Мед и млеко
Животот (не) е мед и млеко.
Може да биде блескав но и безмилосен.
Еднаш ангел, другпат ѓавол.
И во Скопје и во Холивуд.
Можеш да бидеш славен без пари, и богат, а анонимен.
Да изгледаш како победник, а всушност си бил жртва.
Да те паметат по улогите, по моќта, по богатството, по изгледот и гардеробата, по скандалите, браковите и разводите, зависи дали сте биле вредни како пчели или сте летале од цвет на цвет.
Можеш да го гушкаш Оскар, а да не го освоиш, а можеш да имаш и Џокер во ракавот, па сѐ да изгубиш.
Можеш да изгледаш бомба како Шарлиз Терон, Никол Кидман или Марго Роби , ама таа да експлодира и да влезеш во историјата.
Ништо не е како што изгледа.
И во Скопје и во Холивуд.
Си се смеел во јавност, а си плачел во себе.
Си делел совети, а си ги криел траумите.
Си се фалел со витата става, а дома си повраќал од прејадување.
Си бил слаткоречив, а те судат за семејно насилство или сексуално вознемирување.
Си делел правда, а си бил најголем криминалец.
Си имал жена како Анџелина Џоли, а тагата си ја лечел со алкохол или со старлети.
Ќилимот е моќен збор и во Скопје и во Холивуд.
Смртниците може да ги направи богови, а боговите-смртници.
Мачомените-папучари, папучарите-мачомени.
Дамите-калаштури, калаштурите-дами.
Зависи во кој филм сте. Македонски, холивудски или боливудски.
Сѐ ќе се види вечерта, на 9 февруари, на доделувањето на Оскарите.
Дали „Медена земја“ ќе не искачи на филмскиот Олимп или ќе ги слушаме коментарите: Што ви реков?
До отварањето на шампањското, чајот ќе продолжиме да го пиеме со мед, а кафето со млеко.
Некои навики тешко се губат, нели!
Лејла Сабит