Македонка со оригинален изум: Ќебето на Ивана го намалува стресот

Добивај вести на Viber

Отсекогаш ми беше сон да направам нешто што би допрело до многу луѓе. Секој почеток има многу предизвици и тешки моменти. Вербата, поддршката и љубовта од моите најблиски ми помогна да верувам во себе со мали чекори да достигнам голема цел

Ивана Трајановска е родена и израсната во Крива Паланка. Од 2011-та се наоѓа со адреса во САД, во Сан Франциско. Во изминатите 5 години работи како продукт дизајнер и развивач на бизнис во компанија за технологии во Силиконска Долина.

Трајановска е голем ентузијаст со мотивација за креирање нешто ново. Токму таа е дизајнерот на ќебето кое помага за намалување на стресот и инсомнијата, како и за релаксација на целото тело.

Промоцијата на ќебето која траеше само 25 дена направи предпродажба од 129,624 долари. Алфа ќебето се најде на американскиот пазар во април годинава и оствари голем успех.

За прекрасното Сан Франциско, за Алфа ќебето како и за носталгијата по родната Македонија, прочитајте во продолжение во интервјуто со Ивана Трајановска, за Женски Магазин. 


* Дали беше тешко да направите толку голем чекор (како млада девојка) и да заминете во Америка?

- Отсекогаш ми беше сон да направам нешто што би допрело до многу луѓе. Секој почеток има многу предизвици и тешки моменти. Вербата, поддршката и љубовта од моите најблиски ми помогна да верувам во себе со мали чекори да достигнам голема цел.

* Како избравте да студирате Индустриски дизајн во Сан Франциско?

- Отсекогаш сакав уметност и дизајн. Уште од мали нозе, длабоко во себе чувствував дека тоа ќе биде мојата кариера. Се преселив со Сан Франциско во 2011-тата на студии. Уште од првиот ден се пронајдов тука, знаев дека тоа е моето место на земјата. Во Сан Франциско уметноста е во воздухот. Тоа ме поттикна да аплицирам на ,,Academy of Art University”, индустриски дизајн со специјализација во дизајнирање на продукти. Индустриски дизајн покрива дизајнирање продукти за секојдневна употреба, технологија, мебел, исто така дизајнирање автомобили и воздушен транспорт.

* Што за Вас претставува архитектурата, а што дизајнот?

- Архитектурата и дизајнот се поврзани на многу полиња. Започнуваат со идеја која бара посветеност, упорност и прецизност. Гледајќи од уметнички аспект многу дизајнери преку своите иновативни продукти, модернистички погледи и креативност потикнале промени во начинот на градба на многу места во светот.

* Како дојдовте до идеја за дизајн на такво ќебе кое е нешто сосема ново за пазарот? 

- Сакав да направам производ кој со својот дизајн ќе може да помогне на глобaлна скала, без разлика на раса, години и пол. Правејќи истражувања, најдов материјали во кој што оваа техника е опишана како природна терапија во медицината која што била користена со децении. Кога тежината е поставена врз телото ги стимулира мускулите и делува како еден вид на масажа. Со Алфа, мојата цел е да ја оптимизирам поврзаноста на ќебето во форма на човечка фигура, со што ќе може да биде до 700% повеќе ефикасно во споредба со секој друг продукт од овој тип. После многу примероци, различни дизајни и тестирања, Алфа стана комплетен продукт.

* Како помина продажбата на ќебето во април, колку сте задоволна? 

- Продажбата помина одлично, продолжуваме да го прошируваме брендот на американскиот пазар, а воедно се прошируваме низ Европа и Азија. Секојдневно добиваме позитивни пораки од потрошувачите кои после многу години поминати во борба со инсомнија, Алфа им помогна да имаат мирен и здрав сон.

* Дали би сакале Вашите производи да се најдат и на македоскиот пазар?

- Секако, мојата цел е производите да бидат во секоја земја, вклучувајќи го и македонскиот пазар.

* Што ја прави една жена успешна?

- Амбиција, самодоверба и љубов.

* Каков е патот до успехот, дали мислите дека жените се поуспешни од мажите?

- Уникатна комбинација од вештини, начин на размислување и способности кои треба да се вклопат за да се остварат големи соништа. Според мене успехот не е детерминиран на база на пол или раса. Верувам дека сите ние имаме исти можности за кариера и успех, се зависи од тоа колку сакаме да вложиме во себе.

* Што Ве восхитува во Сан Франциско?

- Секој блок во Сан Франциско е посебен и преубав на свој начин. Ако треба да изделам тогаш би рекла мостот Golden Gate и Викторијанските Кули. Кога ми е потреба инспирација, доволна е една кратка прошетка во Сан Франциско и секогаш имам можност за нови идеи.

* Колку е различен животот таму, од животот во Македонија?

- Како и секаде има позитивности и негативности кога живееме надвор од родниот крај. Голема позитивност е тука дека секој има можност за успех и секој труд е забележан и награден. Начинот на живот тука е многу побрз, подинамичен што се врзува со многу поголем стрес.

* Што Ви недостасува од родната земја?

- Најмногу ми недостасува фамилијата, моите пријатели и нашата македонска топлина.

* Среќа Ве прати и на приватен план, со сопругот Пол често имате авантуристички патувања и иако сте од различни култури, изгледа дека одлично се разбирате.  Како се запознавте, дали сте се соочиле со стереотипи поради вашата врска?

- Со сопругот се запознавме пред точно 6 години, додека работевме на маркетинг проект. И двајцата отсекогаш сме биле заинтересирани за нови култури, јазици и интелектуален развој. Често добиваме интересни коментари за нашата врска, но стереотипите се најмалку важни кога станува збор за љубов.

* Kако гледа сопругот на Македонија, дали му се допаѓа?

- Пол е воодушевен од преубавата, недопрена природа и македонската историја. Блискоста, топлината и љубовта од луѓето го посетија на Тајланд, неговиот роден крај. Според него Македонија е земја со големи можности и потенцијал, каде е потребен процес на реконструкција и развој.

* Како би се опишала во една реченица?

- Јас сум едноставна личност која сака да патува, да споделува моменти со најблиските и сум пасионат за нови, креативни идеи.

* Bаше мото кое Ве води низ животот?

- Јас верувам секоја идеја има можност да стане реалност, доколку кон нејзина реализација се вклучува многу љубов, верба и тешка работа. Моето мото е: ,,Everything is possible, just imagine.” 

* Kако и каде се гледате себе си за 10 години? 

- Се гледам во постојан развој. Се надевам дека со моитре продукти ќе имам можност да помогнам на многу луѓе низ светот. Алфа ќебето е само почеток на мојата мисија. На приватно поле се гледам со раце полни со дечиња и многу убави моменти споделени со најблиските.

Даница Караташова