Мажите треба да се ценат според жените што ги имаат покрај себе: Интервју со д-р Јана Марин
Силна, амбициозна, едуцирана, успешна и секогаш гласна за улогата на современата жена во општеството. Доволен повод да разговаравме со д-р Јана Марин, директор и член на Одборот на директори на Клиничката болница „Аџибадем Систина“
Д-р Марин по професија е стоматолог. Во 2009 година магистрирала на престижниот универзитет „Бокони“ во Милано, на Одделот за интернационален здравствен менаџмент, економија и политика. Како советник на министерот за здравство работела на широк дијапазон теми од областа на здравствената политика и на економското планирање во јавното здравство. Менаџерските вештини пренесени од врвни предавачи ги надоградува во Harvard Business School и престижната Kellogg School of Management. Сега, со својата едукација, стручност, менаџерски способности и иновативност ги води клучните проекти на „Аџибадем Систина“. Д-р Јана Марин со задоволство прифати да зборува за професионалниот ангажман и за ролјата на жените лидери, за стереотипите, предрасудите и предизвиците.
* Клиничката болница „Аџибадем Систина“ од самото отварање поставува високи критериуми за работа. Со минатогодишното вградување на целосно вештачко срце, кое медиумите го квалификуваа како „Историски ден за македонското здравство“, уште еднаш покажа дека е лидер во воведување нови интервенции. Што значеше тоа за болницата?
- Ние како болница секогаш сме биле пионери во изведувањето на комплексни, на најнапредни и на најмодерни интервенции. Секогаш сме се труделе да бидеме први. За тоа е потребно секогаш посветеност на топ-менаџментот, а во истовреме да ги имате најдобрите доктори кои што се подготвени и воиграни со целиот тим на болницата за да го изведат тоа.
Уште кон средината на минатата година најавивме дека влегуваме во една мошне обемна Програма за трансплантација. Вградувањето на првото целосно вештачкото срце во Македонија – а само второ во поширокиот регион, беше еден предвесник, односно прекурсор којшто треба да нè води кон интервенцијата на трансплантација на срце. Total artificial heart е во суштина еден мост помеѓу моментот кога срцето како орган кај човекот откажува и не може повеќе да функционира до моментот додека да се најде соодветно срце, донирано срце, за да се направи трансплантација. Total artificial heart му овозможува на човекот еден нормален и квалитетен живот во тој период. Со самото изведување на оваа интервенција покажавме дека сме подготвени да влеземе и во програма на трансплантација на срце. Го имаме тимот, предводен од исклучителниот експерт д-р Александар Николиќ, шефот на нашата кардиохирургија, ги имаме техниките и сите останати предуслови. Планираме да влеземе и во програма на трансплантација на бубрези, бидејќи го имаме тимот со најголемо искуство за оваој тип на интервенција. Ќе отвориме и друга нова програма, а тоа е трансплантацијата на коскена срцевина.
Ние како болница секогаш сме биле пионери во изведувањето на комплексни, на најнапредни и на најмодерни интервенции. Секогаш сме се труделе да бидеме први
* Дали ова значи дека трансплантацијата е новиот следен голем предизвик за „Аџибадем Систина“ и за Вас лично како здравствен менаџер?
- Пред речиси една година, во Аџибадем Систина го организиравме првиот интернационален симпозиум за трансплантации, каде што учествуваа имеѓународни експерти од болниците на Аџибадем групацијата и од нашето јавно здравство. Таму дискутиравме, дебатиравме и ги најавивме плановите за јавно приватно партнерство. Во една поширока мрежа на соработка, направивме програма за трансплантација која ќе биде успешна и која што драстично ќе ги намали трошоците на нашата држава за изведувањето на тие интервенции што денеска се изведуваат во странство. Тоа е можно и кај нас, бидејќи ние сме дел од една огромна Аџибадем групација, која што во Истанбул го има најдобриот Центар за истражување и центар за трансплантации. Кога зборувам за центарот за истражување, зборувам за генетски лаборатории кои работат на истражување на нови клетки, техники и методи што ќе го подобрат резултатот од трансплантацијата на коскена срцевина. Една од спецификите која што беше изложена и на тој симпозиум е дека пациентите на Аџибадем групацијата во одредени случаи можат да бидат третирани без имуносупресија. Тоа е една од најголемите придобивки на тие клинички истражувања. Кај трансплантацијата на коскена срцевина се прави имуносупресија и тогаш организмот е исклучително чувствителен на инфекции, па најголемите ризици се во постоперативниот период. Ние имаме техники и методологии кои што овозможуваат пациентите да преживеат и да имаат квалитетен живот на многу поедноставен и поздрав начин од она што досега се практикувало дури и во Европа.
