца - вели Маџевска.

- Јаслената возраст од 8 месеци до 2 години е до 30 дена. Кај децата од две до 5 години е две недели. Морам да напомнам дека кај децата секој прекин на редовно одење во градинка прави враќање назад. При повторно одење на детето во градинка, почнува како од почеток, повторна адаптација.

Прилагодувањето трае подолго и кај деца кои поради својот темперамент тешко прифаќаат нови ситуации, деца кои немале искуство на подолго одвојување од родителите, деца кои немале искуство на дружење со врсници и деца изложени на стресни животни ситуации - посочи таа и додаде дека важно е родителите да бидат упорни и со трпение истрајни во редовно носење на децата во градинка. Со грижлив пристап кон детето и разговор и советување со стручни лица може успешно да се надмине периодот на прилагодување. Ова е минлива фаза, по која градинката станува за повеќето деца место за игра, забава и стекнување убави искуства и знаења.

Родителите имаат претстава и свое искуство, поминати предизвици и помалку или повеќе, имаат претстава за како изгледа првиот ден во градинка. Децата немаат претстава и тоа е ново искуство за нив. Некои од децата оделе во игротеки, имале другарче кое веќе посетува градинка или некој омилен лик од цртаните кој оди во градинка, но нивното лично искуство е голема промена. Затоа Маџевска дава неколку клучни и многу корисни совети за родителите кои во иднина треба да ги запишат дичињата во градинка:

- Пред да тргне во градинка родителите треба претходно да го однесат детето во градинката да се запознае со установата, просторијата во која ќе престојува и со учителките со кои ќе учи нови работи. Првите денови детето да останува само неколку часа во градинка и постепено времето за престој да се зголемува . Доколку детето не преспива во градинка, добро е да легнува навечер порано за наутро да се разбудува порано и потоа заедно со другарчињата да има пладневен одмор. Доколку се случи да покажува отпор за одење во градинка, родителот треба да одговори со јасен став и со многу љубов. Ако родителот е несигурен и се размислува дали да го носи во градинка, детето тоа го чуствува и препознава. Несигурноста се пренесува и така отпорот кај детето се зголемува. Затоа во попладневните активности разговарајте за случувањата на детето во градинка. Што му било убаво, кое искуство не му било убаво и што научило со децата и учителките во градинка. Водете позитивни разговори со своите деца и така ги учиме на позитвно критичко размислување. Понекогаш децата отпорот кон градинката го покажуваат со нејадење на храната. Како родители бидете свесни и трпеливи, разговарајте за искуствата кои ги учи во градинка и зошто одењето во градинка е важно за него. Децата во градинка ја препознаваат својата самостојност и зголемената самодоверба.

Во градинката децата учат да комуницираат со другите деца взаемно, да бидат грижливи и љубезни, да градат позитивен однос кон другите деца и возрасни, да ги покажуваат и контролираат чуствата на позитивен начин, да помагаат на другите и да примаат помош од другите, да ги откриваат проблемите, испитуваат и доаѓаат до решенија, да го користат јазикот за размена, цртаат, сликаат, пејат и играат. Децата учат да бидат сигурни во себе.

А токму ова мислење го делат и младите мајки, кои велат дека градинките се одлични во поглед на социјализацијата и воспитниот процес во животот.
„Не знам што би правеле да не постојат градинките“ - истакна една од нив. А друга додава дека децата треба да растат со деца, и заедно со другарчиња да се социјализираат, наместо да ги чува дадилка или некој близок. 

- Секој со своите можности, но кога веќе постојат вакви институции мој став е дека треба да се користат за децата. Факт е дека треба да се посвети повеќе внимание и од страна на негувателките - секоја чест на исклучоци кои пружаат неверојатна љубов кон дечињата, меѓутоа не можеме да бидеме и буквалисти, зошто на крајот од денот важно е децата да се живи и здрави и згрижени. Ќе има и настинки и вируси, но сè е минливо и полесно ќе се изгради имунитетот - посочи една од нив.

За крај, овие родители споделуваат совети за родителите кои во иднина треба да ги запишат нивните дечиња во градинка:

- Како што веќе напоменав, само зборување, подготвување - каде се децата, каде се играчките, колку е добра учителката.. имитирање на одење во градинка (му ставав ранче тој излегувше од собата и ми викаше „чао мама“). Ќе биде претешко, ама со надеж дека и тоа ќе помине и сè ќе се среди.

Јас им порачувам на родителите воопшто да не се грижат и да ги пуштат децата да растат во градинка. Сè поминува брзо, и додека се мали побрзо се навикнуваат, создаваат навики кои низ животот ќе им бидат поттик за полесно да совладуваат сè.


Љ.Иванова