Малиот Илче закрепна: Тажната приказна заврши со плеснување на рачињата и едно големо браво

Приказната за Илче од Охрид ја обелоденија медиумите пред околу две недели, кога министерот за здравство Филипче лично повика Илче да биде итно пренесен во Скопје на Детска клиника.

11-годишното момче било напуштено од родителите, а тој преживувал со чаша млеко на ден, една година неискапен. 

По хоспитализирањето на момчето мајката го изгуби родителското право над него, а денес Венко Филипче ги објави радосните вести дека момчето е закрепнато и од Клиниката ќе биде префрлено во мал групен дом.

„Илче од Охрид по десеттина дена лекување и нега на Клиниката за детски болести успеа со плеснување на рачињата и едно големо браво да се збогува со тимот лекари кои се грижеа за него. 

Илче здрав и расположен си заминува во мал групен дом. Неговата состојба кога беше хоспитализиран беше тешка, а денеска со надеж дека Илче ќе има шанса за подобар живот го испраќаме седнат расположен за игра и насмеан да влезе во новото семејство.

Огромна почит за сите здравствествени работници, тимот психолози, дефектолози, лекарите и сестрите кои цело време се грижеа за него!“ - напиша министерот за здравство на својот Фејсбук профил.