* Да се вратиме сега на другиот аспект на Вашето битие. Гласно зборувате за различната перцепција на жените наспроти мажите во бизнис светот. Како жена лидер, со кои предизвици, со кои стереотипи и предрасуди се соочувавте додека ја градевте Вашата професионална кариера?
- Веќе почнав лично да прифаќам дека на многу маси надвор од оваа болница кои што ќе имаат одлучувачка моќ, ќе бидам најверојатно единствената жена. Тоа се случува кај нас. Жените се прифатени во ова општество, на различни претставнички нивоа им се дава улога. Меѓутоа, во моментот кога ќе дојде до одлучување, до извршна моќ, тука се случува нешто што ги фаворизира мажите, а жените не ги добиваат тие позиции. Дури и да ги добијат, моќта на одлучување им е лимитирана или начинот на кој се перцепираат е лимитиран. Кога жената ги има сите карактеристики на добар лидер, односно на она што литературата и практиката го дефинира како добар водач, а тоа се – одлучност, одговорност, наметнување на ставови и слично, тогаш перцепцијата за таа жена е дека е “ладна”, дека е многу арогантна, дека е наметлива. Кога истите карактеристики ги манифестира маж на истата таа позиција, тогаш тој е успешен лидер, тој е одлучен, тој размислува правилно, превзема одговорност. Тоа е стереотипот, перцепцијата која до денес ја имаме. Не велам дека некогаш и јас тоа не сум го перцепирала така. Веројатно затоа што ние од жените очекуваме постојано да манифестираат одредена доза на емоции, емпатија или некој вид на поблаго, помеко однесување. Но, кога тоа го покажуваат, пак, од друга страна на овие позиции постои ризик да бидат перцепирани како слаби, односно да не им биде дадена комплетната одлучувачка моќ која што треба да ја имаат.
Веќе почнав лично да прифаќам дека на многу маси надвор од оваа болница кои што ќе имаат одлучувачка моќ, ќе бидам најверојатно единствената жена
* Според Вас, кои се принципи на патот на успехот за една современа жена?
- Јас верувам во неколку принципи во животот за да направите успешна кариера, независно дали сте маж или жена. За да седите на врвот на организацијата и да дојдете до тоа место потребно е многу работа, потребен е интегритет во функционирањето и во одлучувањето, а секако потребна е и добра едукација. Независно дали сте маж или жена, овие работи мора да ги имате за да успеете и да опстанете! И јас се придржувам кон нив. Не ретко сум била во ситуации да бидам единствена жена на масата. Јас сум единствена жена во Бордот на директори кај нас во Аџибадем Систина. Бев единствена жена во Бордот на директори на Аџибадем Сити клиник во Бугарија заедно со девет мажи, а сега сум единствена жена во Бордот на директори на International Balkan University. За среќа, во „Македонија 2025“, каде што исто така седам во Бордот на директори, не сум единствена жена и таму имам исклучителни колешки. Овде морам да нагласам дека жена која не е во никакви фамилијарни врски со сопственичката структура, а седи на таа позиција, е голема реткост на нашите простори. И не велам дека на почетокот не ми било чудно, ама денес ми е сосема нормално и јас на таа маса не се чувствувам поразлична или помалку почитувана од колегите.
* Дали објективизацијата на жените е реално секојдневие?
- Сѐ уште постои предрасуда дека убава жена може да биде и паметна жена. Во ова општество убава жена е комплимент на некој маж кој што ја финансира. Убава, паметна и независна жена сѐ уште, во прв момент, ни е тешко да прифатиме. Јас сум многу среќна што сѐ повеќе гледам многу убави и многу паметни жени. Сакам да бидам опкружена со такви жени, бидејќи верувам дека убавите жени се и среќни жени, се и многу поуспешни од сите други. И дека секоја жена е убава на свој начин. Ова е тема која многу емотивно ја доживувам, бидејќи чувствувам дека имало периоди кога нашата држава е водена од групи или група на таканаречени лидери кои што наметнуваа систем на вредности кој тотално ги дискредитира жените. И ако сакаме да бидеме подиректни, беше водена од група на несигурни и исфрустрирани мажи кои нивната несигурност и немање на соодветни квалитети го маскираа со агресија и со омаловажување на жените. Верувам дека успешен маж е оној што има среќна жена покрај себе. Мажите треба да се ценат според жените што ги имаат покрај себе, без разлика дали е тоа нивната сопруга, партнерка.. Тоа многу кажува за тој маж, за тој човек, што почитува, како одлучува, што преферира и како ќе се однесува во битни моменти. Изборот на жената е клучен момент. Како ја донел тој таа одлука, така ќе ги носи сите одлуки во животот. И тоа е еден принцип на огледало кој, кога го научив, ми помага многу за да сфатам со кого имам работа и со кого разговарам отспротива. Само исклучително сигурен маж кој што е задоволен и свесен за своите вредности може покрај себе да има силна и успешна жена и да ја поддржува и во кариерата, да ѝ дозволи да биде жена и да биде успешна.
