МАЛИТЕ ЧОВЕЧИЊА НА ЉУБОВТА

Добивај вести на Viber

Пред четири години на 20 октомври во 9:11 часот љубовта доби ново име. Се вика Алекс. Од тој ден мојот живот доби нова димензија. Од тој ден, секој ден, се трудам да бидам подобар човек…

Вчера му беше роденден на моето дете. Свети посилно од сонцето, грее појако од огинот, радува повеќе од сè на светот. Малото човече со големо срце често знае да каже: Ти си најдобрата мама на светот! - На тоа му одговарам: Ти правиш да бидам таква. Те сакам од тука до небото. - А тој додава: А јас, тебе, те сакам од тука до небото и назад. Не… од тука до вселената и назад! Не знам колку му се јасни овие универзумски бесконечности и на кој начин неговото мало мозоче ги разбира, но сигурна сум дека љубовта ја чувствува најсилно. Неговите зборови, ко мармалад и слатко, ми се инспирација за мојата прва книга за деца што ја пишувам периодов. Рокот да ја предадам приказната на издавачите ми беше до вчера. Напнато беше, но, го предадов материјалот на време. Ќе може раат да славиме роденден (се смее).

Прв пат пишувам за деца. Нивниот јазик има поинаков толломер. Во светот на децата не „палат“ тешки зборови, претенциозни термини, интелектуални мастурбации и слични јазични гимнастики, туку само чиста емоција. А таквата есенција е најтешко да ја постигнеш! Ќе можам ли да ја издавам од мене во толку чиста форма? Ќе можам ли да го „доловам“ чувството без да го шминкам, маскирам или китам? Ќе можам, ама најпрво морам да размислам што ми важно во вредносниот систем кај детето. Зедов хартија (да, да… бел лист хартија, а не светлечкиот екран на компјутерот) и почнав да пишувам. Сакав да се преиспитам себе си што ми е важно во процесот на растење дете, за да ги искристализирам пораките што би сакала да ги пратам преку мојата нова книга, овој пат, за прв пат книгичка за деца. Еве што излезе од мојот интимен „бреинсторминг“…

Не ги суди луѓето! Oбиди се да ги разбереш, стави се во нивни чевли, во туѓа кожа... Ха... понекогаш дури и ми успева, па си мислам дека конечно сум се „просветлила“, ама често паѓам на тестот, особено кога е во прашање односот кон животот што треба да им го всадиме на нашите деца. Овој проблем не ми е од вчера. Темава не ми се наметна откако пред четири години станав мајка, туку си влече корен одамна. Не мора да си родител за да ти е грижа како се воспитуваат новите деца кои утре ќе го остават овој свет поубаво или погрдо место на своите поколенија. Всушност, ова ми е една од најважните теми за кои сум пишувала, оти во неа е инкорпориран цел систем на вредности што понатаму се рефлектира на секое поле во животот – од тоа како ги делиме ирачките со другарчињата во градинка до тоа дали го делиме оброкот со сиромавиот кога ќе пораснеме; од тоа како се учиме да си го собереме ѓубрето зад нас во паркот до тоа дали рециклираме или компостираме... Дали ги сакаме и ги почитуваме животните или мислиме дека сме господари на оваа планета... Дали сме зависни, пакосни мали човечиња, кои ќе пораснат во љубоморни сопруги и посесивни мајки... Списокот е долг и тој завршува со комплексот на малите пениси на политичарите или политичарките (родово сензитивниот пристап го објаснува преносното значење на зборот „пенис“ и кај жените-политичарки, не само кај мажите политичари, сфатен не како биолошка одредница или како полов орган, ами како орган на инфериорност).

Значи, од мали нозе се учиме во какви интеракции влегуваме со другите и какви релации ќе градиме со соседите, пријателите, шефовите, љубовниците, туѓинците. Дали ќе градиме доверба или ќе се сомневаме во сè и во сите околу нас, вклучително и во себеси? Ќе бидеме ли чувствителни и емпатични кон другите луѓе или егоистични „дебелокошци“? Ќе негуваме ли амбиции за голема и скапа куќа или за мал, но топол дом? Ќе го мериме ли успехот по тоа колку заработуваме или, пак, по тоа дал навечер заспиваме среќни? Ќе го читаме ли Фром или ќе се отвораме на Цеца? Упс... пак судам. Не можам, посилно е од мене. Но, да, судам, затоа што на овој свет му се потребни радикални промени од корен, а тие промени можат да почнат од нас, сегашниве и идни родители на деца, со начинот на којшто ќе ги воспитуваме малите човечиња кои утре треба да станат ЛУЃЕ.

