Ми беше топло околу срцето: Северина славеше со граѓаните
Хрватскиот
приморски град Ријека заедно со ирскиот град Голвеј од синоќа се европски
престолнини на културата. Цела Хрватска славеше долго во ноќта и уживаше во
културната програма под мотото„Пристаниште на различности”. За цела 2020 година се планирани повеќе од 600
културно-уметнички настани во кои ќе бидат вклучени над 300 организации и
уметници од 40 земји од Европа и од светот.
Регионалната-поп ѕвезда Северина, облечена во нежна, долга тоалета, дојде на настанот со сопругот Игор и привлече најмногу внимание кај хрватските медиуми. На Инстаграм таа сподели фотографии но и силна порака дека и било топло околу срцето.
На свечениот настан во Риека присуствуваше и македонска делегација предводена од министерот за култура Хусни Исмаили.
-Храбро, одмерено, концепциски прецизно отварање на европската престолнина на културата, црвената Риека го обели образот на Хрватска, сподели на својот Фејсбук-профил Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата.
Изборот на европски градови на културата е една од најпознатите културни иницијативи на стариот континент, со традиција од 1985 година, на иницијатива на тогашна грчка министерка за култура, Мелина Меркури. Градовите се бираат врз основа на културна програма која мора да има силна европска димензија – промовирање на учество и активно учество на жители на градот, заедниците и разни заинтересирани страни, со цел долгорочен развој на градот и околниот регион.
Во 2019 година, бугарски Пловдив и италијанска Матера ја понесоа титулата Европска престолнина на културата, додека идната година таа чест ќе им припадне на Темишвар од Романија, грчка Елевсина и српски Нови Сад.