Малку време имав за радостите на празникот Велигден: Одблиску со Нина Ангеловска
Женски Магазин ја започнува новата рубрика „Одблиску со жени лидерки“.
Прва во рубриката ја имаме министерката за финансии, Нина Ангеловска. Таа ни раскажа како е да се биде на функција лидер, но и како го помина денешниот голем христијански празник.
*Процентот на жени на високи позиции во Македонија, е далеку од европскиот просек. Какво е чувството да се биде на позиција, какво е Вашето искуство како жена која има лидерска позиција? Се соочувате ли со предрасуди, омаловажувања?
-Родова рамнотежа во политичката застапеност и учество на жените на клучни позиции претставува заложба на ЕУ како прашање на правда, еднаквост и демократија. Дадени се конкретни препораки за постигнување на оваа цел, вклучително и специфични активности што можат да ги преземат институциите на ЕУ, националните влади, политичките партии, граѓанското општество и медиумите. За прв пат претседател на Европската комисија е жена, на чело на ММФ е жена како и на Европската централна банка. Можеме да кажеме дека имаме и ние напредок што порано не беше случај и го следиме трендот, па за прв пат кај нас имаме Гувернерка, имаме Вицепремиерка за економија, Министерка за финансии, Заменик министерка за финансии, Дополнителна заменик министерка за финансии, Државна секретарка во Министерството за финансии, жени на врвни менаџмент позиции во регулаторните тела, во банките. Кога ќе видите, кај нас економијата скоро целосно ја водат жени. Кристин Лагард рекла „да беше жена на чело на Lehman brothers немаше да се случи Светската финансика криза во 2008“. Понатаму, гледано според моќта на жените ние сме подобри од ЕУ просекот, главно поради застапеноста на жените во Собранието, согласно утврдените квоти за избор на пратеници од помалку застапениот пол во Парламентот.
Околу предрасудите кај нас само ќе кажам дека далеку повеќе се чувствуваат во политиката отколку во бизнисот...
*Дали и колку Вашата работна позиција Ви остава простор и време за приватноста, може ли подеднакво добро да се справувате на двете полиња, или сепак работната позицијата бара поголема посветеност?
-Откако дојдов во Министерството за финансии многу се промени начинот на кој функционирам. Борбата е да се заштеди, да се купи време и истото да се усмери кон уште некој таск кој треба да се заврши. Особено со новонастаната ситуација со коронакризата. Работните обврски ми започнуваат наутро од 8 часот, секој ден имаме кризен штаб, па владини седници, конференциски повици, координации, маилови - сетоа тоа до полноќ и по полноќ. И следниот ден се од почеток.
*Дали и какви потешкотии Ви донесе пандемијата во работата?
-Ако предизвикот беше голем, а тајмингот далеку од идеален кога влегов на оваа позиција - во време на прекројување на ланскиот буџет и подготовка на новиот, на помалку од половина мандат на оваа Влада - сега во време на вонредна состојба кога се бориме со еден “невидлив непријател” и кога светот се соочува со најголемата криза - предизвиците се неспоредливи и од сосема друг размер и обем. Состојбата е сериозна и бара сериозен пристап особено на позицијата која ја имам односно управување со државната каса.
Се што е предвидено на приходната страна практично “не важи” и сега кога економијата е ставена во мирување поради владини мерки за заштита на здравјето, а од друга страна треба да им се помогне на сите да го пребродат периодот и да се амортизира ударот предизвиците не се големи туку се огромни. Постојано сме во анализи со различни сценарија и предвидувања на непозната траекторија. Во вонредна состојба сме па оттаму сите нормални активности стануваат сложени, не само од аспект на обезбедување на средства туку и од аспект на извршување на истите.
Велам адаптибилноста е една од највредните особини кои може да ги има човек. Како што рекол Чарлс Дарвин, нема да преживее ниту најсилниот ниту најпаметниот, ќе преживее најадаптибилниот. Второ, сите знаат дека постојано ја истакнувам технологијата која може да ги олесни процесите и секојдневниот живот. Сега се докажува тоа на дело. Во ситуацијата во која се наоѓаме единствено со технологијата можеме да продолжиме да функционираме и да ги обавуваме работните активности - речиси сите состаноци ги држиме со комуникациските апликации, пролетните средби на ММФ и Светска банка се одвиваат исто електронски, сите процеси и работните задачи се прилагодуваат сега за работење на далечина без физичко присуство. За мерките кои ги лансиравме за компаниите постапките за апликација се по електронски пат и сл. Се може да стане електронски. За тоа се залагав и пред да се случи коронакризата, но сега е веќе јасно дека упатувањето во таа насока не е луксуз, туку потреба. Ќе кажам - да престанеме да гледаме проблем во шансите, туку да почнеме да гледаме шанса во проблемот. Навистина верувам дека колку и да е тешка оваа криза, таа ќе не направи подобри и посилни. Многу работи нема да бидат исти, голем дел од процесите ќе се трансформираат, ќе се дигитализираат - а тоа на долг рок ќе биде бенефит за сите. Граѓаните ќе променат дел од нивните навики кон пософистицирани и современи. Практично многу работи кои претходно се сметале за опционални во нашата земја - сега повеќе не се прашање на избор.
*Како го поминувате времето во изолација?
-Не би рекла дека поминувам време во изолација - со оглед на активностите. Секој ден сум во Министерството за финансии. Голем дел од состаноците сега се одвиваат онлајн, преку различни алатки за комуникација, што во некоја рака и заштедува време. Секако препораките за заштита како маска и ракавици, физичка дистанца, ги почитувам, и сметам дека тоа треба сите да го прават.
*Како ги поминувате Велигденските празници?
-Работниот ангажман не остава простор за одмор, како ни да посветам повеќе внимание на одбележување на големиот христијански празник. Малку време имав резервирано за оние мали радости во духот на празникот, како фарбање јајца и неделен ручек, овој пат различно односно не во круг на пошироко семејство, но само најтесното.
*За крај , Нина Ангеловска за Женски магазин ја сподели Велигденската традиција, која таа и нејзиното семејство ја негуваат.
-Воспитана сум во духот на традицијата на православната христијанска вера и од мала на Велики четврток бев многу ангажирана со велигденските јајца. Мислам дека се сме пробувале - од бојадисувањето со природни бои од зеленчуци, како со зелка, цвекло, спанаќ до украсување со детелини, цртање, со восок и др. Таа традиција од дома ја негувавме и во компанијата која ја водев до неодамна - секоја година имавме различна тема и боењето јајца претставуваше тимска активност секоја година за празниците. Оваа година се е сведено на некоја најбрза варијанта, поради состојбата и работата.
*Д.Караташова