Македонката Анита од Лондон: Со ќерката го победивме ракот, за коронавирусот ни е доволен само добар имунитет

Добивај вести на Viber

Авторката на книгата „Неверојатни вистини и вистински лаги за канцерот“, Анита Гибсон е Македонка која повеќе од три децении живее во Лондон. За актуелната ситуација со Ковид-19, како и за нејзините шокантни сознанија и искуства досега, читајте во интервјуто за Женски Магазин.

Дали сте сѐ уште во Лондон? Каква е ситуацијата со коронавирусот таму? Колку се граѓаните во паника, дали се пазарува одговорно?

- Да, во Лондон сум, што се однесува на живеалиште, бев со една нога на пат за Македонија кога ги откажаа летовите поради вртоглавото проширување на вирусот, па така останав тука.

Во Обединетото Кралство иницијално и стратешки се одеше на развивање колективен имунитет, за кој треба 60%  од населението да е заразено, луѓе кои ќе станат имуни на вирусот. Но се повеќе оваа стратегија наидуваше на критики во јавноста, па во изминативе денови драстично се менува со донесување на далеку построги мерки на социјално изолирање.  За секоја критика е и неспремноста да се обезбеди навремена заштитна опрема  за медицинските лица кои се на прва линија на фронтот во борба со коронавирусот, како и да се  обезбеди доволен број на тестови. Само во последните неколку дена успеаа да се обезбедат 10,000 тестови на ден, за разлика од Германија на пример каде што се тестираат три пати поголем број на луѓе. Се очекува до крајот на месецот да се постигне тестирање на 100,000 луѓе на ден, но сепак и со таа бројка Обединетото  кралство во секој поглед заостанува позади Германија и другите земји на запад.

Бројката на заболени, починати и излечени се менува од ден на ден и е алармантна, влева немир во јавноста, но не можам да кажам дека се чувствува паника во јавноста, повеќе загриженост. Британците се познати по својата смиреност и разумност и ладнокрвност, што во моменти како што е оваа пандемија е многукратно поволна за справување со ситуацијата. Полицијата многу повеќе е застапена во спроведување на мерките дури и е критикувана за агресивен настап каде што истите не се испочитувани. Обично со високи судски казни како би се поставил преседан.

* За Женски Магазин ја раскажавте вашата семејна приказна за победата над ракот. Дали сега во ваква ситуација како личности со прележана тешка болест се чувствувате позагрозени? Какви мерки преземате?

- Јас и Ребека секако ставаме голем акцент на одржување на имунитетот во оптимална кондиција, тоа е наша религија. Веруваме дека тој е единствениот начин на одржување во ремисија. Вируси, бактерии, паразити итн. се скојдневни патогени со кои нашиот имун систем се справува, а канцерогените ќелии не се ништо поразлични, и ако се даде простор, секако овие ќе го искористат моментот за да го совладаат имуниот сyстем. Значи се работи да не се даде простор, да се асистира на имунитетот за совршено да си функционира. Секако со почитување на мерки на превенција, миење на раце, дезинфицирање на се што се внесува од надвор – внатре,  социјално дистанцирање итн. Со ќерка ми и внучињата контактираме само преку „Фејстајм“ и сме изолирани едни од други. Исто така и со други членови од семејството – држиме строга дистанца. 

* Што правите додека сте во карантин, кои се вашите начини за „убивање на досадата“?

- Терминот карантин за многу означува лимитација, ограниченост, нешто што ни е наметнато, и како одговор на мислата „мене ова ми е наметнато“ умот креира отпор. Не се работи дали дадената ситуација е добра за нас или лоша, чувството дека не сме во  контрола  не прави да се чувствуваме беспомошни, жртви на ситуација на која умот одговара со анксиозност. Всушност анксиозност не е ништо друго туку состојба на умот каде нашата замисла и реалноста се во расчекор, неприфаќање на тоа што е, неживеење во сегашност, туку во иднина, и како таа може да не афектира…обично креирајќи си црно сценарио коо не е ништо повеќе од трик на нашиот ум и на нашата имагинација.

