Македонија е држава со „војничка“ енергија: Интервју со Симеон Атанасоски, ведски астролог
Од балканските политичари нашиот премиер Заев има трговска енергија, а Ципрас- делумно браманска. Борисов има војничка енергија, а истото се однесува и на неговите министри. Важно е да го знаеме ова – со војници тешко се доаѓа до договор во корист на двете страни– вели Симеон Атанасоски, ведски астролог
Симеон Атанасоски е ведски астролог познат по своите мошне прецизни предвидувања за Македонија и светот почнувајќи од земјотреси и временски непогоди, до политички и берзанските движења. За годинава предвидува дека ќе ја одбележи сината боја, враќањето кон некои стари заборавени вредности и појавата на нови квалитетни луѓе
*Индискиот или џотиш хороскопот, покрај другото, зборува за кармата што треба да ја одработиме во овој живот. Како ова им го објаснувате на вашите клиенти?
-Ведската астрологија која за разлика од западната е прилично математичка и прецизна, зборува и за кармата. Таа не` подучува дека кога ја управуваме светлината во нас и надвор од нас, стануваме среќни. Зборот карма во ведската астрологија значи- работа. Кармата може да ја одработувате свесно или несвесно- разбудени или неразбудени. Ако личноста има добар енергетски капитал, ќе има добро тело, добри родители и добра карма, а ако во претходниот живот имала лош избор на одлуки, направила пакосни работи, ќе добие лошо тело, но во тоа тело ќе има можност да ја развива својата душа. Кармата не е цело време детерминирана и може да се промени. Но, во моментот кога таа е детерминирана, се случуваат најдобрите или најлошите работи во животот.
Кармичката условеност директно е поврзана со терминот „жртва“. Ведската астрологија ве поучува на превентивната улога на „жртвите“ што треба да ги направите. Жртва подразбира определена акција за да добиете одреден бенефит. На пример, да им помагате на постари или немоќни луѓе. Зборувам за благословена жртва, односно за жртва која треба да биде направена во вистинско време кон вистински човек со вистинска намера. Само тогаш таа дава резултати. Жртвата во нас создава сосема друга хемија, а таа хемија дава ослободување што ја намалува кармичката условеност.
*Кога на луѓето им правите ведска натална карта, им сугерирате и бои што треба да ги носат, или скапоцени и полускапоцени камења кои би можеле да ги заштитат... Зошто?
-Сите знаци си имаат различна осцилација во однос на светлоста. Овенот може да осцилира накај црвениот спектар, а Терезијата накај белиот или сивиот, Јарецот може да даде син спектар, додека Лавот златна бела или црвена боја. Со самото раѓање, вашите електрони осцилираат со определена фреквенција. Поволната боја ви прави одредена електрохемија во телото и вие на тој начин сте заштитени од негативни влијанија.
И скапоцените или полускапоцените камења прават одредена заштита. Но, важно е и како е изработен тој камен - дали е со парен или непарен број на полигони. Ако сте Близнак, Девица Стрелец или Риби, каменот треба да биде паралелно избрусен - фреквенцијата треба да биде парна, ако сте непарен знак како Овен, Рак, Терезија...,тогаш треба да носите камен со непарен број полигони.
*Во кој знак и подзнак според џотиш астрологијата е Македонија и каква е нејзината карма?
-Македонија во знак е лав, а во подзнак е овен. Сонцето и месечината исто така и`се наоѓаат во лав. Ние и како нација цело време се вртиме околу сонцето како доминатнен симбол. Оваа натална карта е одредена според референдумот од 8 септември. Претпоставеното време на раѓање е кога народот викнал, проплакал - околу 20-21 часот, кога се отвори и црвено вино. Според ова време на раѓање, условно кажано, станува збор за војничка држава. Кога велиме „војници“ , зборуваме за бројноста на оние со воинствен, натпреварувачки, опортун и борбен карактер. Војничката енергија бара резултат, бенефит само за себе. Ние како нација длабоко во себе носиме некои одблесоци дека сме биле нешто големо во минатото. Тие одблесоци се менуваат - ќе станат бенефитни или штетни, во зависност од нашата свесност.
Во времето на референдумот, планетата што ограничува - Сатурн се качува на врвот на десетото поле – полето што е врзано со име, јавност. А Сатурн во полето кадешто се наоѓа, 27 години ве држи конзервиран, блокиран, ви го отеженува патот – оттаму долготрајниот проблем со името. Ова беше претскажано во самата натална карта која ја направив веднаш по референдумот.
Во старите поделби на мапите Македонија е Јарец, исто така мошне тврдоглав знак. Да имате непроменливи ставови во ова време на брзи промени е мошне проблематично.
*Дали астролошки може да се види крајот на голготата на оваа земја? Не` чека ли подобра иднина?
