Македонско девојче ја освои Германија: Интервју со Елеонора Поповска

Добивај вести на Viber

Да се биде најдобар, значи да се победат најдобрите, вели Елеонора Поповска, македонското девојче со кое може сите да се гордееме. Годинава, според платформата Competititonline таа и нејзиниот тим се на прво место во цела Германија. Избрани се меѓу 30 илјади архитекти. Нејзината приказна за успехот и за одлуките кои од него произлегуваат, денес ви ја раскажуваме на Женски Магазин

* Како се најдовте во Берлин, што Ве натера да се образувате во Германија?

- Долга приказна, но ќе пробам да ја раскажам во кратки црти. Во летото 2014та беше организиран конкурс помеѓу А.Ф. - Архитектонски Факултет, УКИМ, Скопје и DIA - Dessau institute of Architecture, Dessau, Germany, наречен „Learn with Bauhaus, be part of DIA“. Двајцата студенти кои ги добија првите награди - стипендии за изучување на архитектонската мастер програма на DIA, бевме јас и Александар Врангалоски (*my partner in „crime“:)!) И така започна целата авантура…

DIA се наоѓа во Dessau, мало гратче на 100тина километри од Берлин. Мастер студиите се одвиваа на кампусот покрај Bauhaus музејот. Траеја четири семестари. Во тој период запознав многу прекрасни луѓе од различни култури, нации и континенти. Остварив нови контакти и пријателства и научив многу нови нешта, како за архитектурата, така и за животот. Целата етапа заврши навистина среќно за мене, бидејќи летото 2016та не само што успешно магистрирав, туку и ја добив Robert-Oxman наградата за најдобра магистерска теза на DIA. Со неа следеше и понудата, да продолжам да работам како асистент на Архитектонските Студија со Prof. Alfred Jacoby, кој во моментот беше декан на DIA.

Понудата секако ја прифатив. Останав уште една цела учебна година таму. Во овој период научив со какви сè предизвици се соочуваат професорите. Процесот на „пренесување“ знаење е нешто сосема поинакво од процесот на „добивање“ знаење.

Токму во овој период се преселив во Берлин, кој навистина е повеќе од главен град на Германија. Берлин е вистински метрополис со извонредна историја и жива архитектонска сцена, тој е повеќе парче од светот отколку град, што би рекол J.P.Richter - Berlin ist mehr ein Weltteil als eine Stadt.

 Дoделување на дипломи, DIA, Bauhaus, Dessau, 2016 

* Како станавте дел од интересната екипата на Heinle, Wischer und Partner Freie Architekten? Кој беше вашиот предизвик? Кои беа вашите очекувања?

- Токму во периодот кога привршував со работата на DIA, летото 2017та година почувствував дека е време за нови предизвици. Токму во моментот кога аплицирав во повеќе фирми во Берлин, мојата колешка и пријателка Александра Шулевска - со која заедно студиравме на А.Ф. и на DIA ми ја препорача фирмата во која работи - Heinle, Wischer und Partner.

Уште за време на првото интервју знаев дека HW+P е вистинското место за мене. Се работи за навистина голема компанија, која брои повеќе од 300 вработени и има седишта во пет градови: Берлин, Штутгарт, Келн, Дрезден, Вроцлав… Фирмата е специјализирана за проектирање и изведување на големи објекти со јавни намени: музеи, библиотеки, институти, универзитети, училишта, министерства, болници..

Јас сум дел од тимот за натпревари и најчесто соработувам со еден од осумте партнери во фирмата Еdzard Schultz. Имам прилика да работам на конкурси за објекти од секаков јавен карактер. На пример, во почетокот на 2018та година бев дел од тимот кој успешно го освои првото место во натпреварот за преструктуирање и модернизирање на универзитетскиот клинички центар во Олденбург. Се работи за навистина гигантски проект, кој брои повеќе од 35.000 м2 и ќе се изведува во наредните осум години.

Берлинскиот тим за конкурси на HW+P, Berlin, 2018

* Колку е креативно модернизирањето на една таква клиничка/универзитетска болница?

- И покрај тоа што постојат безброј правила и стандарди кои го ограничуваат креативниот процес, организирањето на една болница, каде, во кој било контекст.. Буквално секоја минута значи живот или смрт (без хипербола). Тоа е низа од проблеми, кои не можат да се решат без креативни идеи.