Сега знаејќи го ова, јас си правам договор со себеси, му сугерирам на умот дека имаме  „диверзија на патот“, и можеби ќе земеме друга рута – но целта останува иста.

Мојот начин на живот или планот на денот секако и обично се сведува на  работа од дома во 60 % од времето. Денот ми почнува веќе од 7 часот наутро кога почнувам со  терапии преку кои си го одржувам имунитетот во оптимална кондиција.  Тоа се јога, ФИР сауна, медитација, клизми, трамполине итн. 

Во врска со секојдневието, набавка на намирници правам  онлајн, ако сум доволно трпелива и чекам по 3-4 часа во „виртулен онлајн“ ред на чекање додека не обезбедам термин на доставка. Понекогаш има и по 9 илјади луѓе кои чекаат на термин. Ако тоа не е опција, тогаш  си одвојувам подолго време за набавка во супермаркет.  Чекајќи во редица (понекогаш долга и еден километар) некогаш ги обавувам сите телефонски разговори кои ми се во програм тој ден,  исто така слушам аудио-книга или аудио предавање со слушалки во уши( мулти-таскинг), не дозволувам многу „празен од“. Јас всушност никогаш не сум била позафатена. Знам дека звучи бизарно, но точно е. Откако немам помош со чистење по дома, на мене е да ги превземам и тие обврски. На почетокот на неделата правам распоред на чистење, и секој ден издвојувам по еден час, понекогаш и повеќе  - само на домашни работи.Секако подготвувањето јадење, одзема доста време во текот на денот, ако се спрема  од свежо, и е со намена не само да е вкусно туку и да е корисно. Мојот начин на исхрана дозволува само 30-50 гр карбохидрати, застапувам најмногу здрави маснотии и околу 20 % од храната се протеини.  На моето мени не се наоѓаат  паста, пица или било какво тесто, а за шеќери во било која форма е сосема исклучено. Храната треба да ни е лек, во надградба на имунитетот и во одбрана на бактерии, паразити, вируси. Секојдневно сме изложени на патогени, нашиот одбранбен систем е секојдневно на удар . Мораме да си земеме директна и активна улога и одговорност кон асистирање на овој природен, вроден, внатрешен  процес на одбрана преку исхрана. Знаци тука не смееме  да  правиме компромис. И како се  друго во животот, ако е направено „саглам“,  треба време. Не верувам во „short cuts“и тоа го плаќам со време.

* Како сега после две години, гледате на успехот на вашата книга? Каде Ве доведе нејзината популарност?

- Значи, најголемата ведност на книгата е тоа што ја доведе состојбата канцер под прашалник во јавноста. За што навистина станува збор? Зошто после 60 години канцерот се „лекува“ на ист начин и не сме виделе никакви резултати. Нивото на информираност, едукација и свеста се постави на повисоко ниво ….или да кажеме дека е во процес на подигање.  Тоа е огромен успех, да се пренесе пораката дека не сме толку безпомошни, дека имаме опции, па секој нека избере стратегија на лекување спрема своите уверувања, финансиски можности и свест, мојата цел беше и останува да биде да информирам и да обелоденувам вистини и митови за канцерот, да изнаоѓам начини, методи и терапии кои ќе помогнат да се сузбие оваа состојба.