* Како, според Вас, општеството да создаде прифатливи услови за реализирање на жените?
- Нашето општество треба да почне од почеток – од концептот на почит. Треба прво да почнеме да се почитуваме себе си и да ги почитуваме луѓето околу себе. Истовремено да ги почитуваме жените. Да ги почитуваме нашите мајки, сестри, баби, сопруги. Почитта кон жената се учи од мали нозе, не се учи на 40 и на 50 години. Тоа е нешто што е одраз на домашното воспитување. Доаѓа од семејствто во кое сме растени. Ако тоа семејство е базирано на љубов и почитување, ние ќе имаме почит и за жените во општеството, бидејќи само општество со среќни жени ќе биде успешно општество. Жената е таа чии што карактер и вредности се отсликуваат во целото семејство. Ако жената е среќна и задоволна, тогаш и децата ќе растат така. Тогаш и семејството ќе биде такво. А семејството е основната единка на општеството.
Почитта кон жената се учи од мали нозе, не се учи на 40 и на 50 години. Тоа е нешто што е одраз на домашното воспитување
* Кои беа Вашите професионални соништа во тинејџерските години?
- Секогаш бев многу амбициозна и секогаш, без ни малку скромност тоа можам да го кажам – ме интересираше да стигнам до врвот. Било каде да сум, знаев дека треба да бидам на врвот бидејќи и пред сè тоа ми овозможува да направам најголеми промени и да направам нешто подобро околу себе. Во секоја фаза од животот сум се стремела да се подготвам добро и да дојдам на врвната позиција. Така беше и во средношколските денови, така беше и на факултет. И во развојот на кариерата знаев дека за да имате врвна позиција треба да имате и врвна позадина. Затоа и одев на добри училишта, што ми даде добра основа да можам да го правам ова што денеска го правам. Кога зборуваме за амбиција и за развој, да, јас сум на една од врвните позиции во здравството во Македонија, меѓутоа ова ќе го поврзам со еден друг момент што мислам дека вреди да се спомене. Најголемите реформи во здравство, најголемите придвижувања во здравствените системи во светот се направени од жени. Двете најпознати реформи се на Маргарет Тачер во Англија и на Ангела Меркел во Германија.
* На што прво помислувате кога ќе се спомене Охрид, градот од кој потекнувате?
- На моето семејство, тоа е првата помисла. Исто така добивам слика на еден од природно најубавите градови, можеби и во светот. Но, најмалку искористените, односно несоодветно организирани за да може да го капитализираат она што го имаат како природна убавина и како капацитет. И тука има многу простор за работа и раазвивање. Јас сум една од тие што мисли дека треба во државата да постои добро елабориран закон за Охрид, бидејќи тој е нашиот драгоцен камен.
* Каде ја насочувате енергијата кога не сте фокусирани на работата? Како се релаксирате? Што Ве опушта?
- На работа (се смее). Читам доста. За жал, заради работните обврски, со спорт не се занимавам многу во последно време. Освен понекогаш кога можам да украдам некој час од самата од себе си и тоа време да го посветам на јавање коњи. Тоа ми е некоја пасија. Исто така, играњето голф знае да ме релаксира, тоа е комбинација кога истовремено мора да сте опуштени и фокусирани. Потоа, доста патувам, тоа е нешто што ме исполнува. За среќа, на овие патувања можам да консумирам и малку култура од светските метрополи. Уживам кога гледам добар балет или опера. Пред некој месец, во Метрополитен операта во Њујорк ја гледав Јоланда од Чајковски, едно исклучително доживување што ми ги наполни батериите.
За среќа, во „Македонија 2025“, каде што исто така седам во Бордот на директори, не сум единствена жена и таму имам исклучителни колешки
* Современите жени сѐ повеќе претпочитаат да живеат сами. Дали кај жените лидери партнерите најчесто имаат комплекси на пониска вредност?
- Зависи од партнерот. Јас не знам дали сопругот на Ангела Меркел има комплекс на помала вредност. И не мислам дека има. Исто така, не мислам дека сопругот на Колинда Грабар Китаровиќ е помалку вреден. Напротив, за тие мажи мислам дека се комплетни личности кои што им дозволиле на своите жени да бидат лидери и немаат никаков проблем да живеат покрај нив. Жените лидери не се без чувства и не се без потреба за партнер, не се помалку жени. Само исклучително умен маж може да го најде тој баланс. И тоа не значи дека е помалку вреден. И на жените лидери им треба многу посилен маж од нив, не послаб. Бидејќи, бидете сигурни во тоа – силна жена не може да ја одушеви слаб маж!
Ѓорге Стојанов