* Добивате ли поддршка во развивање на своите идеи? Дали германскиот тим ве прифати без проблеми? Постои ли јазична бариера?

- Секако, се чувствувам како добредојден и значаен дел од тимот. Процесот на преточување апстрактни идеи и концепти во архитектура е дел од мојата секојдневна работа.

Нашиот оддел е интернационален. Токму затоа сметам дека не постои значајна јазична бариера, зборуваме англиски и германски истовремено. Меѓу другото, ние архитектите секогаш комуницираме преку нашиот универзален јазик - цртежот!

Оваа година според платформата „Competititonline“ сте на првото место во цела Германија како најуспешен тим за натпревари! Претпоставувам не е лесно да се биде избран помеѓу бројка од 30.000 архитекти. Тоа веројатно знае да донесе и голем товар. Ви пречи или Ве мотивира уште повеќе? Кои се позитивните, а кои негативните страни?

- Да се биде најдобар, значи да се победат најдобрите. Ова не е едноставно, бидејќи конкуренцијата е голема. Ова достигнување е навистина значајно и е резултат на неуморната работа на секој член од тимот, која често подразбира и максимална посветеност. Сепак сметам дека сме само повеќе мотивирани од целата ситуација, бидејќи нашиот вложен труд покажа извонредни резултати.

Елеонора во фоајето на седиштето на HW+P, Berlin, 2018 

* Дипломиравте пред две години, но одлучивте да не се враќате во Македонија. Зошто?

- Сметам дека сѐ уште постојат нешта кои треба да ги осознам тука.

* Правците на архитектурата во светот и тука во Македонија како да не се совпаѓаат, кои се вашите впечатоци?

- Мојот личен впечаток е дека архитектурата секогаш претставува медиум за отсликување на времето, културата и идентитетот на општеството, односно цивилизацијата на која припаѓа. Без разлика на нејзините квалитети или бројни недостатоци, архитектурата во Македонија денес е директен резултат на невообичаеното време во кое се наоѓа нашата земја.

* Каква архитектонска визија би сакале да донесете во Македонија во иднина?

- Современа, човекомерна и контекстуална. Како што веќе споменав, верувам во архитектура која го отсликува времето на кое припаѓа.

* Што би требало да се направи во Македонија, за да можат талентираните кадри да го дадат својот потенцијал во родната земја?

- Да се овозможи поле за независно, професионално исполнување на младите талентирани луѓе за чии квалитети Македонија овозможила развиток, но, не и систем за економско вреднување на истите.

Тргнувајќи од сопствениот пример и од оние на најблиските, од 10те најдобри пријатели архитекти со кои студиравме на А.Ф. во Скопје, седуммина се некаде во светот, а не во Македонија. Сметам дека во Македонија во моментов, постои голем јаз помеѓу универзитетската и професионалната сфера, посебно кога станува збор за архитектура. А.Ф. произведува извонредно квалификувани кадри, кои тешко наоѓаат платформа за понатамошно професионално развивање.

* Ви недостасува ли нешто од Македонија додека сте во Германија?

- Секако, да. Многу нешта. Најмногу од сѐ ми недостига семејството. Добрите пријателки и пријатели. Лазарополе во раната пролет. Скопје кога цветаат липите и топлото јужно сонце. Токму затоа, често се враќам дома.

* Каква е Елеонора надвор од своите деловни предизвици? Што правите во своето слободно време? Што ве прави среќна?

- Сакам да минувам време во природа. Пливам. Често возам велосипед заедно со Вранги и Лазо.. Фотографирам, цртам. Сакам да патувам, најпожелно со воз, додека слушам фина музика или читам интересна книга во сѐ уште неистражени градови (се смее).

* Каде се гледате себеси за 10 години?

- Хммм… Интересно прашање. Искрено… Некогаш го знам одговорот, некогаш не… Иднината е секогаш непредвидлива за некој што неуморно сонува. Некогаш се гледам себеси во Германија, некогаш во Македонија… Некогаш во сосема друга земја… Некогаш имам свое архитектонско биро, можеби имам свое семејство… Во сите сценарија сум љубопитна за работите кои сѐ уште не ги знам и секогаш создавам добра архитектура.

The future belongs to those who believe in the beauty of their dreams! - E. Roosevelt

За Женски Магазин, Вики Чадиковска