Од раѓањето дете врз родителите паѓа лавина од прашања, стравови и фрустрации. Да се биде добар родител не е работа што се учи на училиште. Да се биде добар родител е работа на срцето. Тоа е несомнено една од најтешките работи во животот. За мене, тоа е најнесебичното искуство со кое човек може да се збогати на патот на елиминација на егото. А одговорноста е огромна, оти со воспитувањето дете, ти создаваш вредносен систем во светот. Кога си родител, не си родител само на твоето дете, ами си родител на целиот свет. Малку луѓе го разбираат ова, можеби затоа што секој тргнува од своето чергиче во дворот – на моето дете да му е добро, па за другите... нека му мислат нивните родители. Така се создава свет полн со егоизам. Деца разгалени и крајно себични, утре возрасни луѓе без емпатија.

Мораме да си признаеме дека здравиот емотивен развој на детето зависи од нас. Децата често разбираат повеќе од што можат да покажат. Внимателно ги слушаат и ги впиваат сите наши зборови што ги изговараме гласно, додека им ја потценуваме нивната моќ за расудување. Истражувањата покажуваат дека кога детето ќе наврши две години, мозокот има ист број синапси како и мозокот на возрасен човек. А човечкиот мозок е во изградба во текот на првите три години од животот. До петтата година детето формира мислење за тоа дали е сакано и посакувано, паметно или глупаво, убаво или грдо и дали за луѓето околу себе претставува радост или мака. Па, така, на пример, психолозите забележуваат дека многу возрасни луѓе не се чувствуваат пријатно кога се работи за физички допир. Заклучокот е дека многу од нив во детството не биле прегрнувани и допрени.

Затоа, единствената работа за која човек никогаш не може да згреши е давањето љубов. Нема грешки што се прават од премногу љубов. Всушност, нема нешто што се вика „премногу љубов“, иако оваа фраза често ја слушам меѓу родители кои се плашат да не ги разгалат своите деца, притоа не разбирајќи дека децата не се разгалуваат кога им давате многу љубов, туку напротив, кога недоволната љубов и недоволното внимание ги компензирате со играчки, подароци и разни материјални работи. Истите тие деца, преплавени со предмети од кои зрачат технологии, етикети и брендови, во иднина стануваат алчни по материјални богатства, не знаејќи да се радуваат на малите секојдневни нешта. За жал, се покажува дека на новите деца им е потребно повеќе возбуда, повеќе дразби, повеќе стимулации за да чувствуваат, да се смеат и да се радуваат. Голем дел од тие нови деца страдаат од недостаток на концентрација, хиперактивност, емоционални изливи на бес и разни модерни синдроми што медицинската наука и психологијата ги именуваат како АДХД, тантруми и други.

Покрај другите фактори, честопати, ваквите состојби се резултат и на нашето немање време да си играме со нив, без да правиме, во исто време, уште десет други работи. Потребно е да научиме да имаме трпение за грешките што ги повторуваат, да имаме доволно енергија и по стопати да им раскажуваме за работите што треба да ги научат, да имаме ентузијазам додека растат колку и да ни се натрупани стотици обврски во денот поврзани со нив и со милион други работи. Да имаме насмевка на лицето додека им зборуваме. Да ги гледаме директно во очи кога им се обраќаме. Вниманието, грижата и љубовта, што несебично им ги посветуваме на нашите мали и нови патници на овој свет, се клучен билет за здрава и среќна иднина на човештвото.

На моето дете и на сите деца би сакала да им пренесам неколку совети за кои се инспирирав читајќи една прекрасна книга. А мнозинство работи што денес ги препорачуваат експертите, мудрите родители инстиктивно ги применувале уште од настанокот на светот. Еве неколку од нив:

Секој пат кога нешто сакаш, сееш семе.

Клуч за успехот е довербата во себе.

Сите добри работи се движат. Не сакаат да бидат затворени на едно место.

Перфекционизмот се базира врз стравот и врз контролата.

Поседувањето не е гаранција за среќа.

Способноста да му се радуваш на животот е најголемото богатство што можеш да го поседуваш.

...Ако овие правила успееме да ги повнатрешниме во нас, тогаш сме чекор поблиску до спокоен и самоуверен животен стил со кој ќе зрачиме на сите околу нас. Така ќе успееме да го скршиме јазот меѓу она што како родители го зборуваме и она што го практикуваме или како се однесуваме. А дали е возможно да се биде добар цело време? Дали во секој миг можеш да бидеш духовен гуру на своето дете? Се разбира дека не. Сите правиме грешки, но она што нè прави добри луѓе е признавањето на сопствените грешки, но и прифаќањето на туѓите, а најважно од сè – желбата постојано да учиме и да се тренираме себеси да бидеме подобри луѓе. На крајот на краиштата, постојат две вредности што можеме да им ги оставиме на нашите деца – едната од нив се корените, а другата крилјата. А кога на човек ќе му дадеш крилја, тој лесно ќе се извиши над калта.