-Македонија е производ главно на три струи од кои две се доминантни- едната е војничката или „кшатриска“ бидејќи многу од влијателните личности се од огнанетите знаци- Лав, Стрелец, Овен и тие постојано се борат со некого. Нив ги има и кај двете доминантни политички партии, иако кај ВМРО ДПМНЕ е подоминатна војничката струја. Кај СДСМ има поголема застапеност на трговската струја (бик девица и јарец) и браманската која е најдобра ( рак, риба и шкорпија). Една држава напредува кога ја водат браманите –емотивните, сензитивни и флексибилни водени знаци. Тие со својата електрохемија лесно се поврзуваат со својата околина и извлекуваат максимум.
Огнените знаци сакаат да го изгорат другиот. Тие се добри на кус рок или во определен временски период, кога е потребна поагресивна реакција. Сега во Македонија имаме спротивставеност на оган од една страна и земја и вода од друга страна.
А во моментов поотребна ни е браманската од војничката енергија. Ни треба единственост и поврзување меѓу себе.
Кој од светските лидери, според вас, има избалансирана астролошка енергија?
-Новите лидери, за жал, немаат таква висока вибрација, ниту силна харизма како некогашните. Можеби Ангела Меркел, а од старата гарада - Митеран или Хелмут Кол. Што се однесува до балканските политичари – Борисов има војничка енергија а истото се однесува и на неговите министри. Браманска енергија делумно има и Ципрас. Важно е да го знаеме ова – со војници тешко се доаѓа до договор во корист на двете страни.
Премиерот Заев има двојна енергија. Тој е девица со близнаци во подзнак. Девицата е посветена и знае да се жртвува, вредна е, но и двата знака не спаѓаат во браманските туку во трговските енергии.
Во Македонија ќе почнат да се појавуваат квалитетни луѓе од 2020 натаму. Тоа ќе бидат поиспрофилирани луѓе исполнети со знаење не само за себе туку и за целината.
Како менувањето на името влијае врз кармата на државата?
-Дури и да ставите една точка во името – тоа ја менува вибрацијата. А не цела додавка. Сепак, за ова треба посериозна анализа. Ние споро се менуваме и созреваме како нација. Добар дел од луѓето се` уште не веруваат дека воопшто сме подготвени да имаме држава. Мислам дека на тој пат името Северна Македонија за едните може да значи поделба, а за другите поттик.
Какви астолошки влијанија не очекуваат годинава?
-Оваа година Јупитер и Сатурн се во близина на Стрелец и Јарец. Ова астролошки би можело да се прикаже како стар дедо со дете за рака. Комбинација на старост и младост. Интересни придобивки ќе има во уметноста и технологијата. Младите ќе се ослободат, а старите ќе станат млади.Луѓето, генерално, ќе станат поконзервативни, посопoри но и порационални. На светско рамниште ќе има борба за правда и многу протести.
Кај младите ќе се почувствува една чудна поврзаност со стари вредности – можно е некои стари евергрини да ги извадат од нафталин и да ги преработат во нова форма. Генерално, влегуваме во една поедноставна и поспокојна година.
Каква боја или фреквенција според џотиш астрологијата ни носи 2020 година?
-Боите во модата директно се поврзани со циклусите на планетите. Генералната осцилација на годишно ниво во 2020 г., може да оди накај сината боја која ќе биде во тренд поради влијанието на сатурновото поле. Тоа значи студени бои - спектарот на сината боја, но и есенски кафена, есенски жолта. Ќе се носат едноставни дезени, практични обувки, практична облека, едноставни ременчиња. Се ќе биде употребливо, едноставно практично. Може да се вратат фармерките во мода, како и работничките униформи и детали со метални токи.
Што треба обичниот човек да направи во годината што следи за да биде во мир и хармонија?
- Се` почнува од најважната работа – од просторот. Поточно од домашниот просторот. Дури и да имата најхармонична натална карта, ако просторот во кој живеете е нехармоничен, вие нема да можете да остварите бенефит од таа хармонија.
За да бидеме среќни мора да се среди просторот - архитектонски, урбанистички, да има светлина, дистанца, воздух, проветрување – почнувајќи од домот па во поширокото окружување.
Ако го нарушитете енeрегетското ткиво на просторот, тој сам по себе ќе генерира негативна енергија. Луѓето таму нема да бидат среќни. Еден човек од Аеродром и еден од Карпош наутро ќе се разбудат со различна енергија. Утринската фреквенција под високи згради и во сенка резултира со определено психолошко влијание. Ако имате дистанца, кислород и светлина - таа елктромагнетност создава услови за среќа во утрото. Ако имате залепени згради и лош воздух, ќе видите нервозни луѓе.
За да си среќен исто така треба да ги почитуваш авторитетите кои, за жал, ги има малку. Тоа се оние луѓе кои го имаат знаењето и вистината во себе. Тој што ги диктира трендовите со својата вистина е авторитет. За да бидат среќни, луѓето треба да прават и жртви. Треба да сфатите дека жртва понекогаш е и насмевката. Затоа луѓето што се смејат - повеќе добиваат. Добриот збор исто така е жртва. Жртва е и ситен подарок наменет за одредена личност. Или ако седнете со некого и му посветите два часа. Ако тоа го правите со свесност – самиот чин ве полни со енергија и ве прави слободни и среќни.
Мимоза Петревска Георгиева