Македонско сирење во светот: Перспективни новини во „Млекара Здравје“
Домашни млечни производи ќе се извезуваат во Европа и на рускиот пазар, откако млекарницата „Здравје“ , ги воведе IFS и BRC стандардите за безбедност во производството на храна. Во млекарницата во Битола, не пречекаа Радмила Василевска, директорката на контролата на квалитет, истражување и развој и оперативниот директор Сашо Василевски.
За време на прошетката низ погонот на модерната битолска фабрика, каде се забележува дека, особено внимание е посветено буквално на секој детаљ, домаќините ни раскажаа дека и рускиот пазар ќе увезува квалитетно домашно тврдо сирење по италијански рецепт. Млекото што се откупува од ЗК “Пелагонија“ со дневно количество од 50 тони го одржува нивото на европските стандарди и правилници со помалку од 100.000 бактерии и до 400.000 соматски клетки на мл.
Нешто што пред Новогодишните празници ќе ги израдува најмладите е новата амбалажа на млекото, со слика од Дедо мраз.
„Изминатите неколку месеци нашиот тим интензивно работеше на имплементација на IFS и BRC, интернационално препознатливи стандарди кои фокусот го ставаат на процесот на производство на безбеден производ. Овие стандарди даваат насока за стандардизација на процесите и елиминирање на евентуалните можни неусогласености. Системот е така поставен да може на лесен и едноставен начин да ги идентификува местата каде што би можела да се појави некаква неусогласеност во производството. На основа на тоа, ние преземаме корективни мерки преку кои се следи и унапредува ефикасноста на целокупниот производствен процес. Со имплементацијата на овие престижни стандарди, на нашата компанија во значителна мера и се отвора пазарот и пристапот кон големите европски синџири на маркети. Со активностите кои во последниот период ги презема Млекара Здравје, сакаме уше еднаш да ја потврдиме нашата определба за производство на квалитетни и безбедни производи, меѓутоа и нашата интенција нашите производи да бидат пласирани пред меѓународните потрошувачи“, изјави Радмила Василевска.
Покажувајќи ги новите производни погони на Млекара Здравје во Битола, оперативниот директор Сашо Василевски ни рече дека тие се во финализација на инвестицискиот циклус кој според неговите очекувања, треба целосно да заврши до крајот на оваа година. Со добивање на сите стандарди, фабриката е подготвена за извоз на сите пазари. „Покрај традиционалните македонски производи на кашкавал, Млекара Здравје почна со производство и на италијански тврди сирења кои се развиваа со италијански стручњаци во изминатата година и кои наскоро ќе се извезуваат на Рускиот пазар. Со оваа активност, Млекара Здравје со сигурност ќе стане најголемиот извозник на сирење од Македонија“, изјави Василевски.
По посетата на погоните, може да се забележи дека останува уште да се финализира инвестицијата за кисело млечен програм. „Опремата е набавена од најреномирани светски компании и процесот ќе биде комплетно автоматизиран. Исто така, инвестиравме и во човечки ресурси и е формиран млад и перспективен тим кој што во наредните години ќе управува со фабриката“, додаде Василевски.
Радмила Васливеска додаде дека со активностите што оваа компанија во последно време ги презема, сакаат уште еднаш да ја потврдат нивната определба за производство на квалитетни и безбедни производи, меѓутоа и нивната заложба производите да бидат пласирани пред меѓународните потрошувачи.