Од почетокот на патешествието со канцер, првин со ќерка ми Ребека, па понатаму и со мојата лична дијагноза, целта беше да се пржзивее, на секој начин. Акцентот беше ставен врз физичкиот дел или поточно лекување на телото, со помало внимание на умот или психата. За време на мојот престој во Германија, последователно на мастектомијата, бев подвргната на ред алтернативни и имуно-биолошки терапии во текот на утрото. Во попладневните часови третманите што ги добивавме беа многу повеќе врзани за психата и умот.  Преку психоанализа се работеше на потсвеста да се дојде до коренот и причината за настанување на канцерот, и со интензивна работа со различни техники, психолошки третмани – когнитивна бихејвиористичка, хипнотерапија, преку терапии со глина, сликање, пеење, терапија со смеење, јога, медитации, молитви, енергетска медицина, се  негуваше и духот, умот, како и телото. Една од најефективните терапии за мене беше хипнотерапијата, која се спроведуваше групно и исто така еден на еден. Преку состојба на хипнотички транс, кој не е ништо друго туку длабока релаксација на нервниот систем успешно навлегуваме во потсвеста , тука откриваме, менуваме и се справуваме со се што оставило траги и лузни дури од најраното детство и кои во голема мерка ни го диктираат животот преку стари спуштени програми, наследени од нашата најблиска околина, работи со кои мислиме сме се справиле, но всушост останале длабоко сокриени, потиснати во потсвеста. Оттука и мојата последователна посвета на психоанализата, од која хипнозата е подгранок. Терапијата за Рапидна Трансформација е многу поусовршена техника од ‘обичната’ хипнотерапија на Ериксон. РТТ е модел кој комбинира когнитивно – бихејвиорална терапија, неуролингистиц програмирање и хипноза. Под менторство на светски познатата Мариса Пер, хипнотерпевт и советник на принцезата Дијана, Јане Фонда, и многу други познати уметници и членови на кралското семејство на Обединетото Кралство, се квалификував како РТТ терапевт и практитионер во август 2019.

Во услови на карантин, Терапијата со Рапидна Трансформација со Хипноза со која работам со јавноста, ја правам групно или индивидуално користејќи се со апликацијата „Зум“, која е феноменална и одговара на потребите.  Неуморно работиме на допринос на добротвоната организација Yes to life“, здружение за интегративно лекување од канцер, едно од водечките хуманитарни организации во Обединетото Кралство од која сум дел, да ја спасиме од финансиски пропаст. Во оваа финансиска криза во која светот се наоѓа, добротворниот и хуманитарен сектор е прв на удар. „Неверојатни вистини и вистински лаги за канцерот“ доживеа истотака голем успех во Обединетото Кралство откако излезе во продажба на почетокот на годината, од чии средства од продажба  се насочени кон  поддршка на оваа организација.

* Што прво ќе направите кога ќе заврши пандемијата?

- Кога размислуваме за иднината, или живееме од агол на што ќе правиме кога ќе заврши пандемијата всушност ја  пропуштаме можноста  „за растење“, ги пропуштаме лекциите кои треба да се извлечат од ситуацијата во која се наоѓаме. Ова е време на преиспитување на вредности, на согледување на работите на ниво на свест, соочување со  работите какви се, а не какви ние си ги замислуваме кога живееме брзо темпо на живот и кога функционираме  на „авто пилот“.  Така да не размислувам многу за кога пандемијата ќе заврши, живеам колку што можам повеќе во сегашноста. Секако, многу планови ми се пореметија, но јас на ова гледам како на диверзија, целта останува иста, но патот до неа е поразличен од испланираниот. Секако не можам да дочекам да си ги изгушкам сите оние кои ги сакам и кои физички ми недостасуваат. Се надевам сите од ова искуство ќе научиме да не пропуштаме дадени шанси, можеби нема истите никогаш повеќе да ни се презентираат.

* Ваш апел до граѓаните или порака.

- Во овие моменти кога животот нѐ искушува, кога сме предизвикани на двобој, мораме да го запаметиме правилото на џунглата, и тоа не е „најјакиот опстанува, туку најадаптибилниот опстанува“. Тие кои се прилагодуваат на новите услови и истите ги прифаќаат без  отпор – тие ќе излезат од ова како победници.

Премногу долго сме зависници од надворешни стимули, барајќи разонода, среќа, смисол и квалитет на нашето постоење надвор од себе. Време е да се вратиме назад кон себе, да ја бараме и да ја пронајдеме убавината во себе. Знам дека ова звучи филозофски, но така јас го доживувам ова време на социјална изолација. Отргнете се од шпекулации, од статитстики, од критики, само-сожалување, од социјални мрежи на коспирации, на ловење во матно. Време е за духовност, време е за инвестиција во себе.Ова е време на „ресет“! Искористете го позитивно!

Даница Караташова