Мерките нема да помогнат да се преброди кризата: Данела Арсовска пред очекуваниот рестарт на стопанството
И стопанството се наоѓа пред еволуциски предизвик – ќе преживеат тие што ќе се прилагодат на големите промени кои коронавирусот ги внесе во сите сфери на нашите животи. Сите статистики на светско ниво јасно укажуваат на негативните последици што оваа пандемија, освен на здравствен, ги предизвикува и на економски план. Женски внимателно и со висок степен на емпатија, особености кои обично им се припишуваат на жените, Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија, кој обединува 35 комори и организации и над 24.000 членови, ги објаснува предизвиците, плановите и протоколите пред очекуваниот рестарт на стопанството.
*Полека влегуваме во фазата два од пандемијата – постапно рестартирање на стопанството. Идејата е да се тестира дали економијата може повторно да функционира без последици по здравјето. Може ли?
- Очекувајќи постепено релаксирање на рестриктивните мерки, приватниот сектор функционира со голема претпазливост и намалена динамика. На најпогодените сектори - туризам и угостителство, трговија на мало, образование, приватните здравствени и установите за згрижување деца, бројни услужни дејности, поточно сите оние кои пресметуваат и највисоки загуби - им следува период во кој ќе треба да се адаптираат за да опстанат. Не е мал бројот на претпријатија кои поради прекин на дејност предизвикана од кризата, немаат воопшто никакви приходи и се соочуваат со потешкотии да ги покријат основните месечни трошоци. Следува период на предизвици, но мора да се овозможи економијата да биде во континуирано движење.
* Новите услови на живот наложуват и нови правила на работните места. Дали производството може да ги задоволи мерките на физичка оддалеченост од најмалку два метра? Дали тоа може да биде испочитувано и во други деловни простори, кои имаат ограничена површина на располагање?
- Секој сектор има своја специфика и затоа е потребна широка консултација и засилување на дијалогот со реалниот сектор, за да се обезбеди проток на информациите и за да бидат мерките и препораките од надлежните институции реално применливи. Самата состојба воспостави начин на живот, во кој и во иднина ќе биде неопходно да се води грижа за здравјето и индивидуално и колективно. Ќе биде потребно да се делува на подигање на нивото на свесност за да се обезбеди максимална заштита и прилагодување на новата реалност. Усогласување на производните процеси со препораките и стандардите ќе биде неопходно, но уште поважно е со добра култура на однесување и квалитетно нејзино спроведување да нема ригидна потреба од социјално дистанцирање.
*Поради неопходноста од бројни адаптациии, се чини, веста за можното олеснување на рестрикциите и за рестарт на стопанството не е само добра вест. Како е примена меѓу претприемачите? Како новата реалност ќе влијае врз стопанските дејности?
- Двигател на македонската економија се претприемачите, малите и средни претпријатија кои вработуваат над 80 отсто од вкупниот број вработени граѓани во приватниот сектор и претставуваат 99,8 % од регистрираните правни субјекти. Претприемачите се борат да ги зачуваат своите работни места и да ја одржат својата ликвидност.
Според нашите анализи, претпријатијата од сите сектори ги чувствуваат негативните ефекти од кризата, но оние кои беа затворени со уредба на Владата и со мерките за заштита од вирусот се најпогодени. Тие и сега ќе се соочат со најмногу предизвици, кои покрај тековните трошоци, ќе опфаќаат и дополнителни трошоци за воведување мерки за заштита, дистанцирање и дезинфекција. Повеќе фактори ќе влијаат за успешен почеток, а можеби ќе биде потребна и кампања за стимулирање и субвенционирање на домашната потрошувачка, бидејќи граѓаните се резервирани во моментов поради моменталната ситуација.
Прогнозите за тоа како ќе влијае на работењето на стопанството олеснувањето на рестриктивните мерки и колку брзо ќе се опорави економијата од кризата, во голем дел зависат од системските мерки за економски спас кои се очекуваат од институциите за намалување на штетите.
*Постојано се става акцент на помошта од државата. Корисни ли беа мерките што беа понудени?
- Во најновото истражување на Сојузот за влијанието од пандемијата и за економските мерки на Владата, учествуваа компании од сите големини - 73 отсто се микро, 21 отсто се мали, 5 отсто се средни, а само 1 отсто се големи субјекти, што реално ја отсликува и националната економија, во која 99,8 отсто од вкупниот број регистрирани правни субјекти во земјата се микро, мали и средни претпријатија. Истражувањето покажа дека 99 отсто од компаниите трпат штети во одреден размер, а најголем дел од претпријатијата, односно дури 86 отсто од анкетираните сметаат дека економските мерки не се во согласност со потребите и нема да ја исполнат целта да се преброди состојбата.
* Што значи очекуваниот рестарт за луѓето кои ја загубија работата во овој период? Ќе бидат ли ревработени?
- Во голем број од дејностите се вложуваат труд, средства и инвестиции за да може кадарот да одговори на брзите промени на технологиите и дефицитарноста на одредени професии. Нешто што се гради со години сега е пред неизвесност за опстанок. Секое претпријатие сака да продолжи со работа и да го задржи бројот на работните места, но како резултат на непредвидливоста, генерираните трошоци и намалениот обем на работа за очекување е работните места да се намалат. Главна причина за ова е неликвидноста на компаниите - немаат никаков приход, а во исто време се оптоварени со трошоци, долгови и кредити. Единствено со квалитетни економски мерки за спас во периодот кој следува би можело да се очекува враќање на работните места.
* Колку време е неопходно за корекција на штетите настанати во овој двомесечен принуден застој на стопанството?
- Кризата ги вовлече економиите на глобално ниво во рецесија, а периодот на закрепнување не може никој со сигурност да го предвиди имајќи ја во вид непредвидливоста на самиот предизвикувач на состојбите. Ситуацијата е уникатна, а неможноста добро да се антиципира иднината е голема кочница за економијата, особено ако таа е нестабилна и подложна на влијанија како што е нашата. Тоа што можеме да предвидиме е дека кризата неминовно ќе се прелее и во 2021 година. Меѓународните финансиски институции ги објавуваат своите најнови прогнози за негативен економски раст. И анализите на Сојузот на стопански комори потврдија дека рецесијата е неизбежна.
*Во време на целосно отсуство на предвидливост – што воопшто може да предвидиме?
- Со сигурност можеме да потврдиме дека претприемачите, кои се столб на македонската економија, веќе бараат креативни решенија за развој, се обидуваат да ги дигитализираат своите процеси и да бидат подготвени за сè што следува. Неопходно е институциите, користејќи ги сите расположливи ресурси, да креираат можности за прилагодување на новите услови.
* Ова е во светски рамки најголем застој, по големата рецесија. Да го преведеме тоа на обичен јазик - што значи тоа за нашите животи?
- Новата реалност е дека и оваа како секоја криза ќе заврши, по што постои можност за нов почеток, прилагоден на условите, но и со научени лекции за општеството да е подготвено за можните идни слични состојби.
Јасна Франговска